пятница, 1 февраля 2008 г.

СФИНГАТА БЕЗ ТАЈНА – ОСКАР ВАЈЛД

Едно попладне седев надвор во Кафе де ла Пле, гледајќи ја сета убавина и излитеноста на парискиот живот, и зјапав во друштво со мојот вермут во чудната панорама на гордост и сиромаштија која поминуваше покрај мене, кога слушнав како некој ме довикува. Се завртев, и го видов лорд Марчисон. Се немавме видено откога бевме на колеџ заедно, скоро десет години, и ми беше мило да го сретнам повторно, па се поздравивме топло. На Оксфорд, бевме големи пријатели. Неверојатно многу го сакав, беше згоден, ентузијаст, почитуван. Секогаш велевме за него дека ќе биде најдобриот колега, иако не ја кажуваше секогаш вистината, но мислам дека сите му се восхитувавме повеќе заради таа негова искреност. Забележав дека се изменил. Изгледаше вознемирено и збунето, како да беше во некоја недоумица. Почувствував дека не е модерниот скептицизам, бидејќи Марчисон беше најтврдиот меѓу Ториевците, и веруваше во Пентатеухот исто толку цврсто како што веруваше во Горниот Дом; па јас дојдов до заклучок дека мора да е таков поради некоја жена, и го прашав дали се оженил.
- Не ги разбирам жените, доволно, - ми одговори.
- Мој драг Џералде, жените се создадени да ги љубиш, а не да ги разбираш.
- Не можам да сакам некој што не го разбирам, - ми одговори.
Мислам дека имаш некоја тајна во твојот живот, Џерлад, - извикав, кажи ми.
- Ајде да одиме да се повозиме, - ми одговори, - тука има многу луѓе. Не, не во жолта кочија, во која било друга боја нека е - онаа, темно зелената ќе биде добра, - и по неколку моменти се движевме по булеварот во насока на Медлеин.
- Каде ќе одиме? - прашав.
- Ох, каде сакаш! - ми одговори - Во ресторан на Буа, ќе јадеме таму, и ќе ми кажеш се за тебе.
- Ама, сакам да слушнам прво нешто за тебе, - му реков. - Кажи ми ја твојата тајна.
Извади од џебот мал марокански медалјон со сребрено синџирче и ми го подаде. Внатре имаше фотографија од жена. Беше висока и слаба, чудесно фотогенична со големи несигурни очи и распуштена коса. Изгледаше како гатачка, завиткана во скапи крзна.
- Што мислиш за тоа лице? - ми рече, - Мислиш ли дека е искрено?”
Ја испитував внимателно. Ми изгледаше како лице на некој што има тајна, но дали таа тајна беше добра или лоша не можев да заклучам. Таа убавина беше убавина извајана од многу мистерии - убавина, всушност, која е психолошка, не пластична - и вештачката насмевка на усните беше премногу суптилна за да биде вистински слатка.
- Па, - извика нетрпеливо, - што велиш?
- Таа е Ѓаконда во самуровина, - му одговорив. - Кажи ми се за неа.
- Не сега, - ми рече, - по вечерата, - и почна да зборува за други работи.
Кога келнерот ни го донесе кафето и цигарите, го потсетив Џералд за неговото ветување. Стана од столот, прошета два или три пати во просторијата, и потонувајќи во фотелјата, ми ја кажа следнава приказна:
-Една вечер, - ми вели, - се шетав по Бонд Стрит, околу пет часот. Имаше огромен метеж од кочии, и сообрајќајот скоро и да беше запрен. Близу до тротоарот стоеше мал жолт пајтон, кој, од некоја си причина, ми го привлече вниманието. Кога поминав покрај него, го забележав лицето што ти го покажав ова попладне. Ме фасцинира во истиот момент. Истата таа вечер не престанав да мислам, а и следниот ден. Зјапав горе-долу по Роу, ѕиркајќи во секоја кочија, чекајќи го жолтиот пајтон, но неможев да ја најдам ma belle inconnue, и на крај почнав да мислам дека тоа бил сон. По една недела, вечерав со Мадам де Растеј. Вечерата беше во осум часот, но во осум и триесет ние се уште чекавме во салонот. Конечно слугата ја отвори ширум вратата и ја најави леди Алрој. Тоа беше жената што ја барав. Дојде мошне бавно, изгледаше како месечева светлина во сива чипка, и, на мое огромно задоволство, бев замолен да ја придружувам на вечерата. Кога седнавме, прокоментирав помалку невино: “Мислам дека ве забележав на Бонд Стрит пред некое време, леди Алрој.” Пребледе, и ми рече со стишен глас: “Ве молам не зборувајте толку гласно; можат да ве слушнат.” Се почувствував како мивка поради таквиот лош почеток и се задлабочив очајно во темите на француската драма. Не прозборе многу, но секој пат со тивкиот музикален глас, како да и беше страв некој да не ја слушне. Јас пак, страствено и глупаво се вљубив, а недефираната атмосфера на мистерија што ја опкружуваше, ја разбуди во мене најстраствената љубопитност. Кога заминуваше, а замина скоро веднаш по вечерата, ја прашав дали можам да ја повикам и да ја видам. Малку се двоумеше, погледна наоколу дали има некој во близина, и потоа ми рече: “Да, утре во петнаесет до пет.” Ја отрув Мадам де Растеј да ми каже се за неа, но се што можев да дознаам беше дека била вдовица со убава куќа во Парк Лејн, и потоа почна некоја здодевна научна дисертација за вдовиците, со опишување на опстанокот на најсилните во бракот, ја напуштив и си отидов дома.
Следниот ден отидов во Парк Лејн точно на време, но од батлерот ми беше кажано дека леди Алрој тукушто излегла. Отидов во клубот несреќен и многу збунет, и по долго размислување напишав писмо, за тоа дали можам да се обидам да ја посетам некое друго попладне. Не добив одговор неколку дена, но на крај добив мала порака во која пишуваше дека ќе биде во својот дом во недела во четири и на крај со овој чуден постскрипт: “Те молам не пишувај ми тука повеќе; ќе ти објаснам кога ќе се видиме.” Во неделата ме прими, и беше совршено шармантна, но кога заминував, ме молеше, ако некогаш бидам во можност повторно да и пишам, да го адресирам писмото до г-ѓа Нокс, одговорна за Витекрс библиотеката, Грин Стрит. “Има причини,” - ми рече, - “поради кои не можам да примам писма во мојата куќа.”
Иако почнав да ја гледам почесто, атмосферата на мистерија околу неа никогаш не исчезна. Понекогаш помислував дека е завладеена од некој маж, но изгледаше толку непристапно што ми беше тешко да поверувам дека е тоа. Навистина ми беше многу тешко да дојдам до некој заклучок, бидејќи таа беше како еден од оние чудни кристали кои можеме да ги видеме во музеи, кои во еден момент се јасни, а во друг замаглени. На крај собрав храброст да ја прашам дали сака да ми биде жена. Ми здодеа вечната тајност што ја наметнуваше на сите мои посети, и во неколкуте писма што и ги пратив. И пишав во библиотеката да ја прашам дали може да се видиме следниот понеделник во шест. Ми одговори со да, а јас бев на седмо небо од возбуда. Бев опседнат со неа; и покрај мистеријата, си помислив - како што ги гледам работиве сега. Не, тоа беше жената таква каква што е, која јас ја сакав. Мистеријата ме измачуваше, ме излудуваше. Зошто случјаноста ме донесе на овој пат?”
- Значи откри? - извикав.
- За жал да, - ми одговори. - Пресуди сам.
Кога дојде тој понеделник, јас отидов со вујко ми на ручек, и околу четири часот бев на Мерилибоун Роуд. Мојот вујко го знаеш, живее на Риџент Парк. сакав да отидам до Пикадили, и да го скратам патот по тесните улички. Одненадеж пред мене ја здогледав леди Алрој, покриена со превез, како оди брзо. одејќи до последната куќа на улицата, тргна по скалилата, го изваде клучот од предната врата, и влезе внатре.
Тука е мистеријата, - си реков на себе си и притрчав и почнав да ја набљудувам куќата. Изгледаше на место кај што изнајмуваа соби. На предната врата беше паднало нејзиното шамивче. Го зедов и го ставив во џебот. Тогаш почнав да размислувам што следно да правам. Дојдов до заклучок дека немам право да ја шпионирам, и заминав во клубот. Во шест и се јавив да ја видам. Лежеше на софата, облечена во дневна облека од сребрен штоф украсена со некои чудни каменчиња кои секогаш ги носеше. Изгледаше прекрасно. “Многу ми е мило што те гледам,” ми рече; “Не сум излегла цел ден.” Зјапнав во неа зачудено, и го извлеков шамивчето од мојото џеб. “Ти падна ова на Камнор Стрит ова попладне, леди Алрој,” реков смирено. Ме погледна престрашено, но не се обиде да го земе шамивчето. “Што правеше таму?” ја прашав. “Со кое право ти мене ме прашуваш?” - ми одговори. “Со правото на човек кој те љуби,” - и одговорив; “Дојдов овде да те побарам да ми бидеш жена.” Го скри своето лице со рацете, и бликна да плаче. “Мораш да ми кажеш,” – продолжив. Стана, и, ме погледна право в лице, рече: “Лорд Мерчисон, нема ништо што да се каже.” - “Отиде да се сретнеш со некого,” – извикав, - “тоа е твојата тајна.” Ужасно пребледе, и рече: “Со никој не се видов.” - “Зар не можеш да ја кажеш вистината?”, - свикав. “Ја кажав,” - ми одговори. Бев полудел, станав френетичен. Не знам што реков, но знам дека и реков ужасни работи. На крај излегов од куќата. Ми пиша писмо следниот ден; и го вратив назад неотворено, и отпловив за Норвешка со Алан Колвил. По еден месец се вратив, и првото нешто што го видов во “Морнинг Поуст” беше смртта на леди Алрој. Настинала на опера и умрела за пет дена од воспаление на белите дробови. Се затворив, не сакав никого да видам. Многу ја љубев, ја љубев бескрајно. Мили боже, колку ја љубев таа жена!”
- Отиде во куќата, на таа улица?, - прашав.
- Да, - ми одговори. - Еден ден бев на Камнор Стрит. Не можев, а да не појдам. Ме измачуваше сомнежот. Затропав на вратата, и една угледна жена ми отвори. Ја прашав дали изнајмува соби. “Видете, господине,” - ми одговори, - “гостинските соби се дозволени за изнајмување; но не сум ја видела дамата околу три месеци, а бидејќи зависиме од изнајмувањето можете да ги изнајмите.” - “Дали е оваа таа дама?” реков, покажувајќи и ја сликата. “Со сигурност е таа,” – извика, - “а кога се враќа господине?” “Дамата е мртва,” и одговорив. “Ох, господине, се надевам дека не е!” - рече жената. “Таа беше мојот најдобар потстанар. Ми плаќаше по три гвинеји неделно само за да седи во гостинските соби понекогаш.” “Се среќаваше ли со некого тука?” – прашав, но жената ме увери дека не се гледала со никого, дека секогаш доаѓала сама, и никогаш никого не видела. “Што правеше по ѓаволите тука сама?” - извикав. “Едноставно ќе седнеше во гостинската соба, господине, ќе читаше книги, а понекогаш ќе се напиеше и чај,” ми одговори жената. Не знаев што да речам, само и дадов паричка и заминав. Сега, кажи ми што беше сето тоа? Сигурно веруваш дека жената ја кажуваше вистината?”
- И верувам.
- Тогаш зошто леди Алрој одела таму?
- Мој драг Џералде, - му одговорив, - Леди Алрој била едноставно жена со манија за мистерија. Ги изнајмувала тие соби за задоволство да оди таму со спуштен превез, замислувајќи дека е хероина. Имала страст кон тајност, но таа всушност била одвај сфинга без тајна.
- Навистина ли мислиш така?
- Сигурен сум во тоа, - му одговорив.
Го зеде мароканскиот медалјон, го отвори и погледна во фотографијата.
- Се прашувам? - рече на крај.

Превод од англиски: Љупчо Петрески

ЉУБОВНА ПРИКАЗНА – ИРВИН ШО

- Решив, ќе одам во манастир – рече Катарина држејќи ги книгите во прегратка додека одеа кон куќата на Харолд – Да, ќе избегам.
- Како тоа? Нема да ти дозволат. А, впрочем, зошто би одела во манастир?
- Мислиш ли дека сум згодна? – го запраша Катарина – Не ми требаат комплименти. Само сакам да знам од лични причини.
- Секако дека мислам дека си згодна – одговара Харолд. – Можеби си и најзгодната девојка во училиштето.
- Да, тоа сите го велат – тивко одговори Катарина, малку незадоволна од она “можеби”, но не сакаше да го покаже тоа. Се разбира, јас не верувам, но сите ми го велат тоа. А ти, изгледа, не мислиш така.
- Мислам – и рече Харолд. – Мислам.
- Судејќи по твоето однесување… - почна Катарина. – Понекогаш е тешко на основа на однесувањето да проникнеш во вистинската состојба на работите. Те сакам – изусти таа.
Харолд ги симна очилата и нервозно ги протри стаклата со марамче.
- А Чарли Линч? – ја запраша. – Сите знаат дека ти и Чарли Линч…
- Ич не ти се допаѓам?
- Секако. Ми се допаѓаш. Но, Чарли Линч…
- Готово е со Чарли. – го пресече Катарина. – Преку глава ми е од него. Не ме интересира повеќе.
Потоа едно време одеа молчешкум. Харолд го забрза одот кога се приближија до неговата куќа.
- Имам две карти за вечерашниот концерт – рече Катарина.
- Благодарам, но вечерва морам да учам.
- В сабота Елинор Гринберг прави забава- му соопшти таа успорувајќи го одот. – Можам да земам со себе кого сакам. Сакаш да дојдеш?
- В сабота секогаш одиме кај баба – одговори Харолд како пушка. – Таа живее во Дојлестаун, Пенсилванија. Има седум крави. На лето одиме кај неа, на село. Знам да молзам и …
- А в четврток навечер? – Катарина е упорна и почнува да зборува сé побргу. – Мајка ми и татко ми одат на партија бриџ и се враќаат дури во еден. Ќе бидам сама, со сестра ми. Таа заспива и потоа сум сама. Дојди да ми правиш друштво.
Харолд започна да се вртка. Чувствуваше како почнува да црвенее. Почна да кашла за Катарина да помисли дека е од напрегањето ако тој се зацрвени.
- Да те удрам по грб? – го праша таа загрижено. – Добро, ќе дојдеш ли в четврток?
- Со задоволство би дошол – одговара Харолд – но мајка ми не ми дава да излегувам навечер. Вели дека кога ќе наполнам петнаесет години…
- Па, смисли нешто. Кажи и дека ќе одиш во библиотека. Што ти може?
- Кога и да ја излажам таа веднаш открива. А, не е ни убаво да се лаже мајка.
- Немој да бидеш смешен – му рече Катерина смешкајќи се со презир.
Стигнаа до куќата на Харолд и застанаа пред вратата.
- Може ли барем зедно да се враќаме од училиште? – го запраша Катарина.
- Секој ден имам проби со оркестарот - и одговори Харолд со воздишка. – Партитурата за првата виолина е многу тешка, така што не знам до кога ќе се задржам.
- Во ред, ќе те чекам – упорно Катарина. - Ќе седам кај влезот и ќе те чекам.
- Понекогаш пробата завршува дури во пет.
- Ќе те чекам.
Харолд се загледа во влезната врата на куќата.
- Морам да ти признаам нешто - и рече на крајот. – Не ме интересираат девојчињата. Ми се вртат други работи в глава.
- А не ти пречи секој ден да се враќаш со Елена! – извика Катарина. – Те видов.
- Па што? - и возврати Харолд воздржувајќи се да не ја удри по нежното и румено лице на кое големите, сини очи гледаа како да го обвинуваат, а усните и се тресеа. – Па што? Се враќам дома со Елена. А што ти е тебе гајле? Ти си го имаш Чарли Линч. Тој е ѕвезда на училишниот бејзбол тим, а јас не би можел да бидам ни резерва. Остави ме на раат!
- Нема – извика Катарина. – Баш ми е гајле за Чарли Линч. Те мразам! Те мразам! Ќе одам во манастир!
- Оди - и рече Харолд и ја отвори влезната врата.
Катарина го гледаше како се оддалечува без да се сврти, како ја отвора вратата од лифтот и го притиска копчето.Очите и се наполнија со солзи, но сепак успеја да се воздржи. Се сврте и со лессен од тргна кон својата куќа.Кога стигма до аголот пред неа излезе едно момче. – Од каде, пак, сега ти, Чарли? – го запршаа таа ладно.
- Баш чудно да налетам токму на тебе, нели?Еве си се шеткам. Нешто бев замислен…
- Извини – му одговори Катарина вртејќи ја главата и вперуцајќи ги очите, од кои исчезнаа солзите, високо, во правец на вечерното небо. – Брзам.
- Мислев на онаа вечер пред два месеци – започна Чарли набрзина. – Кога те испраќав дома по забавата на Нора О’Брајан и кога те бакнав во вратот. Се сеќаваш?
- Не – му рече таа. – Извини, брзам дома. – Со Харолд не брзаше Полека одеше. А минатиот месец со мене се враќаше од училиште.
- Тоа беше минатиот месец – му одговори Катарина.
- Знаеш ли ти дека тој твој Харолд сакаше да влезе во бејзбол тимот, но тренерот го исфрли уште првиот ден. Умревме од смееше кога три топки му поминаа меѓу нозе, а четвртата го удри по носот! Знаеш како го викаат? Четириокиот Оскар! Не гледа ни бела мачка! Девојчињата му се смеат, сите до една!
Катарина се насмеа. Стасаа до нејзината куќа. Таа ја стави раката на кваката и Чарли повторно се огласи.
- Дојди со мене на кино – ја молеше. – Те молам, Катарина.
- Веќе ти реков, Чарли. Не можам.
- Ќе и кажам на мајка ти – извика очајнички момчето. - Ќе и кажам дека излегуваш со протестант.
Очите на Катарина се отворија од гнев, образите и поцрвенеа, а устата и се стисна.
- Заминувај веднаш - му рече. Преку глава си ми.Не сакам да разговарам со тебе повеќе. Глупав си и не ми се допаѓаш. Заминувај!
- Ќе му го скршам вратот – извика Чарли мафтајќи со рацете пред лицето на Катарина. - Ќе му покажам јас нему! Виолинист! Кога ќе го средам нема да ти падне на памет да шеташ со него! Се бакнавте ли?
- Секако. – Гласот на Катарин звучеше победоносно. – Баш знае да бакнува.
- Ќе го убијам – врескаше Чарли додека Катарина се качуваше по скалите.
- Ве молам, кажете му на Харолд Пурсел да се симне. еден пријател сака да го види. – му се обрати Чарли на настојникот во куќата на Харолд.
Настојникот влезе во лифтот, а Чарли задоволно ги погледна лицата на своите осум другари кои дојдоа да се уверат дека се ќе одвива онака како што налагаат правилата.
Набргу Харолд излезе од лифтот и им пријде на момчињаѕа што стоеја во холот.
- Здраво – му рече Чарли приоѓајќи му. – Сакам да разговарам со тебе.
Харолд ги посматраше немите лица на кои немаше израз на наклоност. Воздивна зашто знаеше што го чека.
- Добро – рече и застана држејќи ја отворена вратата низ која едно по едно излегоа момчињата на улицата.
- Симни ги очилата – му рече Чарли кога застанаа насреде ливадата недалеку од куќата на Харолд.
- Дај ми ги мене – се понуди љубезно Сем Розенберг.
- Благодарам – одговори Харолд подавајќи му ги очилата, а потоа се заврте кон Чарли и ги подигна рацете. – Ајде.
Чарли стоеше и длабоко дишеше пред непријателот кој беше блед и десетина килограми полесен од него и кој мижеше и чекаше. Потоа зачекори и го удри Харолд со бокс по око. Ударите станаа сé посилни, а лицето на Харолд беше облиено со крв. Едното око му се затвори, кошулата му се скина и крвта се тазли по неговиот костим. Чарли решително замавнуваше, не обидувајќи се да ги избегне или да ги сопре слабите обиди на Харолд. На лицето му се гледаше неизмерна радост додека Харолд паѓаше под неговите силни и нескротливи удари.
Харолд повремено се огласуваше со извици на негодување и тоа токму тогаш кога Чарли престануваше да го удира по глава за да го удри в стомак.
Осумтемина навивачи на Чарли ја посматраа тепачката без да изустат збор. На крајот видоа како Харолд паѓа. Не се онесвести, но не можеше ни со прст да мрдне.
Чарли стоеше над победениот непријател, шумно дишејќи, среќе што тоа суштество лези со лицето во правта, речиси жалејќи што задоволството со кое го тепаше мина.
- Во ред – рече Харолд кој и понатаму остана да лежи со лицето во правта. – Доста е.
Ја крена главата, со мака успеја да седне, а потоа, потпирајќи се на рацете што се тресеја се обиде да стане на нозе. Се тетеравеше, мафташе со рацете, се тресеше, но успеја да се одржи.
- Може ли да си ги добијам очилата? – запраша.
Сем Розенберг му ги подаде очилата и тој ги стави. Чарли ги гледаше неоштетените очила на помодреното лице и одеднаш почна да плаче.
Тој, Чарли Линч, победникот во педесетина тепачки, тој што не заплакал од својата четврта година, лиеше очајнички солзи додека телото му се тресеше од липање, а очите почнаа да го печат.
Додека плачеше сфати дека тоа траело за време на целата тепачка, од првиот удар со кој го мавна Харолд по окото, па сé до моментот кога неговиот пријател падна со лицето во правта.
Го гледаше Харолд, кому едното око му беше затворено, носот подуен и помодрен, косата залепена од пот и кал, устата полна со засушена крв и земја, но лицето и нешто одвнатре беа совршено мирни, недопирливи. Харолд не плачеше, а Чарли сфати дека тој нема да заплаче ни подоцна и дека тој, Чарли Линч, не може да го натера на тоа.
Со воздишка, Харолд се оддалечуваше полека, без зборови. Чарли го гледаше. Гледаше како неговата слаба прилика, без никаква јунаштина, изгубена и извалкана, се оддалечува со напор.
Солзите се претворија во вистински поток и тој го изгуби Харолд од вид, како да исчезна зад завесата.

