четверг, 31 января 2008 г.

ПИТАЧОТ – ГЕНРИХ ВЕНЈАМИНОВИЧ САПГИР

Човекот живее во свет на условности, но едно е безусловно...
Неодамна – питачот седи и на работа чита весник! Претставете си! Го плукаат, му даваат или не му даваат.

Вашата омилена продавница се наоѓа
во самиот центар на главниот град

Во подземниот премин му кажав на еден без нозе:
– Зошто сум должен јас тебе да ти давам, а не ти мене?
– Добар човеку... – мрмореше тој, не можејќи или не сакајќи да ме слуша. Питачот седеше на бетонот, подвивајќи ги под себе скастрените нозе. До него стоеше картонска кутија полна со книжни пари.
А, јас воопшто не сум добар човек. И самиот тоа го знам.
– Покажи ми ги нозете! – гласно заповедав како некој контролор.
Тој ги испружи исечените нозе во пантолоните, високо прицврстени со игли. Патем речено, добри фармерки.
– Каде ги криеш? Покажи ми ги! – побарав јас.
На крајот тој ме погледна со белките од очите. Подземниот премин со скали на аголот го пресече сонцето. Минувачи – на минување, како сенки.
– Ајде, ајде. Каде ти се?...
– Таму – неодредено замавна наназад.
И, навистина, таму – на некое место и во некое сосема друго време, видов боси стапала. Тие ги мрдаа прстите. Глуждовите скоро и да не крвавеа.
– Како ти се случи тоа?
– Воз ми ги прегази? – налутено рече тој.
– Добро, земи си ги нозете, – смекнав јас, – и оди да работиш, макар и како бришач на ветробрани.
Питачот, без волја си ги стави стапалата, ги размрда, го облече чорапите со дупки и ги извади од под черга старите чевли. Ги сочувал! Далекувидно момче! Ги облече и тропна. Ја зеде под мишка кутијата со пари и не погледнувајќи ме, без да ми заблагодари замина – се раствори на излезот во есенското сонце.

Ние работиме секојдневно
без паузи за ручек од 10 до 20 часот

Оттогаш јас седам на неговото место. До мене стои кутија полна со книжни пари. Нозе, нормално, немам. Затоа, пак, имам две љубовници. Весници на работа не читам. Но, чевлите си ги чувам до мене, за секој случај.
Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: