четверг, 31 января 2008 г.

ОРЛАНДО – ВИРЏИНИЈА ВУЛФ (фрагмент)

И како што вози, можеме да ја искористиме можноста, бидејќи пејзажот е едноставен, англиски, и нема потреба од опишување, да го привлечеме вниманието на читателот повеќе, со една-две забелешки кои сме ги испуштиле горе-долу во раскажувањето. На пример, може да биде забележано дека Орландо го скрила ракописот кога ја прекинале. Друго, дека гледала долго и задлабочено преку стакло; и сега, како што вози на пат кон Лондон, некој можеби ќе го забележи нејзинот воздржан врисок кога коњите галопираа побрзо од она што таа го сакаше. Нејзината скромност како и нејзиното пишување, нејзината суета како и нејзината личност, нејзините стравови за нејзината сигурност како да го најавија она што беше кажано пред малку, дека ништо не се сменило кај Орландо-мажот и кај Орландо-жената, изгледа е вистина. Стануваше поскромна, како жена, со нејзинот ум, и малку повеќе бескорисна, како жена, која е личност. Некои чувствителности стануваа поизразени, а други пак згаснуваа. Сменувањето на облеката изгледа, како што некои философи би рекле, има врска со тоа. Безвредни ситници на прв поглед, но облеката, велат, има многу поважна улога отколку само да не топли. Таа го менува нашиот поглед кон светот и погледот на светот кон нас. На пример, кога Капетанот Бартолус го виде здолништето на Орландо, тој веднаш ја испружи настрешницата, инсистирајќи да земе уште едно парче говедско и поканувајќи ја да оди со него на брегот со големиот брод. Овие комплименти немаше да бидат упатени до неа, ако го немаше здолништето, и наместо развиорено, да се скратеше и припиеше на нејзините нозе како модерни три-четврти пантолони. А, кога делиме комплименти, се очекува од нас да возвратиме со некој комплимент. Орландо се поклони; се обврза; му ласкаше на човекот за добриот хумор, што сигурно немаше да го направи ако неговите три-четврти пантолони беа женско здолниште, а неговото бордирано сако, женско сатенско боди. Оттука, можеме да го подржиме ставот дека облеката не носи нас, а не ние неа; ние можеме да ја обликуваме раката и градата, но тие го обликуваат нашето срце, нашиот мозок, нашите јазици, онака како што сакаат. И сега, кога носи здолништа едно одредено време, некои промени беа очигледни кај Орландо, кои читателот може да ги најде во Глава 5, дури и на нејзиното лице. Ако ја споредеме сликата на Орландо како маж со таа на Орландо како жена ќе видиме дека иако и двајцата несомнено се една иста личност, постојат некакви разлики. Мажот ги има своите раце слободни да го држи мечот, жената мора да ги употреби нејзините да го спречи сатенот да се лизга од нејзините рамена. Мажот го гледа светот право в лице, како да е создаден само за него по негова мерка. Жената погледнува под око кон него, полна со сомнеж. Да ги носеа можеби истите алишта, можеби возможно ќе беше да имаа ист поглед.
Тоа е гледиштето на некои философи и мудреци, но во целина ние се држиме до друго. Разликата меѓу половите е, за среќа, една голема разнобразност. Облеката не е ништо друго ами симбол на нешто скриено длабоко внатре. Тоа беше и самата промена кај Орландо, која го диктираше нејзиниот избор за женска облека и женски пол. И можеби со ова таа се изразуваше поотворено отколку вообичаено - отвореноста беше душата на нејзината природа - нешто што им се случува на повеќето луѓе без тие да бидат јасно изразени. Оттука, повторно, паѓаме во дилема. Колку и да се различни половите, се мешаат. Во секое човечко суштество постојат промени од еден пол во друг, и понекогаш само облеката е она по што се разликуваат мажите од жените, под неа полот е многу различен од она што е одозгора. Од овие компликации и конфузии кои резултираат со некое такво искуство кај секој човек, го оставаме главното прашање и забелешка, тука, поради чудниот ефект што го имаше врз Орландо лично.
Поради тоа, оваа мешавина од маж и жена во неа, и дава чувство на возвишеност од една, доживување со неочекуван расплет од друга страна. Љубопитноста за нејзиниот сопствен пол ќе се спротистави, на пример, ако Орландо беше жена, зошто не и требаа повеќе од десет минути да се облече? Зар не беа нејзините алишта избрани без некоја посебна грижа, кои понекогаш ги носеше неуредно и лошо? И потоа ќе речат, ако, но таа немаше ништо од формалноста на мажот, или љубовта на мажот за моќ. Таа е ужасно мека на срце. Таа не би сакала да види како некое магаре е тепано или нечие маченце удавено. И повторно, забележале, таа ги мразеше домашните работи, се будеше во рана зора и одеше среде полиња на лето пред сонцето да изгрее. Ниту еден фармер не знаеше повеќе за житото од неа. Рамно пиеше со најдобрите и сакаше опасни игри. Јаваше добро и галопираше шест коњи на Лондонскиот мост. И повторно, иако храбра и активна како маж, и беше забележано дека ако види некого во опасност веднаш кај неа преовладуваа женските сентименталности. Ќе се расплачеше и на најмала провокација. Беше незаинтересирана за географија, математиката и беше неподнослива, и поседуваше некои каприци кои ќе ги сретнеш почесто кај жени отколку кај мажи, како на пример дека патувањето на југ е патување надолу. Како и да е, Орландо беше повеќе маж или жена, тешко е да се каже и не може сега да се реши. Нејзината кочија гласно удираше на калдрмата. Стигна во својот дом во градот. Скалите беа спуштени, железните порти беа отворени. Влегуваше во куќата на нејзиниот татко во Блекфрајерс, која иако сместена на крајот од градот и демодирана, се уште беше пријатна и пространа куќа, со градини што се спуштаа се до реката, и пријатен овоштарник од лешници за прошетка.

Превод од англиски: Љупчо Петрески

Комментариев нет: