четверг, 31 января 2008 г.

ДАМКАТА НА ЅИДОТ – ВИРЏИНИЈА ВУЛФ

Мислам дека беше средината на јануари кога првпат погледнав и ја видов дамката на ѕидот. Со цел да го одредиш датумот потребно е да се сетиш што си видел. Сега помислувам на огнот; танкиот слој жолта светлина на страницата од мојата книга; трите хризантеми во кружниот стаклен бокал над каминот. Да, ќе да беше зима, и само што го допивме нашиот чај, се сеќавам јас пушев цигара кога погледнав и ја видов дамката на ѕидот за првпат. Погледнав низ чадот од мојата цигара и моето око за момент се занесе, гледајќи во вжарениот јаглен, и некои сеќавања на црвеното знаме што се виори на врвот од кулата на замокот ми дојдоа во мислите, и помислив на коњаниците, на црвените витези како јаваат по црните карпи. На мое задоволство и олеснување погледот на дамката ми ги оттргна мислите од тие сеќавања, навистина беа стари сеќавања, автоматски сеќавања, од кога бев дете. Дамката беше мала, тркалезна, црна наспроти белиот ѕид, шест или седум инчи над каминот.
Колку брзо нашите мисли се движат кон новиот предмет, кревајќи го помалку, како што мравките ја носат танката сламка толку желно, а потоа ја оставаат.

* * *

Ако дамката беше направена од шајка, немаше да биде како од слика, туку како од минијатура-минијатурата на една дама со бели напудрени кадрици, напудрени образи, и усни како црвени каранфили. Измама, се разбира, луѓето што ја имале оваа куќа пред нас ќе избереле слики на тој начин-стара слика за стара соба. Такви биле-интересни луѓе, и ги замислувам нив често, на некои чудни места, бидејќи повеќе никогаш можеби не ќе ги видам, не знам што ќе биде следно. Сакале да ја напуштат куќава бидејќи сакале да го сменат мебелот, барем така рече, и сакаше да каже дека според него уметноста мора да има резервни идеи кога сме растргнати во недоумица, како од едната страна да трга старата дама да тури чај, а од другата младиот човек да удри тениско топче назад во градината на приградската вила и возот кој брзо поминува покрај него.
А, за дамката, не сум сигурна за неа; не верувам дека е направена со шајка; преголема и презаоблена е да биде направена со шајка. Можев и да станам, но ако станев и погледнев, еден од десет не ќе можев да кажам што е со сигурност; бидејќи кога нешто ќе се направи, никој не знае како се случило тоа. Ох, леле, мистеријата на животот; Неточноста на мислата! Непознавањето на хуманоста! Да покаже колку малку контрола врз нашите своини имаме-колку случајна работа е оваа живеачка, а пред се нашата цивилизација-дозволете ми да ги набројам неколкуте работи изгубени во еден живот, почеток, бидејќи тоа очигледно е најмистериозниот губиток-што изела мачката, што грицкал глушецот-три бледосини котлиња со алатки за укоричување книги? Потоа тука се кафезите за птици, железните кругови, челичните лизгалки, котлето за јаглен на Кралицата Ана, масата за багател-сето тоа го нема, и накит, исто така. Опали и емералди, лежат под корењето на репките. Каква гребаторска работа, нема што! Имам облека на грбот, зошто седам опколена со тврд мебел во овој момент? Зашто, ако сакаме да го споредиме животот со нешто, најдобро е да го направиме тоа како да сме издувани низ цевката со брзина од педесет милји на час, паѓајќи на другиот крај без ниедна шнола на нашата коса! Фрлени пред стапалата на Бог целосно голи! Стркалани по зелените долини како кафеави хартиени пликови со печат од поштата! Со косата завратена наназад како опашка на тркачки коњ. Да, тоа ја одразува поминливоста на животот, постојаното растурање и надоградување; сето толку формално, толку непредвидено…
Но, по животот. Бавното спуштање на дебелото стебло на цветот, како што се наведнува, го поплавува со пурпурно и црвено светло. Зошто ако некој се родил таму да не се роди и тука, беспомошен, занемен, да не биде во состојба да се фокусира на нечиј поглед кој се обидува да ги види корењето на тревата, под ножните прсти на џинот? А, за тоа што се дрвја, а што мажи и жени, или дали постојат такви нешта, никој нема да може да каже барем за едно педесет години. Нема да има ништо освен простор од светлина и темнина, измешани со дебели стебленца, и очигледно повисоки, во форма на рози, дамки од непостоечка боја-сивкасто розови и сини-кои ќе бидат, како времето одминува, поизразени, ќе станат-и јас не знам што.
А, сепак таа дамка на ѕидот не е воопшто дупка. Можеби е направена од некоја кружна темна супстанца, на пример мал лист од роза, оставен од летото, а јас како што сум не толку вредна домаќинка-гледам во правот на каминот, на пример, а правта која, барем така велат, ја закопала Троја три пати со ред, како што се верува, само некои од садовите таму одбиле да се спротистават на уништувањето.
Дрвото надвор кај прозорецот удира нежно на стаклото… Сакам да размислувам тивко, смирено, пространо, никогаш да не бидам прекината, да не треба да станувам од својот стол, да се префрлам лесно од една на друга работа, без какво било чувство на непријателство или пречка. Сакам да потонам се подлабоко и подлабоко, подалеку од површината, со нејзините тврдо разделени факти. Да се сконцентрирам, чекајте да ја запишам првата идеја која ми паѓа на ум… Шекспир… И тој би го направил истото како и многу други. Човек кој седи цврсто во својата фотелја, и гледа во огнот, и така-наплив на идеи доаѓаат континуирано од некој си Рај длабоко во неговите мисли. Го наведнува своето чело над неговата рака, и луѓе кои гледаат низ отворената врата,-ова би требало да се случи една летна вечер-Но, колку здодевно е ова, оваа историска фикција! Воопшто не ме интересира. Би сакала да имам наплив на пријатни мисли, мисли кои индиректно ќе ме рефлектираат мене, бидејќи тие се најпријатните мисли, и многу чести дури и во мислите на најскромните подмолни луѓе, кои веруваат генерално дека не сакаат да ги слушаат своите сопствени пофалби за себе. Нема мисли со кои директно ќе се пофалиш себеси; тоа е нивната убавината; тоа се мисли како овие:
“И тогаш влегов во собата. Зборуваа за ботаника. Реков дека видов цвет како расте на правлив отпад покрај една куќа во Кигсвеј. Семето, реков, мора да е расфрлено во чест на Чарлс Први. Какви цвеќиња растат во чест на Чарлс Први?„ - прашав ( но, не го паметам одговорот). Високи цвеќиња со виолетови латици, за нив можеби. И продлжувам. Цело време се преоблекувам, во сопствените мисли, убаво, скришум, но отворено се восхитувам на тоа, бидејќи ако го направев тоа, ќе се најдев себе си во непријатна ситуација, и ќе ја испружев раката по книга за самоодбрана. Навистина, интересно е како инстинктивно секој ја штити својата слика за себе од воодоошевување и од други ситуации што можат да ја направат да изгледа смешна, или премногу невистинита од оригиналната за да продолжи да верува во неа. Или, пак сепак не е толку интересно? Тоа е работа на голема важност. Замисли огледалото да се скрши, сликата исчезнува, а романтичната фигура, зелена како младата шума не постои, но има само една школка од личност што ја гледаат другите луѓе-каков безвоздушен, плиток, и празен светов станал! Свет во кој не би сакала да живеам. И како што се среќаваме во автобусите и подземните железници, погледнуваме во огледалата кои ја потврдуваат нејасноста, замагленоста на сјајот во нашите очи. А, романсиерите во иднина ќе ја сфатат повеќе важноста на овие рефлексии, се разбира нема само една рефлексија, туку скоро небројно многу; тоа се темите кои тие ќе ги разработуваат, тоа ќе бидат фантомите кои ќе ги прогонуваат, оставајќи го описот на реалноста надвор од своите приказни, проповедајќи дека знаењето е важно, како што Грците знаеле и Шекспир можеби-но овие генерализирања навистина се безначајни. Војничкиот призвук на зборот е доволен. тој повикува на написи, министри-цела група на нешта за кои како дете секој помислувал на тоа, стандардна работа, вистинска работа, од која нема да замине сигурно некаде по ѓаволите. Генерализациите ме водат назад некаде во недела во Лондон, попладневни прошетки во недела, неделни ручеци, и начинот на кој зборуваме за мртвите, облеката и навиките-како навиката да седиме сите заедно во една соба до ниедно време, иако никој тоа не го сака. Постои правило за се. Правило за чаршави на масите, во одреден период тие требаа да бидат направени од тапесерија со мали жолтеникави делови на нив, какви што ќе видиш на сликите од килимите во коридорите на кралските палати. Различните чаршави не биле вистински чаршави за маса. Колку шокантно, но сепак колку прекрасно е да откриеш дека овие вистински нешта, неделните ручеци, неделните прошетки, куќите на село, и чаршавите за маса не се целосно реални, туку полуфантоми, и проклетството кое го следи секој неверник било единственото чувство на нелегална слобода. Се прашувам што ли сега ги заменило овие работи, овие вистински, стандардни работи? Мажите можеби, ако си жена; машкиот поглед кој управува со нашите животи, кој поставува стандарди, кој ја основал Вајтекеровата табела на приоритети, кој стана, претпоставувам, по војната полуфантом за многу мажи и жени, кои наскоро, се надевам, ќе се смеат во кантата за отпадок, таму кај што одат фантомите, махагони таблите за послужување и книгите на Лендсир, Богови и Ѓаволи, пекол и така натаму оставајќи не нас со замаеното чувство на нелегална слобода-ако слободата постои…
Под некои светла таа дамка на ѕидот изгледа како некоја прекција од ѕидот. Ниту е целосно тркалезна. Не сум сигурна, но мислам дека фрла голема сенка, сугерирајќи дека ако отидам со прстот кон таа точка на ѕидот ќе стане, во одредена мера, мал тумулус, мазен тумулус како тие ритчња во Јужните Долини кои се, велат, или гробови или кампови. Од двете претпочитам да се гробови, посакувајќи ја меланхолијата како и повеќето Англичани, прифаќајќи ја како природна на крајот од прошетката да помислиш на коските распределени под пирејот…
Мора да има некоја книга за ова. Некои антиквари мора да ги имаат ископано тие коски и да им дале име… Каков човек е антикварот, се прашувам? Пензионирани офицери најчесто, ако смеам, водачи на партиите на старите лабуристи, испитуваат грутки земја и камење, и се допишуваат со соседниот свештеник, кој за време на појадокот, му дава чувство на важност, и споредбата на стрелите за време на патувањата од селата до локалните гратчиња, и заедничките работи кои ги имаат тие и нивните постари сопруги, кои сакаат да прават џем од модри сливи или да ги чистат нивните канцеларии, а имаат право кога сакаат да го чуваат тоа големо прашање за кампот или гробот во континуирана напнатост, додека Офицерот е доволно филозофски способен во собирањето на доказите од двете страни на прашањето. Вистина е дека на крајот сепак се задржа во верувањето за кампот; а , да се спротиставиш, ќе добиеш брошура која тој ќе ја прочита на тримесечното заседание на локалниот одбор кога ќе го удри дамла, и неговите последни свесни мисли нема да бидат за сопругата или за детето, ами за кампот и за таа стрела таму, која сега е во сопственост на локалниот музеј, заедно со стапалото на кинеската жена-убиец, еден куп Елизабетански шајки, голем број на Тудорски глинени лулиња, по некое римско грнче, и чаша за вино од која Нелсон пиел-за да докажам навистина и јас не знам што.
Не, не, ништо не е докажано, ништо не се знае. И ако станев баш овој момент и сигурно кажев дека дамката на ѕидот навистина е-што ќе речев?-главата на голема стара шајка, закачена пред двесте години, која сега, му должи на трпеливото пречекување многу генерации на слугинки, решила да ја покаже главата од под слојот боја, и погледнува за прв пат во модерниот живот на бело бојадисана соба осветлена од огнот, што ќе постигнев?-Знаење? Тема за понатамошна шпекулација? Не сакам да помислам на седењето мирно ниту на стоењето. А, што е знаењето? Што ли направија нашите учени мажи со исклучок на нашите претци-вештери и хермити кои лежеа по пештерите и шумите мешајќи тревки, живеејќи со полските глувци и пишувајќи го јазикот на ѕвездите? И колку помалку им оддаваме чест, како што не се разнишува вербата и нашата почит кон убавината, и здравјето на умот се згомелува… Да, навистина пријатен свет. Тивок, простран свет, со цвеќиња толку црвени и сини на отворените полиња. Свет без професори или специјалци или домаќинки со профил на полицајци, свет кој можеш да го пресечеш со една мисла, како што рибата ја сече водата со перките, долините посеани со лотоси, а над нив висат гнездата со бели јајца…
Колку мирно е на дното, скапано во центарот на светот зјапаш низ сивите води, со нивниот ненадеен поглед кон светлината, и нивната рефлексија-ако не беа за Вајтекеровиот Алманах-ако не беа за Табелата за приоритети!
Морам да станам и да видам од што е навистина дамката на ѕидот-шајка, лист од роза или пукнатина во дрвото?
Еве ја природата уште еднаш на нејзината стара игра на самозачувување. Овој воз од мисли, кој го чува, се заканува со намалена потрошувачка на енергија дури и со колизија со реалноста, тогаш кој ќе може да крене прст против Вајтекеровата Табела на приоритети? Архепископот на Кетбери ќе биде подржан од Лордот Виш Канцелар; Лордот Виш Канцелар ќе биде подржан од Археипископот на Јорк. Секој некого поддржува, таква е филозофијата на Вајтекер; а убава работа е да се знае кој него го подржува. Вајтекер знае, а тоа, и природата го подржува, ве утешува, наместо да ве лути, а ако не можете да се утешите, и ако сакате да го расипете овој час на смиреност, помислете на дамката на ѕидот.
Ја разбирам играта на Природата-нејзината решителност да преземе акција како начин да заврши нечија мисла која се заканува да возбуди или повреди. Затоа, јас мислам, го имаме нашиот омаловажувачки став кон мажите во акција-мажите, претпоставуваме кои не размислуваат. Сепак нема ништо лошо ако ставиш точка на мисла со која не се согласуваш со тоа што ќе гледаш во дамка на ѕидот.
И сега кога ги вперив очиве кон неа, почувствував како да дофатив парче дрво во морето; почувствував некое чувство на исполнетост од реалноста, кое наеднаш тие двајца Архепископи и Лордот висок Канцелар ги фрлив во темнината на сенката. Овде е нешто одредено, нешто реално. Бидејќи одењето од полноќен сон во хорор, секој често го вклучува светлото и лежи мирно, восхитувајќи им се на фиоките, осаменоста, восхитувајќи и се на реалноста, восхитувајќи му се на неживиот свет кој е доказ за некакво постоење поинакво од нашето. Тоа е нешто во што секој би сакал да е сигурен…
Убава работа е да помислиш на дрвото. Го добиваме од дрвјата; а дрвјата растат, а не знаеме како растат. Со години тие растат, без да ни посветуваат внимание, растат, по долини, шуми, покрај реки-покрај места на кои сакаш да помислиш. Кравите умно ги свиткуваат опашките под нив на жешките попладнини; ги обојуваат реките така зелено и кога птицата ќе нурне очекува нејзините перја да бидат зелени кога повторно ќе излезе. Сакам да помислам на рибата која лежи во потокот како развиорено знаме; и за водните бубачки кои бавно влегуваат во куполите од кал на дното од реката. Сакам да помислам и на самото дрво;-најпрво затвореното суво чувство да бидеш дрво; потоа тресењето за време на бура, потоа бавниот пријатен проток на сокови. Сакам да помислам и на тоа исто така, за време на зимските ноќи, стоејќи така на празно поле, без лисјето, толку нежно изложено на челичните куршуми од месечината, гол стап на земјата што се тресе, и тресе цела вечер. Песната на птиците мора да звучи многу гласно и чудно во јуни; и колку се ладни стапките од инсекти по телото, кои вредно лазат по кората, или сонцето на нежната зелена обвивка на лисјата, и гледајќи ги право во очи со дијамантско-острите црвени очи.
Едно по едно влакната се позиционираат под високиот ладен притисок на земјата, и потоа последната бура доаѓа и, паѓаат, највисоките гранки, длабоко на земјата повторно. Ако, сепак животот не завршил; постојат милион трпенија, интересни животи за едно дрво, насекаде во светот, во спалните соби, на бродовите, на подот, собите за одмор, каде мажи и жени седат за време на чајот, пушат цигари. Полно е со опуштени мисли, среќни мисли, ова дрво. Би сакала да седнам на секое посебно-но нешто ме попречува… Каде бев? За што зборував? За дрво? За река? За долини? За алманахот на Вајтекер? Зелените полиња? Не можам да се сетам. Се се движи, паѓа, лизнува, исчезнува… Има голема можност за тоа. Некој стои до мене и ми вика:
“Ќе одам да купам весник.”
“Да?”
“Иако не е добро да се купуваат весници… Нема ништо интересно. Проклета војна. Да ти се плукнам во војната!... Се едно те исто, не гледам причина зошто излегол полжав на ѕидот.
Ох, дамката на ѕидот! Била полжав.

1917

Превод од англиски: Љупчо Петрески

Комментариев нет: