четверг, 31 января 2008 г.

ДЕБЕЛИОТ И ТЕНКИОТ – АНТОН ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ

На Николаевската железничка станица се сретнаа двајца пријатели: едниот беше дебел, а другиот, пак, тенок. Дебелиот само што се најал на железничката, и неговите усни, целите намастени, сјаеја како зрели вишни. Мирисаше на вино Херес и оранжада. Тенкиот, пак, тукушто беше излегол од вагон и беше натоварен со куфери, врзулци и картонски кутии. Тој мирисаше на шунка и на талог од кафе. Зад неговите плеќи ѕиркаше слабичка жена со долга брада - жена му, и висок гимназијалец со примижани очи – син му.
- Профириј! – викна дебелиот кога го виде тенкиот. – Ти ли си, бе? Драги мој! Од кога не сме се виделе!
- Другарче! – се распамети тенкиот. – Миша! Другар од детството! Од каде, пак, ти?
Пријателите трипати се прегрнаа и си погледнаа во очите полни со солзи. И двајцата беа пријатно зашеметени.
- Мил мој! – почна тенкиот по прегратките. – Кој би помислил! Какво изненадување! Погледни ме поубаво! Истиот убавец како и порано! Истиот мангуп, истото конте! Ах, Господе! Како си? Богат ли си? Женет ли си? Како што гледаш јас сум женет… Ова е жена ми, Луиза, родена Ванценбах… лутеранка… А, ова е син ми, Натанаил, ученик на трета година. Нафања, ова е мој другар од детството! Заедно учевме во гимназија!
Нафанаил малку се подзамисли и ја симна шапката.
- Заедно учевме во гимназија! – продолжи тенкиот. – Се сеќаваш како те закачаа? Те викаа Херострат зашто со цигара ја изгоре ученичката книшка, а мене Ефиалт зашто многу сакав да поткажувам. Хо-хо… Деца бевме! Не плаши се, Нафања! Приближи се… А, ова е жена ми, родена Ванценбах… лутеранка.
Нафанаил малку се помисли и се скри зад татковиот грб.
- И како ми живееш, другарче? – праша дебелиот, воодушевено гледајќи на својот другар. – Служиш ли некаде? Или си дослужил?
- Служам, драги мој! Веќе две години работам како колешки асесор, а и Станиславски орден имам. Платата е мала… ама добро е! Жена ми држи часови по музика, јас приватно правам дрвени табакери. Одлични табакери! Едно парче за рубља го продавам. Ако некој земе десет или повеќе, тогаш и попуст давам. Се снаоѓам некако. Служев во Министерството, а сега ме преместија тука за да бидам шеф на одделот… Тука ќе служам! А, ти како си? Можеби си веќе државен советник, а?
- Не, драги, качи малку повисоко, - рече дебелиот. – До таен дотуркав. Две ѕвезди имам.
Одеднаш тенкиот побледе, се здрви, но набргу неговото лице се рашири на сите страни со насмевка; се чинеше како од неговото лице и од неговите очи да прскаат искри. Тој се свитка, се згрбави и се смали… Неговите куфери, врзулци и картонски кутии се стуткаа, се намуртија… Долгата брада на жена му стана уште подолга; Нафанаил застана во став “мирно” и ги закопча сите копчиња на униформата…
- Јас ваше благородство… Многу ми е драго! Другар од детството, а одеднаш станавте толку голем! Хи-хи-хи!
- Е, де! – се намурти дебелиот – Зошто така? Другари од детство сме, зошто е сево ова персирање?
- Ама, ве молам… Што ви е… - се закикоте тенкиот, сé повеќе смалувајќи се. – Милсотиво внимание на вашето благородство… како некаква животворна влага… Ова, ваше благородство, е мојот син Нафанаил… жена ми Луиза, лутеранка, во извесна смисла…
Дебелиот сакаше да каже нешто, но на лицето на тенкиот беше испишано такво угодување, сладникавост и почитувачка кислина, што на тајниот советник му се слоши. Тој се сврте од тенкиот и му ја подаде раката за збогум.
Тенкиот ги стисна трите прста, се поклони со целото тело и се закикоте како Кинез: “хи-хи-хи”. Жена му се насмевна. Нафанаил тропна со ногата и ја испушти шапката. Сите тројца беа пријатно вчудовидени.

1883

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: