вторник, 5 февраля 2008 г.

САМО ЕДНАШ - ЕН СЕКСТОН

Само еднаш знаев зошто е животов.
Во Бостон, некако одеднаш, сфатив;
одев покрај Чарлс Ривер,
гледав како светлата се копираа едно со друго
сите неонски и заслепувачки, отворајќи
ги нивинте усти како оперски пејачи;
броев ѕвезди, мои мали придружници,
моите празнини хризантеми, и знаев дека одам, љубов моја,
по зелената страна од ноќта и им плачеше
моево срце на колите од исток и им плачеше
моево срце на колите од запад и ја премина
мојава вистина по малото заоблено мостче
и ја испрати мојава вистина, нејзиниот шарм, дома
и ги собра сите овие константи во утрото
само за да исчезнат.

Препев од англиски: Љупчо Петрески

СРЕЌНА ЉУБОВ - ИРЕНА ТУВИМ

Постојано доаѓаш. Јас сум среќна девојка.
Но, се простуваш од мене рано, за разлика од порано. Брзаш?Каде? И зошто?
Сакаш да ме изгубиш? Ако треба, ќе умрам. Имај милост.
Не гледај ме туку-така в очи. Криеш нешто. Кажи ми. Не зборувај.

Мајска ноќ, шарена како кинеска оперета,
Мириса на мокар асфалт, на Париз и на платниште небо.
О, раце мудри и праведни! Товарот твој јак, а лесен!
Ах, што би правела без вас? Заминуваш? Остани. Не треба.

Истекуваноќта, добро знаеш дека се плашам од муграта,
Не сакам сама да го видам тоа рано срамежливо небо.
Се плашам од тивките чекори. Спаси ме од крцкањето на клучот,
што звучи како некоја лоша приказна, кога ќе се затвори портата.

Ќе ја затворам по тебе вратат тивко, како срцето, што умира,
Без да го добијам најлесниот шепот. Ги притискам рацете на градите.
Ме учиш што е тоа љубов. Ја знам на памет. А, сега,
Ме учиш на самотија и ме учиш на смрт.

Препев од полски: Емил Ниами

ОНА ШТО ОЧИГЛЕДО ЌЕ ГО НАЈДАМ – КЕН ФОСТЕР

Беше на Магазин Стрит во Лоуер Гарден кога за првпат го сретнав Пит. Стоеше на постулатите од руинираниот комплекс станови каде имав закажано да видам стан за 150 долари месечно, за што мислев дека можам да си го дозволам бидејќи на мојата невработеност и дојде крајот.
-Не сакаш да живееш тука, - рече Пит, - можеме да најдеме подобро.
Сум го видел претходно, како се мотка низ студентскиот дом, каде што престојувам. Пит престојуваше таму, се додека не го замолија да си замине. Постоеја некои гласини, но никогаш не знаеш во што да веруваш. Нешто дека должел пари за собата. Но, сепак, тој повторно се враќаше, барајќи нови пријатели. Се моткаше во холот ова утро, кога ме слушна како закажувам средби за барање стан низ цел град, вклучувајќи го и тој на Магазин Стрит.
- Ми го украде состанокот, - реков.
Пит рече “Задоцни.” Ја крена капата завртена нопаку и помина со раката низ неговата црна коса пред повторно да ја стави назад. Неговата коса, потстрижена едноставно, беше излезена од под краевите на капата.
- Се обидував да направам некакво резиме, - реков.
Го поминав утрото во Францускиот кварт, седејќи во кафетеријата Калди, слушајќи џез и двоумејќи се каков вид на резиме да направам. Ако ги наведев добрите работни места што ги имав во минатото, можеби ќе изгледав преквалификуван за типот на работа што ќе ја добијам. Но, ако ги изоставам, луѓето ќе се прашуваат што сум правел цело ова време. Така најмногу што правев ова утро беше мојот отсјај во големите бронзени урни.
Пит рече, “Сакам да се пробивам во животот и без резиме.” Го рече тоа како само да сакаше да ме утеши или да си докаже себеси, дека се е океј, дека за се ќе се погрижи. Тоа беше тогаш кога решив дека го сакам за пријател, бидејќи знаев дека не може да му се верува. И се додека не можам да му верувам нема да може да ме разочара.
Се преселив во Њу Орлинс кон крајот на јануари, бидејќи не знаев ништо попаметно да направам, ако не друго барем е топло. Престојував во подрумот на едена пријателка во Портланд, спиејќи на душек на подот од собата која била на ќерка и пред да избега од дома. Само што ме отпуштија од работа - полноќни дежурства во Кинко, правејќи копии за шизофреничарите во близина на куќата – не планирав да останам подолго, но не планирав и што да се прави следно. Најчесто седев во дневната чекајќи го сонцето да изгрее, но некако тоа многу ретко се случуваше. Седејќи кабина наспроти Пит, сфатив дека не ќе да е постар од ќерка и на мојата пријателка. Се прашував дали знае дека имам скоро триесет.
Првите неколку дена во Њу Орлинс, го испоминав градот, со помош на моето сетило за мирис. Тревниците на погорните имоти, беа означени со нешто слатко, со привремени облаци чад како запалено лисје. Облаците прашина се издигаа зад трамваите на Чарлс Стрит. Во квартот, на Дектур Стрит, деновите беа исполнети со мирисот на шеќер во прав што доаѓаше од Кафе Ду Монд, заменето навечер со смрдеата на повраќаници и урина од пијаните туристи; но некако благиот мирис се провлекуваше и остануваше со мене, подолго и посилно од што било.
Мерките за време и пари беа променливи. Можеше да биде вторник или четврток или, пак, сабота. Никој како да знаеше точно. Две минути, два часа, два дена, два месеци. нечиј кеш може да трае седмица или да исчезне за едно попладне. Барам некаква си стабилност.
- Посакувам да има нешто да се прави интересно вечерва, - рече, - знаеш?
- Сакаш да одиме на пијалак? - го прашав.
Пит имаше дури и помалку пари од мене, ама имаше едн куп бонови за храна. По секој оброк и давав на келнерката крединта картичка која никогаш не планирав да ја покријам, а имаше малку на неа да се искористи, Пит ќе ми платеше со боновите за храна, давајќи ми секогаш малку повеќе, но никогаш онолку колку што јас посакував. Подоцна кога ќе останев без пари и живеев на тестенини и слични глупости, ги разменував боновите во Тајм Сејвер. Понекогаш ќе земев и два хот-дога за еден долар. Во многу лоши денови, ќе го потрошев останатиот четврт долар на сирење.
Пиејќи кафе во Калди, најдов паднат водич за Карневалот кој испаднал од средината на локалниот весник. Парадите што се одржуваа за време на Карневалот се провлекуваа дури до центарот, цик-цак низ соседствата неколку пати на ден, запирајќи го сообраќајот, всушност за време на Карневалот и немаше некаков сообрајќај. Тоа беше последна шанса за забава пред да заминат за Лент. Сите одат на парадите, или, ако се доволно среќлии да бидат поканети, тие се на еден од оние подвижни подиуми, разголени, маскирани, дразнејќи се, задевајќи се и покажувајќи ги своите ликови на публиката - Бахалиус, Орфеј, Рекс, Пегас... Градот ечи од електричните генератори на подиумите. Жените ги покажуваат цицките на публиката за да им фрли повеќе мониста, мажите на подиумите поминуваат сигурно покрај нив, мажите маскирани можат да побараат што сакаат, и најчесто го добиваат она што го сакаат.
Луѓето доаѓаат фамилијарно, татковците ги носат децата на раменици да гледаат, или во парови мажи и жени, преминувајќи ја таа линија за анонимен бакнеж. Грасмедианите се дел од публиката која се собира да се бори за подароци од организаторите, познати како Неутрален терен.
Вечерта на парадата на Баханалиите, стоев на неутралниот терен на аголот од Чарлс Стрит и Наполеон, гледајќи толпата што поминуваше истура пластични чаши, мониста, карти, и други дребулии во рацете на луѓето пред мене. Гледајќи како вечерниот воздух во Њу Орлинс не спроведува светло, како светлото се собира во воздухот околу светилките, и само платформите на најбогатите организатори беа осветлени, иако беа заобиколени со длабока темнина.
Хенри правеше забава на другиот крај од Наполеон. Го сретнав Хенри исто така кога бев во потрага по стан, но решивме дека нема да можеме да живееме заедно. Неговиот газда ја продаваше куќата во која тој живееше, па организираа голема забава пред да ја напуштат. Ми рече дека треба да дојдам. А, во меѓувреме се надевав дека ќе налетам на Пит, за да имам со некој да бидам таму. Можеби би било подобро да заминам со некој дома, ако не е таму Пит. Тоа беше мојата цел. Не беше важно со кого.
Една група по име Ламп, се подготвуваше за свирка во салонот, пивото беше во дворот. Се наведнав над ѕидот зад куќата и гледав една девојка како си игра со буренцето. Имаше уште двајца момци кои стоеја близу неа, и некоја си приватна шега се одвиваше заради цревото и бурето. Погледна накај дворот кон мене и ми се насмевна. Беше слатка, на јужњачки начин. Изгледаше полничко, но секси, баш како филмска ѕвезда што игра калуѓерка - баш такво лице имаше. Дојде накај мене со пиво в рака, препнувајќи се на една вреќа ѓубре во средината на дворот, но успеа да одржи баланс на телото и постојано да ме гледа в очи.
- Се прашував дали би ми помогнал, - ми рече. - Моите пријатели имаат натпревар, и сакам да помогнеш во донесувањето одлука.
- За што е натпреварот?
- Се расправаат кој има најголем кур, - ми рече. - Сакаш да ми помогнеш?
- Не можат сами да одлучат кој има? - ја прашав. Погледнав накај момците. Се уште се заебаваа со цревото.
- Баш и јас го помислив тоа, - ми рече. Се викаше Ејми, и почна да им се восхитува на моите мониста.
- Ги имаш многу по тебе. Луѓето фрлаа со нив на тебе?
- А-ха, - реков. - Така некако, - решив дека ништо не губам ако се обидам и ги начекав сите што другите ги пропуштија. Имам барем едно дузина од нив околу вратот, и купче пластични чаши за мојот нов стан, ако успеам да најдам.
- Имаш право, - рече Ејми. Погледна кон двајцата момци и бурето.
- Погледни ги сите овие, - рече. Нејзиниот врат беше нареден со безброј големи златни мониста. Оние што се чуваат за жени што ги разголуваат градите или му ги пушат на мажите на улица.
- Не ги сакав, ама тие само ми ги фрлаа. Мислиш дека е сексистички?
- Дали мислам дека ако си жена ќе собереш повеќе? - прашав.
- Да. Сакаш од моиве?
- Секако, - и реков.
Почна да извлекува од своите околу вратот, ставајќи ми ги мене. Двајцата момци дојдоа и гледаа. На крај едниот од нив рече:
- Сакаш да го ебеш? Тоа е?
Ејми му се изнасмеа, а тој и неговиот пријател отстапија.
- Мислам дека ќе си одиме и ќе одиме на некое друго место, - ми рече. - Сакаш да дојдеш со нас?
- Не знам, - и реков. – Мислам, да не бидам малтретиран?
Сакав само да заминам некаде со неа и да ја држам за рака, ама не знаев каде би одел.
Погледна кон едно од момчињата и ми рече:
- Не ми е дечко, само некако секогаш завршуваме заедно.
- Океј, - и реков. - Изгледа ќе биде забавно.
Четворицата заминавме заедно по Наполеон, поминувајќи низ парадата, пластичните чаши, монистата, картите и играчките што луѓето моментално ги фатиле, а потоа ги фрлиле. Камиони со затвореници пристигнуваа да чистат. Ејми и јас одевме пред двајцата момци.
- Ти се верува? - ми рече.
- На првата парада на која бев, луѓето се тепаа по овие глупави играчки, - и реков. - Потоа одненадеж се најдов како се борам со една жена на земја заради едена пластична паричка.
Ејми се изнасмеа.
- Еднаш кога ќе фатиш некоја од овие работи, се прашуваш зошто ти била.
- Баш така, - реков.
Откако се пробивме сите четворица низ толпата, типот со кој Ејми најчесто завршувала почна нешто да и шепоти. Пијан шепот, па помислив дека слушам како и шепоти “Мислам дека на твојот пријател му треба некој добро да го изебе”. Кога Ејми се направи дека не го слуша, тој додаде: “А јас ќе бидам тој што ќе го направи тоа.” Таа се поттргна.
Моторот од трамвајот квичеше и пулсираше со што правеше ритмички пумпачки звук, кој туристите го поистоветуваа со беља. Мене ми звучеше како отчукување на часовник фрлен во кутија со малечки мачиња. Може да те успие ако сакаш.
Погледнав кон Ејми и нејзините пријатели и се сетив дека овие работи воопшто не се забавни, како што треба да бидат. Паричка ми помина по образот и падна на земја. Уште една ме погоди по гради. Погледнав назад кон трамвајот. Пит беше таму, смеејќи ми се, држејќи уште една паричка во раката, целејќи накај мене. Влегов внатре и седнав до него. Ејми и нејзините пријатели слегоа на следната станица без да погледнат кон мене.
Пит и јас се возевме до внатрешноста на градот, а трамвајот брмчеше и труеше цело време. Пит ми рече дека се обидувал да ме најде, ама дека бил многу зафатен откако нашол место за живеење. Жената со која живеел била многу добра, рече, иако била дваесет години постара. Беше сигурен дека таа ќе ми најде работа и место за живеење. Ме праша дали се уште го чувам водичот за опстанок, и се прашував дали знаел дека погледнав внатре.
- Извини што те извисив, - рече, - но премногу беше добра понудата да се пропушти. Евелин не ни сакаше пари однапред, ми рече дека можам и да и должам. А и сите ги знае. Дури ми дозволува да ја позајмам нејзината кола. Мисли дека имам возачка дозвола.
Кога и да налетав на Пит на улица, или да му се јавев од говорница, секогаш ме потикнуваше дека треба да најдам работа или мој стан. “Евелин ги знае сите,” ќе ми речеше. “Може нам да ни најде нешто.” Рече “нам” како да бев вклучен во неговиот план, како да беше задолжен да се грижи за мене, но најмногу што имаше направено кога го замолив да ми најде работа беше дека не треба да се грижам. Ќе купевме храна или шише вино со она што останало на картичката, а Пит ќе ми дадеше малку од она што останало од боновите за храна.
Понекогаш ќе се јавев да го слушнам, а Евелин ќе се јавеше и ќе речеше “зафатен е”. Или, “сега гледаме телевизија.” Знаев дека очигледно се ебаваат. Ги замислував како го прават со позадина од серијата Dark Shadows.
Во деновите кога Евелин не беше тука, Пит ќе ме поканеше. Ќе седневме на кујнската маса и пушевме марихуана која ја чуваше во лимена кутија за колачи на масата. Марихуаната беше крупно сечена во големи грутки трева, како качакот на татко ми, и како никогаш да немаше никаков ефект врз мене. Сакав да лебдам, ама ете ти, седев покрај масата на Евелин, слушајќи го Пит, кој кога беше стониран, зборуваше во долги реченици кои звучеа како да траат со часови. Јас само слушав, со што станував потивок.
- Зошто ми дозволуваш да продолжам вака? - ќе речеше Пит, и продолжуваше.
Пит секогаш зборуваше за Кона, каде живееше со брат му цели две години. Ми кажуваше како стонирале со печурки и играле во фонтани и како преживувале јадејќи во хотели и пишувајќи погрешни броеви на собите во сметката.
- Брат ми секогаш велеше дека никогаш нема да не фатат, - велеше.
- Знам како е кога му веруваш некому и потоа дознаваш дека не требало.
Пит ја испружи раката преку масата и покажа кон мене. Посегна и го стави прстот на една малечка лузна под моето лево око. Помина со прстот нежно по неа, на единственото место на кое ме допре.
- Како го доби ова? - праша. - Дали некој ти го направил ова?
Конечно го достигнав нивото на немост кое го посакував. Го гледав плинскиот пламен кој гореше на ѕидот зад мене.
- Не е ни важно, - ми рече. - Не мора да ми кажеш.
Подоцна Пит ме праша:
- Дали некогаш си имал врска со некој кој не му направил ништо лошо на твоето лице?
-Дали го мислиш тоа буквално? - прашав, иако знаев што мисли. - Или фигуративно?
- Како било, - ми рече. - И двете.
Помислив за момент, пред да одговорам.
- Не, изгледа дека не.

Превод од англиски: Љупчо Петрески

ЕЈ, ТИ! - МИХАИЛ ПЉАЦКОВСКИ

Животните не сакале да поминуваат покрај куќата на папагалот Ејти. Така го викале зашто негов омилен израз бил “Еј, ти!”
Ќе го видел тој нилскиот коњ и ќе му свикал:
- Еј, ти, нилски коњ, што живее во вода, облеката твоја е најнова мода!
Ќе поминел крокодилот, та ќе му се потсмевал:
- Еј, ти, крокодил, никому не си мил!
Потоа ќе го видел носорогот, па и нему ќе му свикал:
- Еј, ти, носорог дебел, не те собира на ниту еден мебел!
И кој да сака да поминува покрај куќата на таков лош папагал? Но, сепак, морало оттука да се мине, зашто куќата на папагалот се наоѓала на централната улица, наспроти централната стоковна куќа.
Најнезадоволен од сите од дрскиот папагал бил директорот на стоковната куќа - жирафата Долгојазик, зашто престанале да му доаѓаат муштериите. Та, никој не сакал да го навредуваат.
И така директорот Долгојазик смислил начин како да го замолкне папагалот. Тој му подарил на Ејти за роденден големо, убаво огледало. Се видел себеси Ејти во огледалото и помислил оти некој друг папагал гледа во него.


Од тој ден Ејти постојано седел пред огледалото и самиот себеси се исмевал:
- Еј, ти, папагал, зошто ли си толку мал?

Превод од руски: Емил Ниами

ЗАЉУБИЛ СТОЈАН МАРИЈА - МАКЕДОНСКА НАРОДНА ЛИРСКА ПЕСНА

Заљубил Стојан Марија,
не може да си ја види,
и си ја праша мајка си:
“Умрев, мајко ле, загинав,
как да ја видам Марија?”
Мајка му тогај велеше:
“Стојане, синко, Стојане!
Ак ти сум мајка маштеа.
што ќе ти речам, да сториш:
поарчи азно сребрено,
напрај си чешма мраморна;
сите девојки ќе дојдат,
водица да си залеат,
белки ќе дојде, Стојане,
и твоја бела Марија!”
Стојан си мајка послуша:
напраи чешма мраморна,
напраи тасој сребрени
и синџирите јалдази,
поарчи азно големо.
Сите девојки дојдоа,
чешмата да ми ја видат,
водица да си залеат,
Марија не ми дошла.
Излезе Стојан, излезе,
со шарен кавал свиреше
и на мајка си велеше:
“Изгорев, мајко, изгорев,
Марија не си ја видов!”
Тогај му вели мајка му:
“Стојане, синко Стојане!
Ак ти сум мајка маштеа.
послушај што ќе ти речам.
Легни си, Стојан, умри си;
сите девојки ќе дојдат
свеќица да ти запалат,
белки ќе дојде, Стојане,
и твоја бела Марија!”
Стојан си мајка послуша:
легна си Стојан од наул,
легна си Стојан, умре си.
Сите девојки дојдоа,
свеќица му донесоа.
И бела Марија ми дошла,
кискица му е донесла,
високи гласје е дала:
“Стојане, мили Стојане!
На живот не се видовме,
на смрт ќе се видиме!”
Окото му е на поглед,
раката му е на пограб,
ногата му е на потскок.
Тогај си Стојан рипнало,
та си пограбил Марија.