Превод од англиски: Емил Ниами

ПОДОБРО ВОСКРЕСНУВАЊЕ – СИЛВИЈА ПЛАТ

Немам мудрост, немам ни зборови, ни солзи;
Срцево во мене е како камен
Зар му е забрането и да се надева или плаши;
Погледни десно, погледни лево, се превиткувам осамена;
Моиве очи се отворени, но замаглени од тага
Ни вечните ридови не ги гледам;
Животов ми е како паднат лист;
Исусе, докрајчи ме.

Препев од англиски: Љупчо Петрески

ПРИНЦОТ ИВАН, ЖАР-ПТИЦАТА И СИВИОТ ВОЛК – РУСКА НАРОДНА СКАЗНА

Во едно царство си живеел некој цар што се викал Вислав Андронович. Тој имал три сина: најстариот – принцот Дмитриј, средниот – принцот Василиј и најмладиот – принцот Иван. Царот Вислав Андронович имал толку убава градина каква што немало во ниту едно друго царство. Во таа градина растеле многу ретки дрвја. На царот омилена му била една јаболкница на која растеле јаболка од суво злато.
Една жар-птица се настрвила да слетува во царевата градина. Таа имала перја од злато, а нејзините очи биле блескави како кристал. Таа секоја ноќ долетувала во градината, слетувала врз омилената јаболкница на царот, ги истресувала од неа златните јаболка и повторно одлетувала.
На царот Вислав Андронович му било многу жал за јаболката, па кај себе ги викнал своите тројца синови и им рекол:
Драги деца, кој од вас може да ја фати жар-птицата? Оној што ќе ја фати жива дури сум жив ќе го добие половина царство, а откако ќе умрам ќе го наследи целото.
Тогаш синовите едногласно рекле:
- Милостив господару, татко наш, Ваше царско величество! Со задоволство ќе се потрудиме да ја фатиме жива жар-птицата.
Првата ноќ во градината отишол да чува стража принцот Дмитриј. Само што седнал на гранката од кој жар-птицата ги тресела јаболката, заспал и не слушнал кога таа долетала и ги истресла јаболката. Следното утро царот, Вислав Андронович, го повикал својот син, принцот Дмитриј и го прашал:
- Што направи сине, ја виде ли жар-птицата?
Принцот му одговорил на татка си:
- Не, милостив господару! Не долета ноќеска.
Другата ноќ принцот Василиј отишол да чува стража во градината. Седнал на истата јаболкница, па и тој заспал и не слушнал кога долетала жар-птицата и ги истресла јаболката. Утредента царот Вислав го повикал кај себе и го прашал:
- Што направи сине, ја виде ли жар-птицата?
- Не, милостив господару! Не долета ноќеска.
Третата ноќ принцот Иван отишол да чува стража во градината и си седнал под истата јаболкница.
Си седел така, си седел, кога одеднаш неква светлина ја осветлила целата градина, како во неа да гореле илјадници свеќи. Долетала жар-птицата, слетала на јаболкницата и почнала да ги тресе јаболката. Принцот Иван вешто се прикрал до неа и ја фатил за опашката, но не можел да ја додржи. Жар-птицата се извлекла и одлетала, а на принцот Иван в рака му останал само еден пердув од нејзината опашка. Следнотот утро кога царот Вислав се разбудил принцот Иван отишол кај него и му го дал пердувот од жар-птицата. Царот многу се израдувал што најмладиот син успеал да му донесе барем еден пердув од жар-птицата. Пердувот бил толку прекрасен и блескав што во мрачната одаја веднаш свенувало како во неа да внеле безброј свеќи. Царот Вислав го ставил перото во своите одаи и наредил да се чува.
Оттогаш жар-птицата повеќе не долетувала во градината.
Царот Вислав повторно ги викнал своите синови и им рекол:
- Драги деца! Ви го давам мојот благослов да одите и да ја најдете жар-птицата и да ми ја донесете жива, а она што порано ви го ветив ќе го добие оној што ќе ми ја донесе.
Принцовите Дмитриј и Василиј зеле благослов од татко си и тргнале да ја бараат жар-птицата зашто им било криво што нивниот брат Иван успеал да искубе пердув од нејзината опашка. А, принцот Иван почнал да го моли татко си и нему да му даде благослов. Царот, пак, му рекол:
- Сине мој! Мое мило чедо! Ти си уште млад и неук за толку далечен и тежок пат. Не одделувај се од мене! Твоите браќа заминаа, а ако отидеш и ти сите тројца нема скоро да се вратите. Јас сум веќе стар и ми се ближи смртта. Ако Бог ми го земе животот дури не сте тука кој ќе управува со царството наместо мене? Може да дојде до бунт или, пак, до несогласување меѓу народот, па кој ќе го смирува тоа? Или на земјава наша може да и се приближи некој непријател, а ќе нема кој да ја предводи војската.
Но, колку и да се трудел царот Вислав да го задржи принцот Иван, не успеал, па најмладиот син си сел благослов од татка си, си одбрал коњ и заминал на пат, а и самиот не знаел каде.
Одел тој така по широкиот пат, одел, и стсасал до едно широко поле на кое стоел столб, а на столбот било напишано: “Тој што ќе тргне право од овој столб ќе биде гладен и несреќен; тој што ќе појде надесно ќе биде жив и здрав, но коњот ќе му биде мртов, а тој што ќе тргне налево ќе биде убиен, а коњот ќе му биде жив и здрав.”
Принцот Иван го прочитал овој натпис и тргнал надесно. Си помислил: коњов ќе ми биде убиен, но затоа јас ќе останам жив, а подоцна ќе си најдам друг коњ.
Одел тој така еден, два, ти дена, кога одеднаш во пресрет му излегол голем, огромен сив волк и му рекол:
- Здраво-живо, млад јунаку, принцу Иван! Прочита што беше напишано на столбот. Знаеш дека твојот коњ ќе биде мртов. Зошто тогаш поминуваш оттука?
И само што ги изговорил тие зборови волкот го растргнал коњот и заминал.
Му паднало жал на принцот Иван за својот коњ, горко заплакал и продолжил пеш по патот. Одел така цел ден, па кога застанал за да се одмори пред него се појавил сивиот волк и му рекол:
- Жал ми е, принцу Иван, што се намачи одејќи. Жал ми е што го растргнав твојот коњ. Јавни ме мене и кажи ми каде да те и носам и зошто.
Принцот Иван му кажал на сивиот волк каде треба да оди. Волкот јурнал побрзо и од коњ. Не минало многу време и среде ноќ го донел до еден камен ѕид кој не бил многу висок. Запрел волкот и рекол:
- Слези од мене, принцу Иван и премини го овој ѕид. Таму, зад него, се наоѓа градина, а во градината е жар=птицата во кафез. Зами ја жар-птицата, но кафезот остави го. Ако го земеш и кафезот нема да можеш да излезеш од градината, ќе те фатат.
Принцот Иван го прескокнал ѕидот и се нашол во градината. Ја видел жар-птицата во златен кафез, па ја извадил од него и тргнал назад. Но, се премислил, се полакомил и си рекол: Што ќе ми е птицава без кафез? Што ќе правам со неа?. Се вратил и само што го зел кафезот низ градината почнале да се слушаат грмотевици и татнежи, небаре во златниот кафез биле спроведени жици. Веднаш се разбудиле стражарите, дотрчале во градината, го фатиле принцот Иван и го одвеле кај својот цар, Долмат.
Царот Долмат се налутил на Иван и викнал:
- Како не ти е срам да крадеш, млад човеку! Кој си ти и од каде си, чиј син си и како се викаш?
Принцот Иван му одговорил:
- Јас сум од Виславовото царство, син сум на царот Вислав Андронович, а се викам Иван. Вашата жар-птица секоја ноќ ни долетуваше во градината и ги истресуваше златните плодови од омилената јаболкница на татко ми. Сето дрво го обра, па татко ми ме прати да ја пронајдам жар-птицата и да му ја донесам.
- Ах, принцу Иван, - рекол царот Долмат, - зар така се постапува? Да дојдеше кај мене јас ќе ти ја дадев птицата. А, што ќе се случи ако јас сега по сето царство разгласам дека си постапил нечесно? Туку, слушај, принцу Иван. Ако го исполниш она што ќе го побарам од тебе да појдеш преку девет планини и девет мориња, во десетото царство и ако ми го донесеш коњот со златна грива од царот Афрон, ќе ти ја простам грешката и со големи почести ќе ти ја дадам жар-птицата. Но, ако не го сториш тоа низ целото царство ќе разгласам дека си крадец.
Принцот Иван заминал откај царот Долмат тажен, со ветување дека ќе му го донесе коњот со златна грива.
Отишол тој кај сивиот волк и му раскажал сé што му рекол царот Долмат.
- Здрав и жив да си, млад јунаку, принцу Иван! – му рекол сивиот волк. – Зошто не ме послуша, зошто си го зел златниот кафез?
- Знам, виновен сум – му одговорил Иван.
- Добро, ништо! – го утешил волкот. – Јавни ме, а јас ќе те однесам каде што треба.
Го јавнал принцот Иван волкот, а тој јурнал како стрела.
Трчал тој, трчал, и на крајот, среде ноќ, стасале во царството на царот Афрон.
Кога стасале до царската коњушница направена од бел камен, сивиот волк му рекол на принцот Иван:
- Влези, принцу Иван, во коњушницата, сите стражари цврсто спијат. Земи го коњот со златна грива. На ѕидот виси и златна узда, но неа не земја ја, инаку лошо ти се пишува.
Принцот Иван влегол во коњушницата, го зел коњот и сакал да се врати назад. Но, ја видел на ѕидот златната узда, та се полакомил. Само што ја симнал низ коњушницата почнале да се слушаат грмотевици и татнежи, небаре на уздата биле спроведени жици. Стражарите веднаш се разбудиле, дотрчале и го фатиле принцот Иван, па го одвеле кај царот Афрон. Царот, пак, почнал да го распрашува:
- Здраво-живо, момче! Од која земја си, кој ти е татко и како се викаш?
Принцот Иван му одговорил:
- Јас сум од Виславовото царство, син сум на царот Вислав Андронович, а се викам Иван.
- Ах, принцу Иван, - рекол царот Долмат, - зар така се постапува? Да дојдеше кај мене јас ќе ти го дадев коњот со златна грива. А, што ќе се случи ако јас сега по сето царство разгласам дека си постапил нечесно? Туку, слушај, принцу Иван! Ако го исполниш она што ќе го побарам од тебе да појдеш преку девет планини и девет мориња, во десетото царство и ако ми ја доведеш принцезата Елена Прекрасна, по која моето срце веќе одамна тагува, ќе ти ја простам грешката и ќе ти го подарам коњот со златна грива сосе уздата. Но, ако не го сториш тоа низ целото царство ќе разгласам дека си крадец.
Тогаш принцот Иван му ветил на царот Афрон дека ќе му ја доведе принцезата Елена Прекрасна, а штом заминал откај него почнал горко да плаче.
Отишол тој кај сивиот волк и му раскажал сé што му рекол царот Афрон.
- Здрав и жив да си, млад јунаку, принцу Иван! – му рекол сивиот волк. – Зошто не ме послуша, зошто си ја зел златната узда?
- Знам, виновен сум – му одговорил Иван.
- Добро, ништо! – го утешил волкот. – Јавни ме, а јас ќе те однесам каде што треба.
Го јавнал принцот Иван волкот, а тој јурнал брзо како стрела.
Тој итал толку брги како што може да се ита само во приказните, па стасал во царството во кое живеела принцезата Елена Прекрасна. Само што стасал до златната ограда која ја опкружувала прекрасната градина, волкот му рекол на принцот:
- Слези од мене, принцу Иван, и врати се по истиот пат по кој дојдовме, па почекај ме на широкото поле под злениот даб.
Принцот Иван тргнал каде што му било кажано. Сивиот волк, пак, седнал покрај златната ограда и чекал принцезата Елена Прекрасна да излезе во градината. Приквечер, кога сонцето се спуштило на запад и воздухот станал пријатен и свеж, принцезата Елена Прекрасна излегла со своите слуги и придружнички да се прошета низ градината. Кога дошла до местото каде седел сивиот волк, тој ја прескокнал оградата, ја зграпчил Елена Прекресна, повторно ја прескокнал оградата и почнал да бега. Така дотрчал до зелениот даб каде што го чекал принцот Иван и му рекол:
- Принцу Иван, бргу јавни ме!
Принцот Иван го јавнал, а сивиот волк се стрчал кон царството на царот Афрон. Прдружничките и слугинките на принцезата кои шетале со неа низ градината оттрчале во дворецот и веднаш пратиле потера за да го стаса сивиот волк. Но, колку и да биле брзи, гонителите не успеале да го стасаат сивиот волк, па се вратиле назад.
Принцот Иван додека седел на сивиот волк се вљубил во принцезата Елена Прекрасна, а и таа во него. Кога волкот стасал во царството на царот Афрон, принцот Иван морал да ја одведе принцезата во дворецот и да му да предаде на царот. Принцот толку многу се натажил што почнал да лее солзи. Сивиот волк го прашал:
- Зошто плачеш, принцу Иван?
Принцот, пак, му одговорил:
- Ах, сив волку, ах, мој пријателе! Како да не плачам и да не тагувам? Ја се вљубив во принцезата Елана Прекрасна, а сега треба да му ја дадам на царот Афрон за тој да ми го даде коњот со златна грива. Ако не му ја предадам, царот Афрон ќе ми ја извалка честа во сите царства.
- Многу ти служев, принцу Иван, - му рекол сивиот волк, - па ќе го сторам и ова за тебе. Послушај ме: јас ќе се престорам во принцезата Елена Прекрасна. Ти одведи ме кај царот Афрон и земи го коњот со златна грива. Царот ќе помисли дека јас сум вистинската принцеза. Кога ќе го јавнеш коњот со златна грива, јас ќе го замолам царот Афрон да излезам да се прошетам низ полето. Кога тој ќе ме пушти со придружничките и слугинките ти сети се на мене и јас повторно ќе бидам покрај тебе.
Само што ги изговорил овие зборови сивиот волк удрил по земјата и се престорил во принцезата Елена Прекрасна, така што никој не можел да познае дека не е таа. Принцот Иван го зел сивиот волк и се упатил кон дворецот на царот Афрон, а на принцезата Елена Прекрасна и рекол да го чека неадвор од градот. Кога дошол кај царот Афрон со божемната принцеза Елена Прекрасна, тој многу се израдувал заШто го добил она што одамна го посакувал. Ја повел лажната принцеза, а на принцот Иван му го дал коњот со златна грива. Принцот го јавнал коњот и излегол надвор од градот. Ја качил на коњот и Елена Прекрасна, па заедно се упатиле кон царството на царот Долмат.
Сивиот волк живеел три дена кај царот Афрон како принцезата Елена Прекрасна, а четвртиот ден дошол кај царот со молба да се прошета низ полето за да ја ублажи својата голема тага. Царот Афрон одговорил:
- Ах, моја прекрасна принцезо, Елена Прекрасна! За тебе би сторил сé, така што ќе те пуштам да се прошеташ по полето.
Тој веднаш им наредил на придружничките и слугинките да појдат со принцезата на прошетката низ блиското широко поле.
Принцот Иван, пак, одел по патот и разговарал со Елена Прекрасна и за малку ќе заборавел на сивиот волк. Тогаш се сетил и запрашал:
- Ах, каде ли е мојот сив волк?
Само што ги кажал тие зборови, сивиот волк се појавил пред него и му рекол:
- Јавни ме, принцу Иван, а принцезата Елена Прекрасна нека јава на коњот со златна грива.
Принцот Иван го јавнал сивиот волк, па така тргнале кон царството на царот Долмат. Оделе тие, оделе и кога стасале на три врсти од царството, принцот Иван почнал да го моли сивиот волк:
- Послушај ме, драг пријателе, сив волку! Многу добрини ми направи, направи ми ја уште оваа, последна! Еве што ќе те замолам: престори се во коњот со златна грива, зашто јас не можам да се одделам од него.
Сивиот волк удрил по земјата и се престорил во коњот со златна грива. Принцот Иван ја оставил принцезата Елена Прекрасна на зелената ливада, го јавнал сивиот волк и тргнал кон дворецот на царот Долмат.
Кога стасал, царот Долмат го забележал принцот Иван како го јава коњот со златна грива и излегол од своите одаи. Го пречекал принцот во дворот, го бакнал, го зел за десната рака и го повел во дворецот. Од голема радост царот наредил да се приреди гозба. Седнале тие на трпезата. Пиеле, јаделе, се веселеле два дена, а третиот ден царот Долмат му ја дал на принцот Иван жар-птицата сосе златниот кафез.
Утредента царот Долмат посакал да го појава својот коњ со златна грива. Наредил да го оседлаат, го јавнал и се упатил кон широкото поле. Само што го разиграл коњот, овој го фрлил на земја царот Долмат, се престорил во сив вол, истрчал и го стасал принцот Иван.
- Принцу Иван, – рекол сивиот волк, - јавни ме, а принцезата Елена Прекрасна нека јава на коњот со златна грива.
Принцот Иван го јавнал сивиот волк и тргнале по патот. Кога стасале до местото каде сивиот волк го растргнал коњот на принцот Иван, волкот застанл и рекол:
- Е, па, принцу Иван, те случев верно и чесно. На ова место го растргнав твојот коњ, дотука и те доведов. Симни се од мене, јавни го коњот со златна грива и патувај каде што ти е драго. Јас повеќе не сум ти слуга.
Само што го кажал тоа сивиот волк исчезнал. Принцот Иван горко заплакал по сивиот волк и продолжил понатаму со својата прекрасна принцеза.
Јавал така, јавал со принцезата Елена Прекрасна на коњот со златна грива и за прел на дванаесет врсти од своето царство. Се симнал од коњот и заедно со принцезата легнал под едно дрво за да се одмори од големата жештина. Коњот го врзал за тоа дрво, а кафезот со жар-птицата го ставил покрај себе. Додека лежел на тревата го фатл сон.
За тоа време, браќата на принцот Иван – Дмитриј и Василиј – кои скитале по разни царства не можеле да ја најдат жар-птицата се враќале дома со празни раце. Тие го виделе заспаниот брат, принцот Иван, и принцезата Елена Прекрасна. Кога ја здогледале жар-птицата во залтниот кафез и коњот со златна грива с еполакомоиле и се договориле да го убијат својот помлад брат, принцот Иван.
Принцот Дмитриј го извлекол мечот, го прободел принцот Иван и го исекол. Потоа ја разбудил принцезата Елена Прекрасна и почнал да ја распрашува:
- Прекрасна девојко, од кое царство си, чија ќерка си и како се викаш?
Принцезат Елена Прекрасна кога го видела мртов принцот Иван се стресла и почнала горко да плаче. Таа низ солзи зборувала:
- Јас сум принцезата Елена Прекрасна, а ме доведе принцот Иван, кого вие сте го предале на страшна смрт. Да бевте јунбаци ќе го повикавте на мегдан на рамното поле и буден ќе го победевте. Но, вие убивте човек во сон и Зар заслужовте пофалба за тоа? Човек што спие е исто како мртов чОвек.
Тогаш принцот Дмитриј го допрел својот меч до греадите на принцезата Елена Прекрасна и и рекол:
- Слушај, Елено Прекрасна! Сега си во наши раце. Ќе те одведеме кај нашиот татко, царот Вислав Андонович, а ти ќе му кажеш дека ние те доведовме и тебе и жар-птицата и коњот со златна грива. Ако не го сториш тоа ќе те убијам.
Принцезата Елена Прекрасна се исплашила до смрт и ветила дека ќе каже онака како што и рекле тие.
Тогаш двајцата браќа фрлиле коцка за да видат кому ќе му припадне принцезата Елена Прекрасна, а кому коњот со златна грива. Принцот Василиј ја добил принцезата, а принцот Дмитриј коњот со златна грива. Тогаш принцот Василиј ја повел принцезата, ја качил на својот најдобар коњ, а принцот Дмитриј го јавнал коњот со златна грива и ја зел жар-птицата за да му ја предаде на својот татко, Вислав Андронович. Така тие продолжиле понатаму.
Принцот Иван лежел мртов на истото место триесет дена. По триесет дена на тоа место наишол сивиот волк и по мирисот насетил дека тоа е принцот Иван. Сакал да му помогне, да го оживее, но не знела како а го стори тоа. Волкот забележал еден гавран и две гавранчиња што летале и сакале да се спуштат на земја. Волкот се скрил зад една грмушка и само што се спуштиле гавраните на земја тој излегол и зграпчил едно од гавранчињата, па сакал да го растргне. Тогаш гавранот му рекол:
- Здраво-живо, сив волку! Не растргнувај го моето младо, тоа ништо не ти згрешило!
- Слушај, Гаврану Гаврановски! – рекол сивиот волк – Нема да го пипнам твоето гавранче и ќе го пуштам живо и здраво ако направиш како што ќе ти речам. Одлетај преку девет планини и преку девет мориња, а од десетата земја донеси ми мртва и жива вода.
Тогаш гавранот му одговорил на волкот:
- Ќе го сторам тоа, само не растргнувај го син ми.
Само што го рекол тоа, гавранот одлетал.
По три дена се вратил и донел два мева: едниот со жива вода, а другиот со мртва, па му ги дал на сивиот волк. Сивиот волк ги зел водите, го растргнал гавранчето на два дела, го испрскал со мртвата вода и гавранчето одново се споило, потоа го испрскал со живата вода, па гавранчето пркнало и одново летнало. Потоа сивиот волк го испрскал принцот Иван со мртвата вода, па неговото тело се споило, го испрскал и со живата вода, а принцот Иван станал и рекол:
- Ах, леле, колку долго сум спиел!
На тоа сивиот волк му одговорил:
- Да, принцу Иван, да не бев јас ти вечно ќе спиеше. Твоите браќа те убија и со себе ја одведоа принцезата Елена Прекрасна, коњот со златна грива и жар-птицата. Сега побрзај, што поскород а стасаш во твоето царство. Твојот брат, принцот Василиј, денес се жени сио твојата невеста, принцезата Елена Прекрасна. За да стасаш што поскоро јавни ме и јас ќе те однесам.
Принцот Иван го јавнал сивиот волк, а тој поитал кон царството на царот Вислав Андронович.
По кратко време тие стасале во градот. Принцот Иван се симнал од сивиот волк, тргнал низ градот и кога стасал во дворецот го затекнал својот брат Василиј како се жени со принцезата Елена Прекрасна. Принцот Иван влегол во палатата, а Елена Прекрасна веднаш штом го здогледала скокнала од масата и почнала да го прегрнува и да го бакнува, велејќи му:
- Ова е мојот љубен, принцот Иван, а не злосторникот што седи на масата!
Тогаш царот Вислав Андронович станал од масата и ја прашал принцезата Елена Прекрасна што зборува. Елена Прекрасна му ја кажала целата вистина: како принцот Иван дошол до неа, до коњот со златна грива и до жар-птицата, како постарите браќа го убиле дури тој спиел и како и се заканувале и ја натерале да каже дека сето тоа тие го нашле.
Царот Вислав се налутил и наредил синовите Дмитриј и Василиј да ги затворат.
Принцот Иван, пак, се ожелнил за принцезата Елена Прекрасна и живеел со неа во слога и љубов, така што не можеле еден без друг.

Превод од руски: Емил Ниами

СТАРИОТ ДРУГАР Е ПОДОБАР ОД ДВАЈЦА НОВИ – ЕЛЕНА ОЛЕЈНИК

„Де густус нон диспутандум“, рекле старите, односно, за вкусовите не се расправа. Лесно им било на нашите предци да бидат великодушни, зашто во нивно време проблемот на разни вкусови се сведувал на едноставен избор меѓу лубеница и свински ребра. Е, сега работите стојат поинаку. Да кажеме дека некое семејство се подготвува достојно да си го помине својот одмор. Притоа, него го влечат планините, а неа живата водна стихија. Тој ги сака културно-историските споменици, а таа е склона кон ноќните игранки. Како да им се удоволи на кутрите, а згора на тоа и да се запази сувереноста на вкусовите? Постои излез. Отпатувајте во Македонија, за малку пари обајцата го добиваат она што го посакуваат. Прекрасна земја е Македонија.
За прв странски турист што го посетил овој крај се смета апостолот Павле. Тој дошол тука за да го проповеда христијанското учење и добил најблагопријатен впечаток за македонската земја и за, на изглед, суровите (сепак се деца на планините), но мошне дружељубивото и гостопримливо население.
Денешниот турист не исполнува толку висока мисија. Англичани, Французи, Холанѓани, Швеѓани и други со задоволство доаѓаат тука на риболов, да се искапат во тукашните езера од сказните, да им се восхитуваат на уникатните споменици на христијанската култура. Само нашите земјаци не ги пробале тукашните убавини. Но, сепак, руските туристички фирми во оваа сезона сериозно се зафатија со разработување на македонскиот пазар. И за да не се плашите од мачката во вреќа, ќе ви раскажам што знам.
Секој турист што доаѓа во Македонија, најпрво ќе се најде во нејзината престолнина - градот Скопје. Обично маршрутите се направени така што гостите се задржуваат ден-два во главниот град за да се насладат со неговите убавини и знаменитости. Да си кажам право, такви нешта во современиот дел од градот има малку. На среде штрчи зградата на телевизијата, а наоколу безброј кафулиња, сендвичарници, дуќани и трговски центри.
Ако сакате да одите низ дуќаните, имајте предвид дека иако цените се ниски, изборот не е ништо особено. Така што без да трошите време, тргнете во стариот град. Тука има што да видите. Во својата многувековна историја градот видел и убаво и лошо. Него постепено го разурнувале и повторно го граделе ту Римјаните, ту Словените, ту Турците, па дури и еден австриски генерал го потфатил. Како резултат на тоа се добила премногу интересна слика: џамии со антички столбови, православни цркви со источни орнаменти.
Од главниот град ќе ве одведат кон местото за одмор. И најверојатно тоа ќе биде брегот на Охридско Езеро, зашто токму таму е сконцентриран најголем број хотелски комплекси. Охридско Езеро е прекрасно. Се наоѓа опкружено со планини, како огледалце на дланка. Водата е кристално чиста, секое камче се гледа. Каменот што се гледа е ништо, ами може да се види и познатата охридска пастрмка. На брегот, пак, се гледаат малечки риби – плашици, кои всушност од никого не се плашат, ами самите безобразно ги скокоткаат капачите. Малку подалеку живеат белвицата, која е така наречена поради белото месо, полуметарската јагула и летницата со розово месо – природен жив фосил од времето на плиоценот. Мошне вкусен фосил.
Познато е дека рибата оди каде што е подлабоко, а човекот каде што е поубаво. Во конкретниов случај и двете божји суштества прекрасно се чувствуваат на Охридско Езеро.
Крај Охридско Езеро има неверојатен број цркви: 365! И секоја е со свој колорит. Во храмот на Света Софија, на пример, често се одржуваат концерти на класична музика. Да се направи аџилак по светите места е згодно и со такси, зашто тука е мошне евтино. Ако сте добар шофер и не се плашите од јазлестите патишта, може и да изнајмите автомобил. Она по што уште се познати тукашните места е и богатиот риболов. Дури и да сте држеле трска в рака уште како дете, сепак испробајте ја својата рибарска среќа. Таа, пак, брзо ќе ви врати со дебела јагула или убава, силна балканска пастрмка. Одете до полуостровот Градиште што се наоѓа на Охридско Езеро, а оттаму темниот црнобрадест чамџија, со својот чамец со дупки и со мотор „вихр“ ќе ве однесе до местото каде што лежи вашата риба. Најверојатно тоа ќе бидат селата Пештани или Трпејца – сеедно. На туристите им даваат прибор, и „во тајност“ ќе им ги кажат месните финти, така што уловот е гарантиран. А, додека мажите се зафатени со риболов, дамите можат да поседат во некоја живописна селска кафеана или да се забавуваат со купување охридски бисер. Тоа всушност не се вистински бисери, ами монистра што се направени од рибина лушпа.
Со еден збор, постојат голем број причини за да се оди во Македонија: прекрасна природа, задоволителна услуга, слободен визен режим, ниски цени и сепак тие се наши, браќа – Словени. А, стариот другар, тоа е веќе познато, е подобар од двајца нови.

Превод од руски: Емил Ниами

ЛАПИН И ЛАПИНОВА – ВИРЏИНИЈА ВУЛФ

Беа во брак. Свадбениот марш одекнуваше. Гулабите прелетуваа. Малите момчиња во итон јакни фрлаа ориз, фокстериерот се шеткаше покрај патеката, а Ернест Тоубрн ја однесе својата невеста во колата низ малата љубопитна толпа од вистински туѓинци, која секогаш се собира во Лондон за да ужива во туѓата среќа или несреќа. Но, навистина тој беше згоден, а таа срамежлива. Фрлија уште малку ориз и колата замина.
Тоа беше во вторник. Сега е сабота. Розалин никако да се навикне на фактот дека сега е г-ѓа Ернест Тоубрн. Можеби таа никогаш нема да се навикне на фактот дека е г-ѓа Ернест Којбило, помисли, кога седна пред заоблениот прозорец во хотелот кој гледаше кон езерото на планината, и го чекаше својот сопруг да слезе на појадок. Ернест беше име на кое тешко се привикнуваш. Тоа не беше името што таа би го одбрала. Повеќе би го претпочитала Тимоти, Ентони или Питер. Не ни изгледаше како Ернест исто така. Името сугерираше на Алберт меморијал, махагони комоди, челични гравури на принцот-владетел со неговата фамилија - трпезаријата на нејзината свекрва во Порчестер Терес накратко.
Но, тој беше тука. Фала му на Бога што не изгледа како Ернест - не. Но, како изгледа? Го погледна одстрана. Па, кога јадеше тост изгледаше како зајак. Не дека некој друг ќе ја види сличноста на суштество толку плашливо и деминутивно во овој висок, мускулест млад маж со прав нос, сини очи, и многу танка усна. Но, сето тоа го прави многу позабавно. Неговиот нос се виткаше малку додека јадеше. Исто како и зајакот. Продолжи да го гледа неговиот нос што се свиткува, а потоа мораше да објаснува зошто се смее кога ќе ја фатеше како го гледа.
- Зашто си како зајак, Ернест, - му рече. - Како див зајак, - додаде, гледајќи во него. - Зајак ловец, зајак крал, зајак кој ги создава законите за другите зајаци.
Ернест немаше против да биде таков зајак, а бидејќи ја забавуваше неа додека го гледа како го витка својот нос, не знаеше дека неговиот нос се витка, го виткаше намерно. А таа се смееше, дали се смееше, се смееше и тој, дури и собарките и рибарите како и швајцарскиот келнер во неговиот мрсен црн жакет разбраа зошто, беа многу среќни. Но, колку долго таа среќа трае? Се запрашаа, и секој одговори според сопствената положба.
За време на ручекот, седнати под грмушките од јоргован покрај езерото, “Марула, зајак?”му рече Розалин, држејќи ја марулата која одеше како гарнир со тврдоварените јајца. “Дојди и земи ја од мојата рака,” додаде, а тој се испружи и ја грицкаше марулата и го виткаше носот.
- Добро зајаче, мило зајаче, - рече, галејќи го, како што го галеше својот зајак дома. Но тоа беше апсурдно. Тој не беше домашен зајак, што и да беше. Почна на француски. “Лапин,”го нарече. Но што и да беше, тој не беше француски зајак. Тој беше просто и едноставно англичанец роден во Порчестер Терес, образован во Рагби, а сега службеник во јавната служба на Неговото Величество. Се обиде со “зајче”, ама тоа беше полошо. “Зајче” звучеше некако наполнето, меко и смешно, а тој беше слаб, тврд и сериозен. Сепак, го виткаше носот. “Лапин,” извика таа ненадејно, и помалку возбудено бидејќи го најде вистинскиот збор кој го бараше.
“Лапин, Лапин, крал Лапин,” повторуваше. Се чинеше како да му одговараше совршено, не беше за Ернест, тој беше крал Лапин. Зошто? И таа не знаеше.
Кога немаа ништо ново за што можеа да разговараат на нивните долги осамени прошетки-или врнеше, а сите ги предупредија дека ќе врне, или кога ќе седеа покрај огнот навечер, кога беше ладно, кога собарките си беа заминати, а рибарот или келнерот доаѓаа само ако им заѕвонеш, таа си дозволуваше нејзината фантазија да си поигра со приказната за племето Лапин. Во нејзините раце-таа шиеше, тој читаше тие стануваа толку реални, толку живи, толку забавни. Ернест ќе го оставеше весникот и ќе и помогнеше. Постоеја црни зајаци и црвени, едните лоши а другите добри. Имаше шума во која живееја и далечни прерии и мочуриште. Над сето тоа беше кралот Лапин, кој, освен што имаше еден добар трик-да ги витка носот-стана како што поминуваа деновите, животно со најголем карактер, Розалин секогаш наоѓаше нови квалитети за него. Но, над се тој беше голем ловец.
- И што, - рече Розалин, на последниот ден од нивниот меден месец, - правеше кралот денес?
Всушност тие планинареа цел ден, и таа се здоби со плускавец на нејзиното стапало, но не го мислеше тоа.
- Денес, - рече Ернест, виткајќи го носот како што го гризна крајот на пурата, - бркал зајак.
Запре накратко, запали кибрит, и повторно почна да го витка носот.
- Зајачица, - додаде.
- Бела зајачица! - Розалин извика, како да го очекуваше ова. - Сигурно мал зајак, сребрено сив, со големи сјајни очи?
- Да, - рече Ернест, гледајќи во неа исто како што таа него го гледаше, - малечко животинче, со очи излезени од главата, и две мали предни размафтани шепички.
Баш таква беше таа кога седеше, со нејзините игли размавтани во рацете, и нејзините очи, кои беа толку големи и сјајни, беа лесно забележливи.
- Ах, Лапинова, - промрморе Розалин.
- Така се вика? - рече Ернест - вистинската Розалин?
Ја погледна. Навистина ја љубеше.
- Да, така се вика, - рече Розалин. - Лапинова.
И пред да отидат во кревет таа ноќ се беше решено. Тој беше кралот Лапин, таа беше кралицата Лапинова. И двајцата беа спротивни еден од друг, тој беше храбар и одлучен, таа беше претпазлива и независна. Тој управуваше со бурниот свет на зајаците, нејзиниот свет беше празно, мистериозно место, кое ја потсетуваше на месечева светлина. Горе-долу, нивните територии се допреа, тие беа крал и кралица.
И кога се вратија од нивниот меден месец поседуваа сопствен свет, населен, спасен од еден бел зајак, целосно за зајаците. Никој не би помислил дека постои такво место, и тоа се разбира го прави повозбудливо. Се чувствуваа како, повеќе од останатите млади брачни двојки, во пакт заедно против остатокот од светот. Почесто ќе се погледнеа потајно еден кон друг кога луѓето зборуваа за зајаците и шумите и стапиците и пукањето. Или ќе си намигнеа незабележливо преку масата кога тетка Мери ќе речеше дека не може да поднесе да виде зајак во чинија-изгледа исто како бебе, или кога Џон, братот на Ернест, им кажуваше за цената која ја достигнуваа зајаците наесен во Вилтшир, кожата и друго. Понекогаш кога сакаа да си поиграат, или им требаше надгледувач за дворецот, се забавуваа така што понудуваа улоги на нивните пријатели. Мајката на Ернест, г-ѓа Реџиналд Тоубрн, на пример, одговараше на улогата на помошничка до перфекција. Но се беше тајно-тоа беше и целта, никој не требаше да знае дека тој свет постои.
Без тој свет, како, се запрашуваше Розалин, ќе ја преживееше зимата? На пример, имаше златна свадба, кога сите Тоубрнови се собраа во Порчестер Терес да ја прослават педесетгодишнината од бракот кој беше благословен-да не го создадеше Ернест Тоубрн? и толку плоден-да не ги создадеше други девет синови и ќерки исто така во брак и плодни? Беше преплашена од таа забава. Но беше неизбежна. Како што се качуваше по скали се почувствува огорчено од тоа што беше единствено дете и сираче тука, малечка капка меѓу сите тие Тоубрнови собрани во големата гостинска соба со сјајните сатенски тапети и убавите семејни портрети. Живите Тоубрнови потсетуваа на оние насликаните, а наместо нацртани имаа вистински усни, од кои излегуваа шеги, шеги за училиштето, како и го тргале столот на учителката, шеги за жабите како им ги ставале меѓу чистите чаршави на собарките. А самата таа, никогаш за себе не беше го средила креветот. Држејќи го подарокот во рака се приближи кон нејзината свекрва која изгледаше импресивно во жолт сатен, и кон нејзиниот свекор украсен со убав жолт каранфил. Наоколу на масите и столиците имаше по нешто златно, некои обвиткани во волна, други разгранети и сјајни-канделабри, кутија за пури, синџирчиња, сите со жиг дека е направено од чисто злато, уникатно, автентично. А нејзиниот подарок беше само мала украсна кутија со дупчиња, стар сипач на песок, антиквитет од осумнаесети век, порано употребуван за посипување песок над влажното мастило. Оддалеку безчувствителен подарок помисли-во време на добра хартија, и како што и го даваше, го виде пред неа крутиот црн ракопис со кој нејзината свекрва кога беа верени им изрази надеж дека “мојот син ќе те усреќи.” Не, не беше среќна. Воопшто не беше среќна. Го погледна Ернест, напреку, со носот како и сите носеви на семејните портрети, нос кој никогаш не се виткал.
Потоа отидоа да вечераат. Таа беше пола скриена зад големите хризантеми кои ги испреплетуваа своите црвени и златни цветови во големи цврсти топки. Се беше златно. Златно-порабена картичка со златни развиорени иницијали кои ја најавуваа листата на сите јадења што ќе бидат послужени едно по едно, пред нив. Ја потопи лажицата во чинијата со бистра златна течност. Густата бела магла надвор се претворила со помош на светлата надвор во златна мрежа која ги замаглува аглите на чиниите и на ананасот му прави груба златна лушпа. Само таа во нејзиниот бел невестински фустан зјапаше напред со нејзините забележителни очи кои како да лебдеа како ледник.

Како што течеше вечерата, така, собата се исполни со топлина. Капки пот се лизгаа по челата на мажите. Се почувствува како нејзините ледници да беа потопени во вода. Беше стопена, испарена, испарена во ништо, а набрзо ќе избледи. Иако имаше напнатост во нејзината глава и ѕунење во нејзините уши го слушна гласот на жената како вика, “Ама така се размножуваат!”
Тоубрнови-да, така се размножуваа, одекна, гледајќи во сите тие округли црвени лица кои изгледаа дупло од вртоглавицата која ја обзеде, зголемени во златната магла која ги обзеде. “Така се размножуваат.” Потоа Џон извика:
- Малечки ѓаволчиња! ... Викај им! Скокај по нив со високи чизми! Тоа е единствениот начин да се справиш со нив ...зајаци!
На тој збор, тој магичен збор, таа оживеа. Ѕиркајќи низ хризантемите го виде носот на Ернест како се витка. Се брануваше, брзо го виткаше. И од тоа некоја мистериозна катастрофа им се случи на Тоубрнови. Златната маса стана лединка со кантур целосно расцветан, ѕунењето на гласовите се претвори во јато од смеа на канаринците од небото. Беше сино небото-облаците поминуваа бавно. И сите се сменаа-Тоубрнови. Го погледна својот свекор, подмолен мал човек со бојадисани мустаќи. Хоби му беше да собира нешта-коверти, емајлирани кутии, неважни работи од тоалетните масички кои ги криеше во фиоките од неговата сопруга. Сега го виде како-ловокрадец, кој краде со неговото палто натежнато од фазани и еребици како ги остава во триножното грне во неговата зачадена малечка колиба. Тоа беше нејзиниот вистински свекор-ловокрадец. А Силија, немажената ќерка, која секогаш се интересираше за туѓите тајни, малечките работи кои сакаа да ги скријат-таа беше бел крт со розови очи, и нос исполнет со земја од одвратното подземје на копање и душкање. Провиснувајќи им се на рамениците на мажите, како во мрежа, и правеше дупка-беше тоа тажен живот-на Силија, но не беше нејзина вина. Така ја виде Силија. А потоа ја погледна нејзината свекрва која ја оставаа за помошник. Зацрвенета, вулгарна и навредлива-беше тоа, кога возвраќаше со заблагодарувањата, но сега таа Розалин-сега беше Лапинова-ја виде, ја виде зад нејзиниот разурнат сеемен имот, гипсот се лупеше од ѕидовите, и ја слушна, со грутка горчина во нејзиното грло, како им се заблагодарува на нејзините деца (кои ја мразеа) за светот кој престана да постои. Потоа одеднаш настана тишина. Сите стоеја со подигнати чаши, сите пиеја, и потоа се заврши.
- Ох, Крал Лапин! - извика кога заминаа дома заедно по маглата. - Ако носот не ти се свиткаше во тој момент, ќе бев падната во стапица!
- Но, сега си сигурна, - рече кралот Лапин, стискајќи ја нејзината шепа.
- Навистина сигурна, - одговори таа.
- И се повозија низ паркот, кралот и кралицата на мочуриштето, на маглата и кантур-миризливата лединка.
Така времето одминуваше, една година, па две години. И една зимска ноќ, што случајно коинцидираше со годишнината на златната свадба-само што г-ѓа Реџиналд Тоубрн беше мртва, куќата требаше да се издаде под кирија, а имаше само стражар во куќата-Ернест се врати дома од канцеларијата. Имаа мал убав дом, пола куќа над продавницата за кожни производи во јужен Кенсингтон, не далеку од подземната железница. Беше ладно, со магла, а Розалин седеше покрај огнот, шиејќи.
- Нема да веруваш што ми се случи денес! - почна веднаш штом тој седна и ги испружи нозете пред огнот. - Го преминував поточето кога...
- Кое поточе? - Ернест ја прекина.
- Потокот на крајот, каде нашата шума се преплетува со црната шума, - му објаснуваше.
Ернест изгледаше целосно збунет за момент.
- Што зборуваш глупости те молам? - ја праша.
- Мој драг Ернест! - извика во негодување. - Кралу Лапин, - додаде, мавтајќи ги нејзините мали шепи покрај огнот. Но неговиот нос не се виткаше. Нејзините раце-се претворија во раце-ги стегнаа работите што ги држеше, очите и излегоа половина од главата. Му требаше најмалку пет минути да се смени од Ернест Тоубрн во кралот Лапин, и додека чекаше почувствува бреме на својот врат, како некој ќе и го свитка. Сепак се смени во кралот Лапин, неговиот нос почна да се превиткува, и остатокот од вечерта го поминаа шетајќи по шумата како и обично.
Но, спиеше лошо. Среде ноќ се разбуди, како нешто чудно да и се случило. Беше здрвена и ладна. Накрај го вклучи светлото и го виде Ернест како лежи крај неа. Беше длабоко заспан. грчеше. Но, иако грчеше неговиот нос беше совршено мирен. Изгледаше како никогаш да не се превиткувал. Зар беше можно тоа да е Ернест, и дали навистина беше мажена за Ернест? Визија за трпезаријата на нејзината свекрва се појави пред неа, а тие тука седеа, таа и Ернест, остарен, под гравурите, пред комодите...Тоа беше нивната златна свадба. Не можеше да го поднеси тоа.
- Лапин, крал Лапин! - прошепоти, и за момент неговиот нос како да се свитка по сопствен инстинкт. Но, се уште спиеше. - Разбуди се, Лапин, разбуди се! - извика.
Ернест се разбуди, и забележувајќи ја неа седната исправено покрај него ја праша:
- Што се случило?
- Помислив дека мојот зајак е мртов! - прошепоти.
Ернест беше лут.
- Не зборувај глупости, Розалин, - и рече. - Легни си и спиј.
Се заврте. За момент заспа и продолжи да грчи.
Но, таа не можеше да спие. Легна завитката на нејзината страна од креветот, како зајак во својата дупка. Го исклучи светлото, но уличните светилки го осветлуваа таванот бледо, а дрвјата надвор правеа чипкаста мрежа над него како да имаше мистериозна шума на таванот во која таа скиташе, вртејќи се, превртувајќи се, внатре-надвор, околку и наоколу, ловејќи, да биде ловена, слушајќи ги звуците на трубите и загарите, летајќи, бегајќи... се додека слугинката не ги тргна пердињата и донесе чај.
Другиот ден, ништо не и беше интересно. Изгледаше како да изгубила нешто. Се почувствува како телото да и се собрало, се смалило, станало црно и тврдо. Нејзините зглобови изгледаа здрвени исто така, и кога погледна во стаклото, а го направи тоа неколку пати, како што вртеше низ станот, нејзините очи како да излегоа од нејзината глава, како рибизли на торта. И собите како да се смалиле. Големиот мебел се сместил во чудни агли од собите бидејќи забележа дека се удира во него. Накрај ја стави шапката и излезе. Се шеташе по Кромвел Роуд, и секоја соба која ја помина и ѕирна низ неа беше трпезарија каде луѓето јадат под челичните гравури, со дебели жолти чипкани завеси, и махагони комоди. Конечно стигна до Природниот историски музеј, многу го сакаше како дете. Но, првата работа што ја виде кога влезе беше препариран зајак кој стои на вештачки снег со розови стаклени очи. Некако се потресе од глетката. Можеби ќе и биде подобро на зајдисонце. Си појде дома и седна покрај огнот, без светло, и се обиде да се замисли себе си сама на лединка, каде има поток, а после потокот темна шума. Но никако не можеше да стигне подалеку од потокот. На крај седна на коленици покрај брегчето од потокот, на влажната трева, и седна свиткана во нејзината столица, со нејзините раце провиснати напразно, со нејзините очи кои зјапаат, како стаклени очи, во пламенот. Тогаш испука пиштол...Се потресе исто како да беше ранета. Тоа беше само Ернест, кој ја отклучуваше вратата. Чекаше, сета потресена. Влезе, и го запали светлото. Стоеше тој така, висок, згоден, триејќи ги црвените прмерзнати раце.
- Седиш во темница? - рече.
- Ох Ернест, Ернест! - извика, станувајќи од столицата.
- Што се случило сега? - праша сталожено, загревајќи ги рацете покрај огнот.
- Поради Лапинова... - пелтечеше, гледајќи милно во него со нејзините големи милни очи. - Умре, Ернест. Ја изгубив!
Ернест се смурти. Ги зближи усните цврсто заедно.
- А, значи тоа било? - рече, насмевнувајќи и се помалку непријатно на неговата сопруга.
Десетина секунди стоеше така, тивок, а таа чекаше, чувствувајќи ги рацете како притискаат поцврсто на нејзиниот врат.
- Да, - и рече, потоа. - Кутрата Лапинова...
Ја олабави својата вратоврска пред огледалото над каминот.
- Се фати во стапица, - рече, - загина, - и седна да чита весник.
Тоа беше крајот на тој брак.

Превод од англиски: Љупчо Петрески

ЕДНО УТРО НА УЧИЛИШТЕ – ДОРА ЛИВЛИ

Едно утре, за време на собирот во училишната сала на кој присуствуваа учениците од сите класови, петнаесетгодишната Клара Тилинг се соблече и полугола помина низ редовите построени ученици, покрај директорката и професорите и излезе во ходникот. Сето тоа се случи со голема брзина. Само кратко се слушна голма врева, како ненадеен шум на ветерот низ гранките на дрвјата. Директорката за момент го прекина излагањето за натпреварот во тенис, а потоа продолжи со решителен глас.
Холот беше празен. На изгланцаниот под Клара можеше да го види својот одраз: изгледаше како розевкаста размачкана дамка. На едниот ѕид беше поставено големо огледало, крај огромниот фикус беа поставени удобни фотелји за родителите, а покрај нив пепелници на сталаци. Еднаш и Клара седеше тука со мајка и, чекаше да ги прими директорката.
Минувајќи низ ходникот дојде до својата училница во која исто така немаше никој. Ја извади работната кецела за в лабораторија од орманчето во аголот, ја облече и седна во својата клупа.
Не поминаа неколку минути кога во училницата влезе професорката Метјус. И го донесе фустанот и чевлите.
- Да сум на твое место би се облекла - и рече. – Сакаш ли да си одиш дома?
Клара замавна со главата.
Цело претпладне ја загледуваа, и се насмевнуваа како да и беа соучесници. До попладнето таа беше во центарот на вниманието, а потоа ја заборавија. По ручекот и рекоа да се јави кај директорката пред да замине дома.
Канцеларијата на дирекрорката повеќе личеше на дневна соба. Пред бирото стоеја удобни фотелји, на ѕидовите имаше убави слики, над каминот стоеја фотографии од нејзиниот сопруг и децата, а во еден агол стоеше како заборавена една голема кеса од некоја стоковна куќа. Кога Клара влезе во канцеларијата директорката пишуваше нешто.
- Здраво, Клара. Седни - и рече дигајќи го погледот кон неа. – Само да завршам.
Клара седна и се загледа во фотографијата на сопругот на директорката кој носеше очила во правоаголна форма, а потоа ја погледна фотографијата на нејзините три деца: сите беа исти, само на различна возраст.
- Ете, готово – рече директорката поднаместувајќи се на своето столче. – Во ред, дали сега можеш да ми кажеш што беше она утрово?
- Не знам – одговори Клара.
Директорката ја погледна замислено. Очите на Клара се сретнаа со нејзините. Пред да настане непријатна тишина директорката си ја поднамести косата.
- Јасно ми е дека не знаеш - и рече. – Се обиде да свртиш внимание на себе?
- Изгледа дека го постигнав тоа – одговори Клара. – Го направив она што го направив.
- Во ред - и рече директорката. – Добро. А, што мислиш сега за тоа?
Клара се обидуваше да дознае што чувствува, но не и тргна од рака.
- Не знам – гласеше одговорот.
Директорката повторно потврдно кимна со главата, а потоа се загледа во фотографијата на нејзиниот сопруг, како да бара совет од него.
- Дали е сé во ред кај тебе дома?
- Да, сé е во ред – одговори Клара. Сé е во најдобар ред.
- Да, да – продолжи директорката. – Си мислев во IVб има неколку ученички на кои родителите им се разведени, така? Мери, Сузи Таланс, Рејчел...
- И Миџ – додаде Клара. – И Луси Потер.
- Да. Пет. Со тебе се шест. Слушај, што се однесува до училиштето добро ти оди. Би можела да имаш подобри оценки по физика и хемија, но сé друго е задоволително. Дали сé уште се дружиш со Ли Рејмонд?
- Да. И со Стефани.
- Би сакала секој од вас да дојде кај мене доколку наиде на некој проблем. Дури и ако излезе нешто што изгледа безначајно. Ме разбираш? Ќе и напишам писмо на мајка ти. А ти, ако почувствуваш потреба повторно да направиш нешто вакво, дојди прво кај мене за да поразговараме.
Директорката се насмевнуваше, така што и Клара и се насмевна. Беше јасно дека разговорот е завршен. Стана и тргна. Додека ја затвораше вратата уште еднаш погледна кон директорката. Таа повеќе не се смееше, можеше да се каже дека е загрижена.
Кога стигна дома мајка и седеше во кујната, пиеше чај и читаше некој илустриран магазин. Работеше во ординацијата на еден забар и имаше флексибилно работно време. што значи дека работеше кога сакаше. Во моментот не и одговараше попладнето да го помине на работа зашто нејзиниот пријател, Стен, беше глумец и само тогаш можеше да биде слободен.
- Здраво, што има ново? - и рече мајка и.
Истото го прашуваше секој ден. Клара и одговори дека нема ништо ново, па мајка и продолжи да си чита. Малку подоцна и го подаде часописот на Клара и отиде во бањата. Клара испи две шолји чај, го прелиста часописот и потоа почна да учи за другиот ден.
Писмото од директорката стигна по неколку дена. Тоа утро Клара ја виде адресата отчукана на машина пишување и веднаш знаеше за што станува збор. Во тој момент од собата излезе Стен и тргна накај бањата. Тивко си потпевнуваше.
- Здраво, како си? - и рече. - Еј, имам нешто за тебе. Два билета за претстава. Можеш да земеш некоја другарка со себе.
Зад себе остави мирис на јак парфем. По мирисот знаеше дали е тој тука или не уште пред да ја отвори вратата.
- Благодарам. Навистина се радувам. – му одговори и си отиде во својата соба.
Кога повторно излезе од собата обајцата појадуваа. Мајка и ги отвораше писмата.
- Кафето ти е на шпоретот, душо - и рече.
Потоа го отвори писмото од директорката и почна да го чита. Во првиот момент беше збунета, а потоа почна да се смее.
- Не ми се верува! Клара, не ми се верува! Стен, знаеш што... Неверојатна девојка! Замисли што направила. Се соблекла пред цело училиште.
Му го подаде писмото и тој почна да го чита.
- Браво, Клара, фантастично! – извика задоволно. – Тоа е вистински предизвик! Браво!
Во мигот на воодушевување ја удри по рамото и девојката се вкочани. Мајка и престана да се смее.
- Ова е последно нешто што го очекував од тебе! – продолжи замислено. – Отсекогаш беше мошне срамежлива. Навистина. Стен, ми текнува како седи на плажа завиткана во пешкир и постојано се грижи да не ја види некој додека се преоблекува. Имаше десет години. А, кога почнаа да и растат градите цело време се завиткуваше. Ни денес не можам да ја натерам да го соблече оној едноделен костум за капење, а баш има убава фигура.
- Извонредна! – одговори Стен додека замислено го пиеше кафето.
- ...и затоа таа приказна ми звучи неверојатно. Стварно, душо, тоа е неверојатно!
Мајка и изгледаше многу расположено и гледаше преку масата.
- Добро е што директорката не направи скандал од тоа. Мисли дека само требала да ме извести. Сака ли некој уште кафе? Еј, ептен се задржавме! Ветив дека денес ќе дојдам порано... Одиме. Остави ги шолјите, душо. Ќе ги измијам кога ќе се вратам. Ајде. Одиме, Стен.
Клара продолжи да седи на маса. Изеде еден тост и го испи кафето. Мајка и и Стен се брзаа, таа ја бараше чантата, а тој винтјакната, а потоа истрчаа извикувајќи “чао”. Дури откако се слушна трескањето на вратите од колата Клара почна да плаче. Солзите и го облија лицето кое се грчеше како на исплашено дете, и и ги воденеше рацете кои беа прекрстени на масата.
Превод од англиски: Емил Ниами