четверг, 31 января 2008 г.

СЛЕПА – ЕН ФИШЕР

1.
Мојот маж, Кристофер, порано беше финансиски советник. Иако не можеше да се справи со семејниот буџет, неговите клиенти безусловно му веруваа и се чувствуваа сигурни. Затоа и го плаќаа добро. Тогаш водевме убав живот, со исклучок на некои мали брачни проблеми, но нив ги решававме со неколку слатки збора или со посета на спалната соба. Обично се каравме за парите. Моето студио за јога само што почна да носи пари, а јас го декорирав во симпатичен минималистички стил со неутрални бои, едноставни графички решенија и ситни детали како драп перничиња од свила и глинени саксии. Конечно воспоставив контрола врз мојот деловен живот и давав се од себе да станам успешна.
Нештата добро тргнаа. Јас имав работа, а Кристофер трпеливо напредуваше во негеовиот оддел. Еден намуртен зимски ден во петтата година, одненадеж и без никакво предупредување, тој едноставно стана од бирото во неговиот сив преграден простор во банката, поднесе оставка, дојде дома и ми кажа дека сака да отвори фирма за внатрешен дизајн.
Отсекогаш сакаше да меша и комбинира и навистина има чувство за бои, текстура и форми, но никогаш не сме разговарале за идејата да направи бизнис од своето хоби. Сметав дека стресот на работното место стана преголем и дека ќе земе неколку слободни месеци во текот на пролетта и летото за да се опушти, ќе сработи неколку проекти и потоа ќе заборави на таа идеја. Не верував дека е сериозен. Но, откако најде неколку клиенти (благодарение на сестра ми, која има богати пријатели), тој почна да изготвува планови, да нарачува каталози, да посетува продавници за стар мебел, а од нашата празна работилница направи импровизирано студио, во кое ги закачи своите скици. Потроши многу време и пари на подготовки и навистина добро му одеше, но тогаш им се јави на сите клиенти и им се извини, велејќи им дека не се чувствува добро и дека, сепак, не ќе може да ги уреди нивните домови. Потоа си легна.

2.
Дома е речиси една година. На почетокот, спиеше по цел ден. Ќе станеше и во пижами ја гледаше “Опра” и се она што следеше. Ретко се тушираше и се бричеше. Исто така, не сакаше и не сака да води љубов со мене. Нашиот љубовен живот беше најдобриот дел од нашата врска. Сега повторно се премисли и реши да посетува курс за дизајн на накит. Се обидувам да го поддржам во намерата, зашто сум среќна што воопшто нешто го интересира, но морам да кажам дека мојот живот со него е малку чуден и, на моменти, да не кажам честопати, нефер. На пример, морав да го затворам студиото во центарот и да почнам да држам часови дома. Исто така, Кристофер е невработен, којзнае до кога, па јас морам да ги плаќам сите сметки. Едноставно, немаме друг прилив на средства.
Држењето часови дома има свои предности. Дел од работилницата е загреан, па го користам за клиентите, а има и многу простор. Да, новото студио добро функционира, но тешко е да не се забележи Кристофер и метежот што го остава зад себе каде и да мине. Деновиве барем се облекува, па не морам да го кријам како на почетокот.
Обично му давам пари за да оди на кино попладне. Очигледно, тој гледа многу филмови. Никогаш не одеше сам на кино, но сега е поинаку. Се трудам да не мислам каде би отишол ако не е на кино. Мојот ум едноставно се исклучува. Па, што има лошо ако одиш сам на кино? Сега и пуши, па морам да му купувам цигари. Кога знам дека некој ќе дојде, палам миризливи стапчиња, со кои го прикривам мирисот, но тоа не ми се допаѓа.
Би сакала да разговараме за неговото пушење, за проблемите со парите и за неговото ненадејно одење на кино попладне, понекогаш и по двапати, но не можеме. Би сакала да го прашам зошто не сака да спие со мене. Еднаш, кога се обидов, тој почна да плаче. Иако не рече ништо, помислив дека е подобро да не го притискам, ами да чекам самиот да се отвори. Зар не е така? Во моментов, Кристофер седи до кујнската маса и се обидува да направи обетки од ситни делови стар накит, што му ги дадов за да вежба, и изгледа многу смирено.
Сега му е потребна мојата подршка. Го знам тоа. Не можам да мислам на себе. Тоа би било себично, нели? Јас ќе дојдам на ред подоцна, кога ќе му биде подобро, кога ќе се соземе.

Превод од англиски: Дејан Жерајиќ

Комментариев нет: