вторник, 5 февраля 2008 г.

ИЗГУБЕНОТО МОМЧЕ – СЛОВАЧКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Си живеел одамна некој господин кој бил многу богат. Арно, ама, џабе му биле парите. Немал тој деца. Тој не бил веќе млад и надежта дека ќе има деца веќе почнла да го напушта. И така отишол тој еднаш кај една гатачка за да му ја претскаже судбината: “Ќе имаш син, само ако не сакаш да го изгубиш, не дозволувај му на момчето да ја допре земјата со нога. Инаку ќе се случи несреќа.”
Скоро жената му кажала на господинот дека ќе имаат дете. Тогаш тој сфатил дека гатачката не го излажала. И така се родило момче убаво како јасен ден. Таткото веднаш вработил девет дадилки за да го гледаат детето. Тој им дал стрга наредба: Син ми не смее да ја допре земјата со нозе!
Дадилките ја послушале наредбата на таткото. Останале уште неколку дена за тој да наполни дванаесет години, а него везден во сребрена колевка го нишале и на раце го носеле. Господинот се радувал што страшното пророштво нема да се исполни и оти времето речиси поминало, та почнал да се подготвува за голема гозба. Кога одеднаш слушнал страшен крик и плач. Отрчал во собата на синаси и пребледел: момчето го немало во собата!
Се покажало дека младата дадилка, која во моментот го чувала момчето, се загледала низ прозорецот во некој убав трговец и за поубаво да го види се издала над прозорецот и го испуштла момчето на земја.
Господинот многу тажел. Ги испратил слугите на сите страни за да го најдат син му. Награди велел, злато нудел. А, момчето како в земја да пропаднало.
Поминале неколку години. И така еднаш на господинот му рекле дека во една од собите на неговата куќа секоја вечер се раздавал чуден шум. Па, така господинот отишол самиот да слушне. Слушнал како некој плаче, како се жали, но зборовите не ги разбирал.Не влегол тој во собата, но срцето му велело дека можеби е тоа неговиот изгубен син.
Тогаш господинот објавил награда од триста грошеви за оној кој ќе биде храбар да ја помине таму ноќта. На почетокот се јавиле многу смели луѓе. Тие велеле дека можат да се соочат со какво и да е чудовиште. Но, кога ќе дошла полноќ ништо не останувало од храброста. Па, така стариот господин не можел да ја одгатне тајната.
Недалеку од куќата на господинот си живеела некоја бедна мелничарка со своите три ќерки. И така гласините за задачата на господинот дошле и до нивниот дом. Најстарата ќерка на мелничарката и кажала на мајка си:
-Мамо, пушти ме кај господинот! Ќе поседам една ноќ, па можеби нешто и ќе дознаам! Триста грошеи за нас се цело богатство!
На мајката не и се допаднала таа идеја, но сепак и дозволила на ќерката.
Отишла девојката кај стариот господин и му рекла дека се сложува да помине една ноќ во собата. Само побарала за преку ноќ да и дадат малку јадење, дрва и свеќа. Господинот веднаш наредил да и донесат на девојката сé што побарала.
Девојката, пак, сето тоа го зела, ја запалила свеќата и отишла во собата во која требала да ја помине ноќта. Запалила оган во печката, почнала да прави вечера, ја послала масата и постелата ја наместила. Додека се занимавала со сите тие работи дошла полноќ.
Одеднаш во собата се слушнал чуден шум. Девојката се исплашила. Погледнала во сите агли, но никој немало. Таа почнала да се тресе од страв, но шумот исчезнал, а од земјата се појавило прекрасно момче. Тоа сенасмевнало и прашало:
-За кого подготвуваш вечера, убавице?
-За себе, - одговорила девојката.
Се натажило момчето, но по неколку моменти повторно прашало:
-А, масата за кого си ја поставила?
-За себе, - повторно одговорила девојката.
Момчето уште повеќе се натажило од таквиот одговор и ја наведнало главата.
-А, постелата за хого си ја послала? – прашало момчето.
-За себе, - и овојпат одговорила ќерката на мелничарката.
Во тој момент на лицето на момчето се појавиле солзи. Убавецот почнал да плаче и исчезнал.
Следното утро девојката сé му раскажала на господинот, но не му кажала за тоа дека го натажила младичот. Господинот многу се израдувал што дознал нешто, па со радост и ги дал на девојката тристае гроша.
Следниот ден во куќата отишла средната сестра. Најстарата ја научила што треба да прави, па така и таа добила триста гроша.
Третиот ден најмладата ќерка, Богданка, и рекла на мајкаси:
-А, да си ја испробам јас среќата, мамо? Ако на моите сестри им се посреќи, може и јас ќе бидам среќлика.
Штод а се прави? Мајката воздивнала и и дозволила.
Кога дошла во куќата на господинот Богданка, како и нејзините сестри, зела јадење, дрва и свеќа и отишла во собата. Запалила оган во печката, почнала да прави вечера, ја послала масата и постелата ја наместила. Додека се занимавала со сите тие работи дошла полноќ. Одеднаш од земјата се појавило прекрасно момче. Тоа било многу убаво, но лицето му било тажно. И ја прашал Богданка:
-За кого подготвуваш вечера, убавице?
Богданка се сетила што и рекле сестрите, но бидејќи момчето било многу убаво, таа поинаку одговорила:
-За себе, но ако си гладен тогаш и за тебе - одговорила девојката.
Лицето на момчето станало посветло:
-А, масата за кого си ја поставила?
-За себе, но ако сакаш и ти да седнеш на маса, тогаш и за тебе - повторно одговорила девојката.
Готинот се израдувал зашто одговорот на Богданка го задоволил.
-А, постелата за хого си ја послала? – прашало момчето.
-За себе, но ако сакаш и ти да спиеш, тогаш и за тебе - и овојпат одговорила ќерката на мелничарката.
Момчето се израдувало и плеснало со рацете, па и рекло:
-Колку убаво што сето ова си го подготвила за мене! Скоро ќе седнеме двајцата на маса, само почекај ме малку зашто треба да се поздравам со моите пријатели кои ми помогнаа сево ова време. И одеднаш како некое ветре да провеало во собата, а насреде подот се појавиле скали кои воделе надолу. Момчето почнало да се симнува по нив, а Богданка се исплашила дека ќе исчезне, така што таа незабележливо се фатила за крајот од неговото палто и се спуштила со него. Така таа се нашла во непознато и чудесно место. Наоколу дрвјата шумат, река тече, а на брегот цветови цветаат! Сé било како на земјата, ама сé било од чисто злато!
Момчето брз тргнало напред, а Богданка одвај успева по него. Ја милува момчето кората на дрвјата, цветовите милно ги допира и нешто им шепоти.
Од шумата кон него птици долетале, на раменици му застанале, та песна му запеале. Момчето, пак, со нив разговара и по крилцата ги милува.
А, Богданка во тоа време скршила едно златно гранче за спомен од тоа чудесно место, а и да им покаже на сестрите кога ќе им раскажува за чудесата што и се случиле.
И така тргнале понатаму. Дошле во друга шума. Богданка погледнала наоколу и занемела од убавина! Дрвјата со гранките мавтаат, езерцето блеска, тревата од ветерот се ниша. А, сé било од чисто сребро!
Од сребрената шума кај момчето дошле многу животни и почнале да му се умикуваат. Елените со роговите вртат, зајците од радост скокаат, влоците се приближуваат за момчето да ги погали. Убавецот им кажал на сите по некој убав збор и ги погалил. А, Богданка повторно скршила гранче, па в џеб го ставила.
Простувајќи се со стите, момчето тргнало назад, а по него тивко тргнала и Богданка. Тој почнал да се качува по скалите, а Богданка се фатла за палтото и се искачила со него во собата. Зад нив се затворил подот.
Момчето и се обратило на Богданка која успеала да седне на масата како да не била со него, ами како да го чекала цело време.
-Се збогував со моите пријатели. Сега можам да седнам на маса – рекол тој, а Богданка почнала да принесува јадење од печката.
И така си седнале тие да јадат, па почнале да се смеат и да се шегуваат. Момчето било толку љубезно што Богданка не ни забележала оти дошла зора.
А, стариот господин нетрпеливо шетал по куќата. Тој веќе почнал и да се плаши дека можеби со девојката се случило нешто лошо, па решил да влезе во собата и да види. Ја отворил тој вратата и занемел: на масата заедно со девојката седи син му и гласно се смее.
Го прегрнал господинот својот изгубен син, а на Богданка и се заблагодарил. Тогаш сунот рекол дека се вљубил во Богданка – неговата спасителка и оти сака да се ожени со неа.
Господинот од среќа почнал да ги вика соседите на гозба, а Богданка ги извадила од џеб двете гранчиња у му ги покажала на момчето. Тоа, пак, ги зело и рекло:
-Колку убаво! Овие две гранчиња нека станат два убави замоци за нас – еден сребрен и еден златен!
Ги фрлил тој гранчињата низ прозорецот и во тој момент се појавиле два чудесни замока, во кои до крајот на животот си живееле Богданка и нејзиниот маж.

Превод од словачки: Емил Ниами

МАРКО И АРАПО – МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Еден Арап на сила му зема чупата на турскио цар, ама нејсе. Рече царо: - Ако Марко беше тука, да је откини чупата од овој… “ Научи бабата, отиде, му рече на царо: - Жив е Марко.”
- “Брго да го извадите”. Ојдоа, го извадиа: - “Ама имам м'ка, вели царо. Сега слаб су. Да ми откиниш чупата од Арапо!”
- Ама и јаска слаб су, вели Марко: - “Шес недели да пија и да јада на лукантата, тогај ќе имам сила”. Јаде, ама којн нема.
Царо вели: - “Токо којни има, кој ќе те бендиса, земи го”. Отиде при којните. Фати еден, тргни го от опашката, а тој падне: - “Нема којн за мене”, рече Марко. - Шчо ќе прам ?, вели царо. - “Три п'ти да викнам, вели Марко, мојо којн ќе дојди”. Три п'ти викна тој: Џамојте се изронаа от куќите. И којно … плух…пред него.
Којно и тој ослабел. Марко рече: - “И којно да ранат шес недели”. Го раниа и којно шес недели, демек. Му отиде при царо и вели: - “Нека дој Арапо, даму а дајш !”.
Дојде Арапо : се фатиа да се бијат. Тија ќе се бијат тогај, се фатија којните на другата страна. Башка се бијат. На Марко му рече којно: - “На арапо којно е послаб од мене”. Го удај којно на Арапо, да му покажи на Марко. Загина Арапо.
Хајде, му остана чупата на царо. - Шчо сакаш да ти дам, вели царо на Марко, бакшиш да ти дам, две.., три кажи да ти дам да поелваш?
Марко не кандисва: - “Три дни да поелвам земја сакам”. Царо се уми: - “Три дни ка у дам, ќе земи сета”. Виде не виде не кандисва - “Нека земи”, рече царо, и му даде.

СТАРИЦИТЕ ШТО СЕ ПРЕВРТУВААТ – ДАНИИЛ (ИВАНОВИЧ ЈУВАЧОВ) ХАРМС

Една старица од прекумерно љубопитство се преврте преку прозорецот, падна и се испокрши.
На прозорецот се појави друга старица и почна да гледа прудолу на скршената, но од прекумерно љубопитство се преврте преку прозорецот, падна и се испокрши.
Потоа преку прозорецот се преврте трета старица, потоа четврта, потоа петта.
Кога се преврте шестата старица, ми здодеа да ги гледам и отидов на Маљцевскиот пазар, каде, велат, на некој слепец му подариле извезен шал.

Превод од руски: Емил Ниами

СВЕТОЛ ТАЖЕН ВИК – НАУМЕ РАДИЧЕСКИ

Згаснат леден лик
Скршен смолкнат блик
Молкнат тивок клик
Празен дрзок слик

Секнат ломен рик
Тежок спречн врик
Темен нежен крик
Напнат жален трик

Светол тажен вик
Грозен можен квик
Смекнат вивнат цвик

Згаснат леден лик
Секнат ломен рик
Светол тажен вик

КРАТКО ЗА СЕБЕ – АНА (АНДРЕЕВНА ГОРЕНКО) АХМАТОВА

Родена сум на 11 (23) јуни 1889 година крај Одеса (Баљшој Фонтан). Во тоа време татко ми бил поморски инженер. Уште на една година ме однесоа на север, во Царское Село. Таму живеев до шеснаесетата година.
Моите први спомени се царскоселските; зелена, влажна убавина на парковите, пасиштата, каде ме носеше мојата дадилка, хиподром, каде скокаа малечки шарени коњчиња, старата железничка станица и нешто друго, што како последица влезе во “Царскоселкса ода”.
Секое лето го поминував крај Севастопол, на брегот на Стрелецкиот залив, и таму се здружив со морето. Најсилен впечаток од тие години – древниот Херонес, зад кој живеевме ние.
Учев да читам по азбуката на Лев Толстој. На пет години, слушајќи ја учителката како ги учи постарите деца, јас, исто така, научив да зборувам француски.
Првата стихотворба ја напишав кога имав единаесет години. За мене стиховите не започнаа од Пушкин и Љермонтов, ами од Державин (“На раѓањето на профирородното момче”) и од Некрасов (“Мраз, Црвен нос”). Тие работи на памет ги знаеше мајка ми.
Учев во Царскоселската женска гимназија. На почетокот не многу добро, потоа многу подобро, но секогаш без волја.
Во 1905 година моите родители се разделија, а мама со децата замина на југ. Цела година проживеавме во Евпаторија, каде јас дома го изучував претпоследниот клас на гимназијата, тагував по Царско Село и пишував мноштво беспомошни стихови. Одзвуците на револуцијата од деветстотини и петатата глуво стасуваа до отсечената од светот Евпаторија. Последниот клас го учев во Киев, во Фундулеевската гимназија, која и ја завшив во 1907 година.
Се запишав на правниот факултет на Вишите женски курсеви во Киев. Додека изучував историја на правото и особено латински, бев задоволна, а кога започнаа чисто правните предмети, станав ладна кон курсевите.
Во 1910 година (25 април според стариот календар) се омажив за Н. С. Гумиљов, и заминавме на месец во Париз.
Пробивањето нови булевари по живото тело на Париз (што го опиша Зола) се уште не беше сосема завршено (булеварот Rasapail). Вернер, другарот на Едисон, во “Taverne de Pantéon” ми покажа две маси и ми рече: “А, ова се вашите социјалдемократи, тука се бољшевиците, а таму мењшевиците”. Жените со непостојан успех се обидуваа да носат или панталони (jupes-cullottes) или ги повиваа нозете (jupes-entravées). Стиховите беа сосема запустени и ги купуваа за винета на помалку или повеќе извесните уметници. Уште тогаш сфатив дека парискиот живопис ја изел француската поезија.
Откако се преселив во Петербург, учев на Вишите историско-литературни курсеви на Раев. Во тоа време веќе пишував стихови, кои потоа влегоа во мојата прва книга.
Кога ми ја покажаа коректурата на “Кипарисова кутија” на Инокентиј Аненски, бев совладана и ја читав, заборавајќи се околу себе.
Во 1910 година јавно беше означена кризата на симболизмот и поетите-почетници не му се приклонуваа на тој правец. Едни одеа во футуризмот, а други во акмеизмот. Заедно со моите другари по Првиот Еснаф поетите Мандељштам, Зенкевич, Нарбут – се сторив акмеистка.
Пролетта 1911 година ја поминав во Париз, каде бев сведок на првите триумфи на рускиот балет. Во 1912 година пропатував по Северна Италија (Џенова, Пиза, Фиренца, Болоња, Падова, Венеција). Впечатокот од италијанскиот живопис и архитектура беше огромен: небаре е сновидение, кое го поминиш сиот свој живот.
Во 1912 година излезе мојот прв зборник стихови “Вечер”. Отпечатени беа се на се триста примероци. Критиката беше благосклона кон него.
На 1 октомври 1912 година се роди мојот единствен син Лев.
Во март 1914 година излезе втората книга – “Бројаници”. Нејзиниот живот траеше шест недели. На почетокот на мај, петербуршката сезона почна да замира, малку по малку сите почнаа да заминуваат. Овојпат разделбата со Петербург се покажа вечна. Не се вративме во Петербург, ами во Петроград, од XIX век веднаш се најдовме во XX, се беше поинаку, почнувајќи од изгледот на градот. Се чинеше малечката книга со љубовна лирика на авторот-почетник мора да потоне во светските случувања. Времето беше поинакво.
Секое лето го минував во поранешната Тверска губернија, на петнаесет врсти од Бежецк. Тоа е неживописно место: изорани полиња во рамни квадрати на ридестата месност, мелници, глибови, исушени мочуришта, “порти”, леб, леб… Таму напишав многу стихови од “Бројаници” и “Бело јато”. “Бело јато” излезе во септември 1917 година.
За оваа книга читателите и критиката се неправедни. Не знам зошто сметаат дека имала помал успех одошто “Бројаници”. Тој зборник се појави под уште посурови услови. Транспортот замираше – не можеше да се испрати книга во Москва, сите се распродадоа во Петроград. Списанијата се затвораа, весниците исто така. Затоа, за разлика од “Бројаници”, за “Бело јато” не се крена многу врева во печатот. Гладот и пропаѓањето раснеа секојдневно. Колку и да е чудно, денес тие услови не се земаат предвид.
По Октомвриската револуција работев во библиотеката на Агрономскиот институт. Во 1921 година излезе зборникот со мои стихови “Тегавец”, во 1922 година книгата “Anno Domini”.
Некаде во средината на 20-тите години почнав ревносно и со голем интерес да се занимавам со архитектурата на стариот Петербург и со изучување на животот и творештвото на Пушкин. Како резултат на моите пушкински штудии произлегоа три труда – за “Златниот петел”, за “Адолф” на Бенжамен Констан и за “Камениот гостин”. Сите тие во свое време беа напечатени.
Трудовите “Александрина”, “Пушкин и Невското приморје”, “Пушкин во 1828 година”, со кои се занимавам речиси последниве дваесет години, по се изгледа, ќе се најдат во книгата “Гибелта на Пушкин”.
Од средината на 20-тите години моите нови стихови престанаа да ги печатат, а старите да ги препечатуваат.
Татковинската војна од 1941 година ме дочека во Ленинград. На крајот на септември, за време на блокадите, со авион заминав за Москва.
До мај 1944 година живеев во Ташкент, со нетрпение ги ловев вестите за Ленинград, за фронтот. Како и другите поети, често настапував во болниците, им читав стихови на ранетите војници. Во Ташкент првпат дознав што е тоа огнен жар дрвена сенка и звук на вода. А, исто така дознав и што значи човечка добрина: во Ташкент бев долго и тешко болна.
Во мај 1944 година долетав во пролетната Москва, веќе полна со радосна надеж и очекување на блиската победа. Во јуни се вратив во Ленинград.
Страшниот призрак во кој се претворил мојот град, толку многу ме порази, што таа средба со него ја опишав во проза. Тогаш се појавија моите белешки “Три сирени” и “На гости кај смртта” – последната за читањето стихови на фронтот во Териоки. Прозата отсекогаш ми се чинела тајна и соблазна. Јас уште на почетокот знаев се за стиховите – никогаш ништо не сум знаела за прозата. Мојот прв обид сите го фалеа, но јас, се разбира, не верував. Го повикав Зошенко. Тој ми рече да тргнам нешто и ми рече дека со останатото се сложува. Бев среќна. Потоа, по апсењето на син ми, ги запалив заедно со целата архива.
Одамна ме интересираа прашањата за уметничкиот превод. Последниве години многу преведував. И сега преведувам.
Во 1962 година ја завршив “Поема без херој”, која ја пишував дваесет и две години.
Минатата пролет, спроти дантовската година, повторно го слушнав звукот на италијанската реч – бев во Рим и на Сицилија. Пролетта 1965 година отпатував во татковината на Шекспир, го видов британското небо и Атлантикот, се видов со старите другари и се запознав со нови, уште еднаш го посетив Париз.
Не престанав да пишувам стихови. За мене во нив се наоѓа мојата врска со времто, со новиот живот на мојот народ. Кога ги пишував живеев со тие ритми, кои звучеа во херојската историја на мојата земја. Среќна сум што живеев во тие години и ги видов настаните на кои им нема рамни.
1965
Превод од руски: Емил Ниами

ЛИЛЈАК - ЕН СЕКСТОН

Неговата одвратна кожа
испружена од некој трговец
е иста како мојата кожа, тука меѓу прстиве,
како некоја пајажина, како жаба.
Сигурно кога сум се родила лицето ми било вака мало,
и пред да се родам сигурно сум можела да летам.
Нецелосно, прости, само превез од кожа
од моиве раце до моите слабини.
Летав навечер, исто така. Да не ме видат
оти да ме видеа ќе ме струполеа.
Можеби во август кога дрвјата се истегнуваа до ѕвездите
и сум летала од лист на лист во густата темнина.
Да ме начекаше со светилката
ќе видеше розов труп со крилја,
изваден, изваден, од мајчината утроба, сиот влакнест
збрчкан и пресушен над куќите, војските.
Затоа кучињата кај тебе дома ме душкаат.
Тие знаат дека треба да ме уловат
некаде на гробишта, висејќи прудолу
како деформирана цицка.

Препев од англиски: Љупчо Петрески

САЈБЕРУЖАС – ЈЕВГЕНИЈ ТОРОПОВ

Кога Пјотр заспиваше, му се снија чудовишни соништа за тешкото диво минато на неговата родина.
Во соништата Пјотр беше некаков си полубеден граѓанин на земјата, од кого милата држава зема прекумерно високи даноци, па во родната фабрика половина година плата не даваат; а одеднаш си сни дека се нашол во “жешката точка” на планетата – во непозната земја за да го заштитува никому познатата влада од жестоката опозиција со назнака “топовско месо”. Во сонот тој се креваше во воздух на мини и правта од илјадници парчиња од неговото тело ги оплакуваа многубројните роднини и помалку-повеќе малите несреќни деца.
Се будеше Пјотр во ладна пот од титкањето на будилникот, како од бомба со темпиран часовник и, без сили, пушеше многу цигари, се дури не дојдеше време да се оди на работа.
- Морам да ја проветрам просторијата! – со метален контраалат во собата доаѓаше домашниот робот и Пјотр трепереше.
Тој изгубено одеше кон клима-уредот, кој го зафаќаше речиси целиот прозорец и слушаше:
- Ставете ја Вашата кредитна картичка…
Потоа Пјотр одеше да си ги мие забите, а под славината блескаа копчиња со натписи: струја од 1, 3 и 5 копејки за минута.
За време на нарачиниот појадок, тој дури и не гледаше на сметката, зашто веќе десет години наутро нарачуваше едно исто: вискокалорична конзервирана чорба од производите на нафтопреработката.
Пјотр гледаше низ прозорецот: на хоризонтот чадеа оџаците на неговата Фабрика. По улиците, одвај видни со очи од таа височина, ползеа на работа чистачите. Сонцето грееше.
И доаѓа времето за заминување.
Тој се качуваше на покривот од облакодерот и за 5 рубљи нарачуваше превоз на аеролајнер. Но, на средината на патот тој толку воздивнуваше од жештината, што запираше на една од повисоките платформи и ги даваше сите пари на добро познатиот продавач за лименка ладна кока-кола. Пјотр имаше замислено вака: ако издржи без кока-кола наутро и ако изджи без кока-кола навечер, тогаш тие пари тој ги трошеше на гумена кеса со кислород за својата единствена ќерка.
И така, животот на Пјотор стана помалку или повеќе среќен, а распоредот на денот јасно и секогаш организиран. И можеше спокојно да се утврди дека Пјотр е среќен, доколку токму денес не се случеше несреќа. Пјотр, како и секогаш, на време стаса на работното место, но овојпат, шефот на одделот го пресретна со силни прегратки, што беше сомнително.
- Пјотр, - проговори шефот на одделот, - отпуштен си. Најдовме поевтина замена за тебе.
…Ах, да не беше тој застој, ќе можевме со сигурност да кажеме: Пјотр е посреќен на јаве, одошто на сон

Превод од руски: Емил Ниами