четверг, 31 января 2008 г.

МАЈКА – СРПСКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Си биле две сестри и кога станале девојки, многу рано се омажиле. На постарата сестра Бог и подарил неколку дечиња, а помладата немала ниту едно. Нејзе и било многу тешко поради тоа и затоа секогаш кога ќе помислела на својата постара сестра, многу се натажувала. Тогаш си посакувала да биде поблиску до сестра си и си велела: “Кога внучињата и внуките би ми биле во близина, би ми било многу полесно.”
Најпосле, успеала од постарата сестра да измами едно женско детенце. Ех, мајка си е мајка, на сестра и не и било лесно да го преболи своето детенце, но се тешела со зборовите: “тоа е кај свои луѓе, значи исто како да е со мене.”
Кога пораснало, посвоеното детенце не ни знаело што се случило, па за тетка си мислело дека му е мајка. И ја викало мамо.
И така времето си врвело и само што си се завртел, а изминала една година. Минала и втората и третата и повеќе години откако детенцето го посвоила тетка му. Еднаш постарата сестра се наканила да појде на гости кај својата помладата сестра. Срцето ја влечело малку кон сестра си, малку кон детенцето, но повеќе кон него.
Само што пристигнала, сестра и ја дочекала со радост. О Боже, никаде нема поубаво место од местото на нејзината родена сестра. Таа поседела некое време, а девојчето веќе пораснало. Помладата сестра помагала околу куќните работи. Еднаш и се случило да заборави да го исчешла девојчето, така што тоа на својата вистинска мајка и рекло да ја исчешла. Таа милозливо го исчешлала девојчето и го чукнала по раменцето.
- Ајде станувај, готово.
Тогаш девојчето и рекло:
- Леле тето, колку ти е лесна раката, а на мајка ми некако и е потешка од твојата.
Кога слушнала, мајката толку се натажила што солза и капнала од окото. И како да не и капне? Па, има ли поголем пријател од мајката? Само кога ќе се спомене нејзиното име “мајка”, устата се полни со радост. Макар и тетка да е, сепак туѓа е. Иако го жали како мајка да е, не и излегло детето од срцето. Сестрата ништо не проговорила, туку кога си заминувала, го повела и детето со себе. Помладата сестра ја молела да не и го зема девојчето, но таа за жива глава не попуштала, туку и рекла:
- Не зборувај, мила сестричке, кога не знаеш што значи свое дете и што е мајчино срце.

Превод од српски: Весна Крстевска Трајкова

Комментариев нет: