четверг, 31 января 2008 г.

МАЛЕЧКАТА САМОВИЛА – СРПСКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Си живееле еднаш еден крал и една кралица и имале син-единец. Кога синот пораснал, решиле да го прослават неговото крштевање и на веселбата ги поканиле најзначајните луѓе во кралството. Тој ден белиот дворец се капел во сјај од злато, сребро, кристали и илјада свеќи. Вечерта во градината играле оро девојки - која од која поубава и сите гледале во принцот, впивајќи го со очите. На полноќ, кога гостите се разотишле, на принцот не му се спиело, па излегол во градината и се упатил кон местото под старите липи. Месечината била светла како ден и низ крошните на старите липи кои мирисале на темјан, нејзината светлина се провлекувала и паѓала по земјата правејќи чудесни шари. Принцот, така замислен шетал по меката трева која го галела под нозете. Така маѓепсан од сјајот на месечината, одеднаш пред себе здогледал една малечка самовила облечена во прекрасен фустан од свила везена со злато, со долга коса распуштена по плеќите, а на главата со блескава круна украсена со драгоцени камења. Но, таа била толку малечка како кромитче. Принцот се зачудил, застанал и се загледал во неа. И тогаш таа проговорила со ѕвонлив глас:
- Мил мој принцу, и јас бев поканета на твојата веселба, но не смеев да се појавам бидејќи сум толку малечка. Сега ти се поклонувам на оваа сјајна месечина која за мене претставува сончев сјај.
На принцот малечката самовила многу му се допаднала. Тој воопшто не се исплашил од оваа ноќна појава туку и се доближил и ја фатил за рачето, но таа му се измолкнала и исчезнала. Во раката му останала само нејзината ракавица која била толку малечка што едвај можел да ја навлече на малиот прст. Тажен се вратил во дворецот и никому не кажал со кого бил.
Следната ноќ, принцот повторно излегол во градината, чекорел по белата месечина и ја барал самовилата, но од неа ни трага ни глас. Тажен, ја извадил малечката ракавица и ја бакнал. Во тој миг, самовилата се појавила пред него. Ех, радоста на принцот не можела да се искаже со зборови. Срцето му играло од среќа и тие долго шетале по месечината и си разговарале. Принцот се зачудил кога видел како малечката самовила истовремено додека зборувале почнала да расте. Таа пораснала двапати поголема од претходната вечер. Кога сакал да и ја врати ракавицата, таа не можела повеќе да ја носи затоа што и била малечка.
- Ти оставам еден аманет! Земи ја ракавицата и чувај ја како очите во главата - проговорила малечката самовила и исчезнала.
- Ќе ја носам на срце, - рекол принцот.
Оттогаш тие, секоја ноќ се среќавале во градината. А преку ден, додека сонцето сјаело, принцот се мачел, по цел ден тагувал и одвај чекал да се појави месечината. Само таа му била во мислите и се прашувал дали вечерва ќе се појави. Тој се повеќе и повеќе се вљубувал во малечката самовила и таа секоја вечер растела и станувала се поголема и поголема. Кога минале девет ноќи, на полна месечина, таа пораснала токму колку принцот, весело го дочекала и со сладок глас проговорила.
- Додека ја гледаш месечина јас ќе ти доаѓам.
- Ах не мила моја, јас не можам да живеам без тебе ти мораш да бидеш целосно моја. Јас ќе те направам принцеза.
- Ќе се согласам да бидам твоја само под еден услов: Ако ми ветиш дека засекогаш ќе ме сакаш само мене.
- Засегаш, засекогаш, - викал принцот без многу да размислува. - и само тебе, а друга со очи нема ни да погледнам.
- Добро, но запамети, само додека го одржуваш ветувањето јас ќе бидам твоја.
По три дена, тие направиле свадба. На убавината на самовилата сите и се восхитувале. И така тие среќно живееле седум години. Тогаш, починал стариот крал. На погребот дошле многу поданици. Неговото тело го чувале најубавите дами во целото кралство. Меѓу нив била и една црвенакоса и црноока убавица. Таа многу не му ја мислела, ниту мртвиот крал го гледала, ами цело време младиот принц со поглед го следела. И принцот забележал дека убавата девојка го загледува. Кога големата поворка тргнала кон гробиштата, принцот трипати ја погледнал оваа мошне интересна девојка, водејќи ја за рака својата жена. Одеднаш, неговата жена се сопнала на фустанот и за малку ќе паднела.
- Уф, гледај, гледај, фустанот ми е предолг – викнала принцезата.
Но, принцот не ни забележал дека таа се смалила. Откако го закопале кралот црвенокосата девојка тргнала да го следи принцот на патот кон дома, а тој под око цело време ја погледнувал, така што не видел дека неговата жена станува се помалечка и помалечка. Кога стигнале во нивниот дом крај липата, неа ја снемало. Сега кралот ја зел црвенокосата црноока госпоѓа. Не поминале ни три дена од нивната заедничка среќа, а таа почнала да бара од него да и купи постела од алем, сакала да и купи де ова, де она и постојано барала нешто што на овој свет речиси го немало. Кога принцот немал да и ја исполни желбата, таа плачела, се карала, го навредувала и кога му дошло преку глава, ја истерал. Дури тогаш сфатил што направил. Воздивнувал и офкал по малечката самовила, и секоја вечер со месечина одел под старата липа да ја повика својата добра и убава малечка самовила. Ја довикувал, ја чекал, ја чекал и така чекајќи остарел, но таа никогаш повеќе не се појавила.
Превод од српски: Весна Крстевска Трајкова

Комментариев нет: