четверг, 31 января 2008 г.

МЛИТАВКА – АНТОН ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ

Пред неколку дена ја повикав во мојот кабинет гувернатата на моите деца, Јулија Васиљевна. Требаше да ја исплатам.
- Седнете, Јулија Васиљевна! - и реков. – Ајде да пресметаме колку ви должам. Вам ви се потребни пари, а вие сте толку церемонијална што сами нема да си побарате… Па… Се договоривме за триесет рубљи месечно…
- За четриесет…
- Не, за триесет… Така сум запишал… Јас на сите гувернанти им плаќам по триесет… Кај нас бевте два месеци…
- Два месеци и пет дена…
- Точно два месеци… Така сум запишал. Значи, ви следуваат шеесет рубљи… Ако одземеме девет недели… нели, во неделите не работевте со Коља, ами само се шетавте… Па три празника…
Јулија Васиљевна се вцрви и почна да го дрпа карнерот, но… ни збор!
- Три празника… Настрана, значи, дванаесет рубљи… Коља беше болен четири дена и немаше часови… Ја учевте само Варја… Три дена ве болеа забите, така што жена ми ви дозволи да немате часови попладне… Дванаесет и седум – деветнаесет. Одземаме… останува… хм… четриесет и една рубља. Така?
Левото око на Јулија Васиљевна поцрвене и се навалжни. Брадата почна да и се тресе. Таа нервозно се накашла, шмркна, но – ни збор!
- За Нова Година скршивте шолја со тацна. Минус две рубљи…Шолјата е поскапа, таа ни е семејна, но… Бог нека е со вас! Што ли не сме изгубиле! Потоа, поради ваше невнимание Коља се качи на дрво и си го скина палтото… Минус десет… Чистачката, исто така поради ваше невнимание, и ги украде на Варја чевлите. Треба на сé да внимавате. За тоа примате плата. Па, значи минус пет… На десети јануари зедовте од мене десет рубљи…
- Не сум зела, - шепна Јулија Васиљевна.
- Така сум запишал.
- Ајде, во ред.
- Четриесет и еден минус дваесет и седум – остануваат четиринаесет…
И двете очи и се наполнија со солзи… На долгиот, убав нос се појави пот. Кутрата девојка!
- Само еднаш позајмив, - рече таа со растреперен глас. – Од жена ви зедов три рубљи… Повеќе не сум зела…
- Навистина? Ете, а јас не сум запишал! Четиринаесет минус три, остануваат единаесет… Еве ви ги парите, госпоѓице! Три… три, три… една и една… Повелете!
Јас и подадов единаесет рубљи… Таа ги зеде со растреперените прсти и ги пикна в џеб.
- Merci, - прошепоте таа.
Јас скокнав и почнав да шетам по собата. Ме фати бес.
- За што merci? – прашав.
- За парите…
- Ама, јас ве искрадов, по ѓаволите, ве ограбив! Украдов од вас! За што merci?
- На други места воопшто и не ми плаќаа…
- Не ви плаќаа? Тешко вам! Јас се пошегував со вас, ви одржав добра лекција… Ќе ви ги дадам сите осумдесет рубљи! Ене се, во пликот, подготвени се за вас! Зошто сте толку апатична? Зошто не се буните? Зошто молчите? Зошто не покажете заби? Зарем е можно да сте таква млитавка?
Таа се насмевна кисело, а јас на нејзиното лице прочитав: “Можно е!”
Ја замолив да ми прости за жестоката лекција што и ја одржав и и дадов осумдесет рубљи, иако таа се чудеше. Таа срамежливо ми се заблагодари и излезе… Ја погледнав и си помислив: лесно е да се биде силен!

1883

Превод од руски: Емил Ниами

1 комментарий:

EdenBlog комментирует...

Ве молам, ќе може ли да ми кажете кој е оригиналниот наслов на расказот „Млитавка“ на Антон Павлович Чехов. Ви благодарам однапред. Кристина