Запишано и редактирано од Блаже Конески

РАЗМИСЛУВАЊА ЗА СЕБЕ - ДЕЈВИД ХЕРБЕРТ ЛОРЕНС

Земајќи предвид се, најголемиот дел од животот го минуваме сами и најдолго време во животот сме со немиот, иако ненаметлив тек на личните мисли. Размислуваме за себе и за работите кои најнепосредно не засегаат речиси цел ден и цела ноќ се дури сме живи. Многу помал дел од животот го минуваме во вистинска работа или во вистинска активност, кога велиме дека “не мислиме”. Определен дел од времето го минуваме во сон, при што не знаеме што мислиме и кога, во одредена смисла, продолжуваме да мислиме или да сонуваме или глупаво да мудруваме за себе и за работите за кои сме најдиректно заинтересирани.
Можеби свеста е нешто што оптеретува, можеби не сакаме да мислиме и можеби тоа е причината поради која луѓето им се посветуваат на некои непрофесионални омилени занимања, можеби е тоа причината поради која пијат, поради која играат голф, можеби затоа жените слушаат џез или флертуваат, а и сите одат во глупавите кина само за да “избегаат од себе”, како што велат самите. Да заборавиме на тоа! - е големиот лек за сите. “Сакате да се заборавите”, гласи изреката и се смета дека задоволството на сета егзистенција е во “заборавањето на себе”.
Можеби е така, а можеби и не е. Додека некое момче навечер “се налева” кога сака да заборави на себе, тој постојано е свесен дека следното утро со болка ќе се сети на себе. Истото е и со девојките што слушаат џез во веселите ноќи и за толпата што излегува од кината. Сите тие се таму за да се заборават, но ако ги погледнете, не би можело да се каже дека тоа нешто многу им годело. Тие наликуваат на мачка што изела пепариран канаринец, па сега во стомакот го чувствуваат памукот.
Кога ќе слушнете што зборуваат луѓето, ќе си помислите дека самите себеси сте си најголемото страшило што некогаш може да се има. Ако не можете да избегате од себе, ако не можете да се заборавите себеси, тогаш сте осудени на пропаст. Околу вратот ви е врзан камен, така што единствено можете да скокнете и да се удавите.
Тоа е чудно. Зошто самиот себеси да си најголемо страшило? Зошто толку би се плашел самиот себеси да си бидам друштво, небаре ќе ме фати некој костур со своите страшни раце во оној момент кога ќе останам самиот со себе?
Тоа е сенешто. Сосема е природно тоа што секој маж и секоја жена најголем дел од времето размислува за себе. Од што има да се плашиме? Па, сепак, луѓето масовно се плашат од тоа. Би поверувале дека секој во себе има костур, кој всушност го имаме. Во мене, како и во вас, се наоѓа костур. Што не е во ред? Тоа е сосем добар, цврст и здрав костур. А, што би правел без него? Не, не, сосема добро се чувствувам со мојот ковчест костур, па ако толку сака да разговара со мене, нека го стори тоа.
Се чини дека сите не прогонува некој наш дух, на кој не смееме да му погледнеме в очи. “Боже, та тоа сум јас!” И тогаш се даваме во бегство. “О, Боже, еден избеган тигар е на Пикадили! Да бегаме на Бондстрит.” - “Внимавајте, тигарот е таму! Одете по улицата Медокс!” “Господе, еве го тигарот тука! Да бегаме во метрото.” И така одиме под земја, немајќи предвид дека некаде повторно ќе излеземе надвор, кај Холанд парк или на кејот, и оти тигарот ќе не начека.
Единствено нешто што може да се направи во овој случај е следното: “Во ред, ако е тигарот таму, да го погледнеме.” А, секому му е познато дека се што треба да направи е да го погледне право в очи. Истото е и со алтер егото, со моето призрачно јас, кое ме прогонува во мислите.
“Јас сум млад човек, кого никој не го сака”, вели призракот, тигарот. Решително погледнете го в очи и одговорете му: “Да, тоа е мошне чудно. Зошто сте беден? Зарем сте само беден? Сакате ли да бидете љубен и како сакате да бидете љубен? Кој да ве љуби? И зошто треба да ве љуби?” Без сомнение, одговорите на овие прашања се интересни и се многу позабавни од бегањето од себе и од пасивното примање и инертноста.
Ако тој тигар е тигрица, таа ќе почне тажно да мјаука: “Јас сум толку пријатна личност, но тоа никој не го цени. Колку сум несреќна!” Тогаш девојката која е вистинска лавица, ќе ја погледне в очи својата тигрица и ќе каже: “Зошто си толку убедена дека си пријатна? Во кој поглед си пријатна? Зарем не постојат и други начини да се биде пријатен, освен твојот? Можеби луѓето копнеат по некој друг вид пријатност, а не по онаква каква што е твојата. Подобро е да направиш нешто во врска со тоа.”
Ако, пак, станува збор за млад брачен пар тигри, тие ќе цимолат: “Живееме во сиромаштија, немаме никакви изгледи.” - Потоа младиот човек и младата жена, ако имаат барем малку жар, решително ќе ги погледнат своите два тигра. “Нема изгледи! Што подразбирате под тоа? Доволно е да се прехраните. Што се тоа изгледи? Зошто и какви изгледи ни се потребни? За што станува збор?”
Одговарањето на овие прашања се интересни, тие се забава за сиот живот. Да му се одговара на тигарот е неопходна животна разонода. Да се мисли на себе и на работите кои навистина не засегаат претставува најголема забава, особено кога ќе почувствуваме дека повремено навистина сме разговарале со својот костур.

Превод од англиски: Емил Ниами

ШТО МОЖАМ ДА СТОРАМ - ЕНТОНИ

Што можам да сторам
кога птицата треба да умре?
Што можам да сторам
кога е преслаба да лета?
Што можам да сторам
кога ме повикува:
мамо, помогни ми да живеам!
Што можам да сторам?

Препев од англиски: Љупчо Петрески