четверг, 31 января 2008 г.

ЗА КОГО БИЈАТ СЕМПЛОВИТЕ – ВЈЕКОСЛАВ МАТИЈАН

Малото, нервозно друштво дојде на ручек во екслузивниот ресторан, во подножјето на Скопје. Вјекослав и Ружица седнаа еден до друг, веројатно од навика и некое непишано правило, иако меѓу нив веќе немаше ништо. Децата и планот Б, В, Г, Д, Ѓ... (да не набројувам до Ш) на Ружица беа единственото нешто што вештачки го одржуваа нивниот “заеднички” живот, кој одамна ги надмина сите познати кругови на пеколот и во моментов му даваа нова смисла на поимот “нуклеарна војна”. Кутриот Опенхајмер, се плашеше од воена употреба на атомската бомба и се залагаше за користење на атомската енергија во цивилни цели, заборавајќи дека жените понекогаш имаат поголема разорна моќ од неговите атоми... Шовинистичка забелешка? Па, да!
Игор си седна отспротива и веднаш почна да зјапа во плафонот. Дрвени греди и варосани ѕидови во бела боја. Интересно, барем така изгледаше неговото лице.
Игор како Игор, навидум мирен и сталожен, пристојно ја прифати понудата на Ружица за ручек по повод... којзнае кој беше поводот, важно Ружица сакаше да му ги реферира негативностите и лошите страни на неговиот другар од детство.
- Игор, што ќе каснеме? – запраша Вјекослав, кревајќи ја раката кон келнерот.
- Увијач, – одговори Игор во својот препознатлив елоквентен стил.
- Добро, увијачот е по “дефолт”, ќе земеме некое мезе, салата, пивце?..
- Шопска и пиво... “Скопско”, мало.
- Ружице злато, пушти бело грло, та гласот нека ти заигра во сплет на милозвучни тонови, а до уши да ми допре твојот екслузивен избор од менито на овој екслузивен ресторан, – подбивно и со карактеристичната зајадливост Вјекослав и се обрати на Ружица. Игор се сепна и за момент својата фасцинираност со белиот плафон и белите греди ја замени со бледа насмевка на лицето. “Еве го, почнува, што ли следи?!” – помисли Игор.
- Киевски шашлик и мало шише црвено вино, – с'ска Ружица, а нејзиниот поглед упатен кон Вјекослав значеше само едно. “Умри!”
- Две мали “Скопски” и чаша отров... се извинувам, мало шише црвена “Александрија”.
Келнерот не се насмеа, изгледа ја немаше онаа духовита нијанса во гласот на Вјекослав. “Не ќе е на арно меѓу двајцава кретени”.
Келнерот начкрта нешто во нотесот и итро се измолкна од атмосферата, преполна со напнатост и нервоза.
Задоволен од изгледот на плафонот, белоста на белата боја и нарачката, Игор реши да се повлече за момент и да здивне. Му светна! Му се оди во тоалет.
- Каде е тоалетот, Вјекослав?
- Зад шанкот.
Игор стана, уште еднаш го погледна плафонот, и очиглкедно задоволен од она што го виде, отиде да си ја олесни душата. Не од наталожените течности, ами од неговиот другар и неговата таканаречена жена. “Ебаго, Игор, што ти требаше да дојдеш?..”
- Не мораш да се криеш од мене. Меѓу нас е готово! Не ми е гајле со кого си, само не лажи ме!, - почна Ружица, одвај чекајќи го моментот да остане сама со Вјекослав.
Вјекослав воздивна длабоко. Монструозните дијалози со Ружица повторно почнуваат. Да, тој е виновникот, да, тој е оној што е отпуштен (еден од најинтересните зборови од опширниот вокабулар на Ружица1), да, тој е оној што ги уништи сите убави работи во бракот... па дури е виновен за љубовникот на Ружица. Згора на сé, Вјекослав етој што има љубовница!
- Ако е готово и ако ме отпушти, тогаш зошто толку филозофираш?, - нервозно одговори Вјекослав. - Дојдовме да ручаме со Игор, не качувај ми го притисокот. Еве го доаѓа од тоалет, замолчи, бре, и не кини ми нерви, остави ме да јадам како човек.
Игор седна , помислувајќи “Белки двајцава нема веќе да ме тормозат...”. Игор не успеа ни мислата да ја заврши.
- Тој има љубовница во Шпанија! Планира оваа Нова Година да отпатува за Барселона. Трошоците не се важни, и така Лора ќе му ги плати. Лора се вика. Авионски билет во два правца и ексклузивен престој во нејзиниот стан!, - со мил, но зајадлив тон му се внесе Ружица в лице на Игор.
Игор молчеше со нем израз на лицето и бледо ја гледаше. Единствено долната усна благо му заигрува во невидлива насмевка.
- Лора е трудна, носи негово дете. Сака да оди и да види што направил. Ќе си бидат среќно семејство за Christmas и Нова Година, - продолжи Ружица, нагласувајќи го зборот Christmas, не свртувајќи се кон Вјекослав.
Вјекослав нервозно ја извади последната цигара од кутијата, ја запали и длабоко вовлече. Брзо испи неколку големи голтки од чашата пиво. Главата ја потпре на рацете и внимателно се загледа во Игор, обидувајќи се да ги долови неговите мисли. По толку години брак, сé уште не му е јасна лудоста на жената којашто седи до него и сé уште се нарекува негова жена, барем законски. Реакцијата на Игор е очекувана - без коментар, нема реакција, само Господ знае што мисли точно, а обичен човек може да погодува.
Ружица беше упорна.
- Се запознаа во Париз. Тогаш ја легна, а сега ќе се породи.
- Трудна е… од Вјекослав?
- Уште не го знаеш другар ти? Беа заедно во Охрид, во хотел, соба до соба. Имаше две шанси да ја заврши работата.
- Заедно беа во Париз или во Охрид?, - мртов сериозен праша Игор.
Ја виде тој и во Париз, а заедно беа и во Охрид, - потврдува Ружица триумфално, најавувајќи благи сигнали на нервоза и хистерија. Вјекослав е победен пред својот најдобар другар.
- Знаеш, службено дојде во Скопје, па потоа “службено” отидоа во Охрид. Сосема “службено” се сместија соба до соба. Прашај го Вјекослав, - Ружица е убедена во тоа што го зборува.
Вјекослав ја испи и последнатаа голтка пиво од чашата. Можеби од алкохолот, нешто чудно почна да се случува со Вјекослав. Тој почна да ја гледа ситуацијата филмски. Пред неговите очи почна да се одвива филм. За жал, актерите беа реални, но некако вака ги виде работите:
При последните зборови на Ружица, кадарот премина во црно-бела техника, а камерата направи забрзано движење од лицето на Ружица, на лицето на Вјекослав, а потоа камерата се придвижи над главата на Вјекослав, направи швенк на сите гости озгора, па се спушти и брзо почна да оди од маса до маса, испуштајќи фрејмови. Се гледаа само лица, усти кои џвакаат, ножеви и виљушки кои сечат месо, чаши со пијалак што се креваат, се слушаше неразбирлива бучава, измешани гласови, музика. Во еден момент, во кадар влегува келнер. Камерата се фиксира на келнерот кој носи мало шише пиво. Уследи претоп во колор техника, а испуштањето на фрејмови заврши. Келнерот го стави пивото пред Вјекослав.
- Игор, ти се оди во Барселона за Нова Година?, - мртов ладен праша Вјекослав, но душата му гореше од навреда.
- Па, размислував за нешто такво, - исто толку мртов ладен одговара Игор.
- Знаеш, Барселона мора да се види за “Christmas” и Нова Година. Така чув, - по малку зајадливо искоментира Вјекослав, нагласувајќи го зборот “Christams”.
- А кој ќе го среди аранжманот?, - праша Игор.
- Не секирај се за аранжманот и за туристичкиот водич. Ти треба да платиш само авионски билет до Барселона. Всушност, нема да одиме во Барселона, туку во едно мало село на 30 километри од главниот град.
Дијалогот се одвива само меѓу Вјекослав и Игор. Ружица е исклучена, нејзиното лице не влегува во кадарот... забегав, си помисли Вјекослав. Навистина направив филм.
- Да, да! Нема проблем за сместување, ќе те смести Вјекослав кај неговата Шпанка. Ќе можеш да го видиш и неговото дете.
Вјекослав и Игор продолжуваат со дијалогот, игнорирајќи ги коментарите. Камерата и понатаму го следи само нивниот дијалог.
- Нема проблем, можеби ќе се погодиме таму и за породувањето. И потоа
нека каже некој дека не сум мајстор. Ем не била во Скопје, ем сум ја затруднел. И самиот знаеш колку голем ебач и женкар сум, ќе ти потврди Ружица. Не џабе ме викаше “манијак сексуални”. Си ја завршив работата во тоалет, па скокнав до лабораторија, го замрзнав мојот генетски “sample” на -20 целзиусови степени во течен азот и го пратив во Шпанија по брза пошта… за да и стигне тазе. Како “Gene navigator”, да се изразам во техно жаргон, земам сперма и почнувам да семплувам - сакаш машко, сакаш женско, руси коси, црни коси! – Вјекослав почна да се губи во својата оксиморонска, да не кажам, моронска занесеност, ставајќи акцент и изговорувајќи ги “руси коси” и “црни коси” слеано.
- Е откако чичко поштар и ја донесе поштата, Лора си ја зеде епруветата, ја загреа на топлото шпанско сонце, нели е замрзната, па мислејќи на топлиот кревет, на моето мило лице, на паељата во Париз и на пастрмката во Охрид си направи самоинсеменација - стручно кажано, ме разбираш. Друго објаснување не ми текнува, освен дека е Лора кобила, па останала бремена 16 месеци по нејзиното фиктивно “службено” доаѓање во Скопје… или 14 месеци по нашата наводна средба во Париз. Што ти е гајле, куме! Пак ќе крстиме дете, знам колку сакаш да се вртиш во круг, а потоа да плукаш по сатаната. А и Македонија не може да чека, наталитетот мора да ни порасне. Старееме како нација.
- А, бе, Вјекослав, знаев дека си интернационален мајстор, ама дека си толку способен…, - веќе видно расположен коментира Игор.
- Не знаев ни јас, Игор. Понекогаш и самиот си се чудам сам на себе, - исто толку расположен одговара Вјекослав. - А ти ми викаше дека немам врска од транс и техно музика. Гледаш како семплувам материјал и тоа семенски материјал. Џга-џга-џга.
- Знаеш што е финтата? Не знаеш? Па ти ме учеше! Исто како на перформансот на Крис Лајбниг. Го згрчувам телото, ги кревам рацете, чекам на глупиот Крис да му текне да го смени ритмот и кога ќе направи преод од басот што отекува, паѓам во транс, нирванично истекувам во бесконечноста и плукам… генетски материјал. После само комбинираш со гените, веќе не си Ди Џеј, напредуваш во resident навигатор. Цитозин, аденин, гуанин, урацил, па ангажирам транспортна РНК за да ми ги пренесе гените… ете тоа ти е навигатор. Гледаш дека правам разлика меѓу Ди Џеј и навигатор! А не сум знаел што е техно, седи бе!
Игор не може веќе да го контролира смеењето. Почнува да се засркнува и да кашла. Камерата се врти накај Ружица. Таа станува сериозна.

Ајде да докажеме колку сме паметни, образовани и колку сиот свет чека на нас, па дури и напредниот Азербејџан. Play it again, Rose!

- Има шанси да најдам работа во Азербејџан. Имаат потреба од образувани луѓе. Платата е околу 3400 фунти месечно. Pounds, real money!, - му се обрати Ружица на Игор.
- Во Азербејџан? А што би работела таму? - прашува Игор.
- Реконструкција. Ако не, ќе останам без работа. Ќе седам дома, ќе чистам и ќе правам apple pie, - констатира Ружица.
Вјекослав благо се насмевнува.
- И јас да каснам нешто благо, па макар и pie без apple. Тешко мене.
Друштвото замолчува и продолжува со ручекот. Надвор полека се стемнува. Камерата преоѓа на една од светилките и ја фокусира. Кадарот почнува да се замаглува, а камерата преоѓа во дефокус. Игор замина дома, а дома, во своето љубовно гнездо исткаено од трње, заминаа и Вјекослав и Ружица.
Кјубрик, обои ме! Опенхајмер, уништи ме слободно! Која будала го измисли бракот?
ПРОЛОГ
Случката е вистинска, личностите се вистински, имињата, нормално, се измислени. Вјекослав се разведе од Ружица, Игор се ожени, Лара и Вјекослав се видоа 2 години по овој настан, Кјубрик почина, а Опенхајмер зажали што ја создаде атомската бомба.
Дали сé уште верувам во љубовта?.. Да!
Дали сум шовинист?.. Не!

Комментариев нет: