четверг, 31 января 2008 г.

РАЃАЊЕТО И СМРТТА НА “НОВ АМЕРИКАНЕЦ” – СЕРГЕЈ ДОВЛАТОВ (предговор кон збирката “Маршот на осамените”)

Овие белешки наликуваат на говор над сопствениот ковчег.
Само претставете си: светол зимски ден, отворен гроб. На зглавјето - бели цветови. Наоколу натажени лица на пријатели и роднини. На бледното декемвриско небо се топат звуците на посмртниот марш...
И одеднаш вие станувате, смртно бледен, дотеран, убав, опсипан со латици од гладиоли.
Придушувајќи ги плашливите крици на толпата, велите:
-Момент, не одете си! Сега ќе ги именувам луѓето кои ме испратија во мртовечкиов сандак!
Тоа е многу големо искушение, да се каже говор над сопствениот гроб. Ете зошто решив да го издадам овој малечок зборник.

Овој зборник е за оние кои го знаеја и го сакаа “Нов Американец” во периодот на неговиот расцут, за оние кои тагуваат за неговата мината убавина, за оние во кои постои чувството за изгубено.
Парадоксот се огледа во тоа што, “Нов Американец” се уште е жив. Тој е жив како марксистичко - ленинистичкото учење, без разлика на сите очигледни црти на неговата деградација и пад.
Умрев само јас. “Нов Американец” само се препороди.
Иако во него, како и порано, работат талентирани луѓе. Се задржуваат привлечните црти на студентските средби. И весникот, како и порано, е оформен со вкус.
Но, исчезна она што беше главно. Она поради кое и се создаваше “Нов Американец”. Она кое му донесе некаква слава.
“Новиот американец” ги изгуби карактеристиките на демократски алтернативен весник. Тој престана да биде слободна дискусиона трибина. Смртта на “Нов Американец” е прекрасна и неповратна. Така потонува под вода голем океански брод. Но, едрата се уште се гледаат...
Со историјата на “Нов Американец” ќе се зафатат други. За таква работа јас сум малку субјективен. И уште повеќе, тоа што многумина помнат, како се започна.
Некои го помнат убавото. Некои, пак, лошото. Нашиот ум е избирачки, исто како избирачка кутија...
Затоа јас само бегло ќе ја раскажам историјата, осатнувајќи во рамките на скромниот граѓански парастос...
Како што сега можам да видам, весникот се појави во мошне благопријатен момент. Емиграцијата го достигна врвот. Во врска со авторите немаше никаков проблем. (Исто како што нема ниту сега. Писмени има доволно. Од доктори на науки може да се направи добра фудбалска екипа.) Потребата за нов весник беше очигледна. Постоечкиот руски печат не ги задоволуваше читателите. “Новое руское слово” користеше јазик, со кој се служеа лакеите во Ертел и Златовратск...
Како и да е, работата тргна. Добивме банкарска позајмица во износ од дванаесет илјади долари, што беше причина за неверојатни гласини, дури и такви, дека не потпомага КГБ.
А ние сите се радувавме. Ние велевме:
-Добре е што сметаат дека сме агенти на КГБ. Тоа ја зацврстува нашата финансиска репутација. Нека си мислат дека сме побогати...
Весникот стана реалност. Чувството на чудо беше заменето со секојдневни грижи. Се задлабочивме во џунглата на американскиот бизнис.
Идеи ни паѓаа на ум секоја минута. И секоја од нив откриваше пат кон богатството.
Кога се насобраа доволно идеи, ние му се обративме на еден амрикански познаник, Голдберг. Тој се запозна со идеите. Потоа сурово изговори:
-За оваа идеја ќе добиете една година затвор. За оваа две. За оваа четири, со конфискација на имотот. А, за оваа вас просто ќе ве депортираат...
Требаше се да се почне отпочеток.
Истовремено се разработуваше творечката позиција на весникот. Ние објавивме:
“Нов Американец” е демократска, слободна трибина. Тој објавува различни, понекогаш дури и дијаметрално спротивни гледишта. Заклучоци си донесува самиот читател...
Ние самите себе се нарекувавме еврејски весник. Да си кажам по право, јас лично бев против таквата формулација. Јас сметав дека “Нов Американец” е “весник на третата емиграција”, без никаков акцент на еврејското.
Започнаа разговори во општествените кругови. Не обвинуваа за потценувачки однос кон Русија, за локал-патриотски шовинизам, за користољубиви обиди да се привлече интересот на богатите еврејски организации.
Еден стар другар ми се јави од Франција. Тој ми рече:
-Велат дека си влегол во редовите на православните Евреи, и дека дури си се обрежал…
Јас одговорив:
-Володја! Јас не сум станал правоверен евреин, и не сум направил обрежување. Јас тоа можам да го докажам. Не можам да го протегнам мојот доказ преку океанот. Но, можам да и го покажам на твоја поверлива личност во Њујорк...
Паралелно со еврејскиот шовинизам, не обвинуваа и за јудофобија. Не нарекуваа антисемитисти, масакристи и црносотенци. Во врска со тоа ги споменував Арафат, Рибентроп, Гогољ.
Еден простодушен читател ми напиша:
-Вие го надминавте дури и Гогољ.
А, јас му одговорив:
-Од твоја уста во Божји уши...
Во нашиот весник се публикуваа дисусиони материјали за Солженицин. Господе, каква тревога предизвика тоа нешто. Не обвинуваа за соработка со советскиот режим, за прокомунистички расположби, само уште и за тероризам не не обвинија.
Се рашири приказна, дека јас, идниот затворски надзорник, физички сум го малтретирал Солженицин, иако кога Солженицим го затворија јас имав само три години. Јас почнав да работам во стража дури по дваесет години, кога на Солженицин му ја дадоа Лениновата награда...
И покрај се работите одеа добро. За нас пишуваа сите големи американнски весници и списанија. Добивав отсечоци од Франција, Шведска, Западна Германија. Бев поканет како редактор на три меѓународни симпозиуми. Зборував на радио. Блескав на телевизиските екрани.
Имавме претплатници дури и од Јужна Кореа...
Тука можев да наведам стотици документи. Од писмата на градоначалникот Коч, па се до писмата анонимката напишани на летонски јазик. Но сето тоа е непотребно. Кој го читал весникот, тој знае...
Годишнината ја одбележавме во ресторанот “Сокол”. Според територијата тој е еднаков на Ватикан. Во огромната сала се собраа околу деветстотини луѓе. Многумина од нив допатуваа специјално од Филаделфија, Конектикат, па дури и од Тексас.
По се изгледа тоа беше најсреќниот ден во мојот живот...
Натамошните настани ги излагам бегло, во главни црти.
Чувството на сензационалност и триумф не се губеше, иако имаше доволно проблеми. Како прво немаше доволно пари, што не ладеше и покрај нашиот ентузиазам.
Ни беше потребен добар бизнис менаџер, т.е. просто кажано администратор, деловен човек, па уште и до некој степен идеалист.
Уверен сум дека такви луѓе постојат. Уверен сум дека парите не можат да бидат самоцел, особено тука во Америка.
Колку му е потребно на човекот за удобен живот? Сто, двесте илјади годишно? А, луѓето тука вртат милијарди.
Сумата се претвори во цифра. Цифрата се претвори во хералдски знак.
Паметниот бизнисмен не се стреми кон пари. Тој се стреми кон целосна и хармонична идентичност на усилбата и резултатот, за што најубедлив показател е цифрата.
Накратко, беше потребен администратор. Јас сметав дека целата несреќа се состои во тоа.
Покрај сето, тоа монополскиот печат не потопуваше бескрупулозно. Тој ги обработуваше нашите рекламодатели, ги тероризираше авторите, пушташе за нас страшни гласини.
Со тек на време мене ми здодеа да се оправдувам. Нека си мислат луѓето дека токму јас сум ја отрул госпоѓа Бовари...
Кога и да е, Седих ќе се најде во рајот, и апостолите ќе му кажат:
-Добар си ти, чичко Јаша! А, ете, Сергеј Довлатов не си го оценил...
Времето одминуваше. Состојбата во редакцијата беше прекрасна, со лесна корекција на општото безумие.
Помнам, Наталија Шаримова требаше да оди во печатницата. Тоа беше навечер. Населбата беше прилично страшна.
Им кажав на Вајли и Генис, мажите со брада:
-Не е убаво Шаримова да оди сама во печатница.
На тоа убавиот и снажен Генис ми одговори:
-Е, па јас и Петко ќе одиме...
Ситуацијата беше весела и празнична, иако земјата уште одамна ми се нишаше под нозете.
Поработев во “Нов Американец” две години. Бев, да се изразам убаво, еден од неговите создатели. И бев хонорарен редактор. Навистина без плата. Партнер не бев. Акции немав.
Парадоксот се огледа во следново. Весникот имаше тројца стопани и десетици хонорарни работници. Стопаните работеа бесплатно, како што се претпоставува за сопственици на нов бизнис, за сметка на идниот профит.
Хонорарците добиваа плата. Убава, но малечка. Или подобро кажано, малечка, но убава.
И така, стопаните добиваа морална сатисфакција.
Наемниците, пак, добиваа скромна плата.
Јас бев парадоксална личност. Психолошки јас бев стопан. Правно бев хонорарец. Стопан без сопственост. Наемник без плата.
Се држев на соодветен начин. Од стопаните барав отчетност. Давав совети на раководството. Го истоштив Борис Метер по прашањето за дисциплина.
И ме отпуштија. Без никакви тешкотии, дотолку повеќе што јас правно гледано бев никој.
Си отидов. Со мене дојде и творечкиот колектив. Го наговоривме господинот Дескал од “Русики” да го финансира “Новиј свет”. Весникот поживеа два месеца.
Потоа господинот Дескал го купи “Нов американец”. Ни предложи да се вратиме. Ни вети творечка слобода. И јас се вратив.
Ќе речете:
-Добар човек. Го навредиле, а тој се вратил. Каде ти е чувството за сопственото достоинство.
Јас одговарам:
-”Нов Американец” беше мое омилено чедо, предмет на сите мои надежи, или убаво изразувајќи се, беше моја животна работа. Дали ви е познато местото, каде човекот треба да застане и да се фати за својата животна цел?!..
Понатаму се беше мошне просто. Се покажа дека творечката слобода е мит. Сето останато немаше никакво значење.
На крајот ни дадоа плата. Песна без зборови не оди.
Повторувам, тоа за мене немаше никакво значење. Во тоа време јас заработував некоја пара со литература.
И си отидов, но овојпат по своја желба.
Не го обвинувам господинот Дескал. Тој е бизнисмен. Тој плука на светската култура, а уште повеќе на руската. Тој заработува пари. Тоа е негово право.
Тој мене дури и ми е симпатичен. Тој е отворен профитер. Глупаво е да се надеваш дека просечниот Американец е Вонегут.
Ние му поставивме ултиматум на Дескал. Слобода или си одиме.
И си отидов. Тоа е се...
Весникот стана етнички, национален. По еден месец на соработниците им беше забрането да го споменуваат свинското, дури и во економските статии. Дури и мирно им препорачуваа да го заменат со полнета штука...
Само Вајл и Генис работат талентирано, како и порано, не полошо од Зигмунд и Ганелк. Литературата за нив е како Африка. Од блескави впечатоци прскаат крвните садови... Но, пишуваат тие со талент. Од песни... Всушност, јас за тоа веќе зборував...
Со весникот е крај. Тоа беше мојата последна авантура, последен блесок на продолжената младост. Од денес јас сум разумен и скромен литератор од средна рака. (“Средна рака” е содветен назив за машки клуб...)

Две години ја пишував “Колумната на уредникот”. Мислам дека во нив се одрази историјата на третата емиграција. Ако не историјата на третата емиграција, тогаш историјата на нашиот весник. Ако не историјата на весникот, тогаш историјата на мојата строга душа.
Не се решив да ги пишувам повторно. Та, нели нашите глупости, неуспеси, грешки се исто така историја. Така печатам се како што е.
За некои искажувања ќе зажалам. А, за други, пак, сум готов да ги истетовирам на градите...
Ја нареков својата книга “Маршот на осамените”. За жал ние бевме осамени дури и во најубавите времиња. И сега сме осамени, само што секој е различно осамен...
Мојот предговор се одолжи. Наскоро ќе раздени. Како што би кажал Моргулис:
“Со како чад сив фалос мелезот станува под прозорците на зората...”
Ја отвора својата весникарница Индусот. Замислете си, дури и тој знае дека јас сум поранешниот уредник на “Нов американец”.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: