четверг, 31 января 2008 г.

ПРИЛОГ КОН СТАТИСТИКА – ВИСЛАВА ШИМБОРСКА

Од сто луѓе

такви што се подобро знаат
- педесет и двајца,

при секој чекор несигурни
- скоро сите останати,

спремни на помош,
доколку не потрае долго
- дури четириесет и деветмина,

секогаш добри,
оти поинаку не знаат
- четворица, може и петмина,

склони за восхит без завист
- осумнаесетмина,

измамени
од младоста која минува
- горе долу шеесетмина,

со кои шега нема
- четириесет и четворица,

кои живеат во постојан страв
пред некого или нешто
- седумдесет и седуммина,

способни за среќа
- највеќе дваесетмина,

безопасни поединечно,
подивени в толпа
- сигурно повеќе од половина,

свирепи,
кога околности ќе ги примораат
- подобро ова да не се знае
дури ни приближно,

мудри по штета
- не многу повеќе
од мудрите пред неа,

тие што ништо од животот не земаат освен нешта
- триесетина,
иако би сакала да грешам,

свиткани, оболени
и без светло во мракот
- осумдесет и тројца
порано или подоцна,

праведни
- прилично многу оти се триесет и петмина,

ако таа особина се поврзува
со напорно разбирање
- тројца,

за сочуство достојни
- деведесет и деветмина,

смртни

- сто на сто.

Број, кој засега на промена не подлега.

Препев од полски: Владимир Василевски

Комментариев нет: