пятница, 1 февраля 2008 г.

ВОСКРЕСНУВАЊЕТО НА ЛАЗАР – ЈАРОСЛАВ ТУРУШЕВ

До Витанија немаше повеќе од еден ден пат, и кога Левиј ја донесе веста за болеста на Лазар, Исус веднаш почна да ги подготвува своите работи - свитоците, лебот што му го подари Марија и мевот со вино од лозјето на братот негов Јосиф. Учениците, гледајќи го ова, исто така се подготвија, и набрзо сите тргнаа по патот, по жегата пустинска. Само царинскиот маченик го сретнаа, и учениците се подготвија да го послушаат Христос, којшто сакаше да разговара со грешници, но овој не застана и сите, збунети, се сетија на Лазар, којшто ги чекаше на смртни маки.
Меѓутоа, кога зад нив се слушна тупот на коњ, Христос крена рака и го запраша преторијанецот што дојава до нив, во избледен од прашина и сонце оклоп.
- Ќе ми го дадеш ли коњот, господине, за некое време? Во Витанија умира Лазар, другар-близок на срцето мое.
- Да се поздравиш сакаш?
- Исцелител сум.
- Да го сакаа боговите неговото оздравување, ќе ти пратеа квадрига*.
- Под тебе имаш брз коњ, а ние тебе те сретнавме на патот...
- Со итен извештај за прокураторот лично. Прости, безумнику.
И коњаникот, откако крена облак од прашина, одгалопира. Тадеј се закашла и заостана, но откако го забрза чекорот, набргу се приклучи кон Исус со останатите апостоли и тие го продолжија патот.
- Овде ќе одмориме,- рече Христос, покажувајќи на слабата сенка на осамената смоква. Петар се сети на неа- пред некое време учителот ја лиши од нејзините сокови заради тоа што таа не даваше плодови. Кратко одмараа- откако малу се поткрепија со урми, леб и вино, набргу повторно излегоа на сувата и врела линија на патот.
Штедејќи си ги силите и сочувствувајќи со тагата на Исус, одеа по патот молчејќи - и откако ги видоа куќите на Витанија, воздивнаа со вознемиреност, но и со олеснување.
Марта, сестрата на Лазар, дотрча до нив откако прва ги здогледа. Плачеше.
- Лазар умре, Исусе... тој умре. Четири дена поминаа. Те чекаше тебе, Исусе...
Учителот ја милуваше нејзината наведната на гради глава, молчеше, и апостолите видоа, како тој ги крена очите и долго гледаше во жешкото како растопен сафир небо.
На трпезата тој молчеше, нешто размислувајќи, кога сонцето се наведна пониско кон хоризонтот, стана и изговори:
- Без Лазар празно е срцето мое. Со мене законот се остварува, но и да го прекршам ми е дадено мене.
Потоа се упати кон гробницата, всечена во песочна карпа, а пак учениците тргнаа по него.
- Лазар! - со повишен глас, повика Исус, - Лазар, излези надвор! - и го повтори ова трипати.
И Лазар излезе - неговиот покров од небелена ткаенина ширеше мирис на распаѓање. Откако го здогледа Христос, застана, и откако го симна од лицето завојот, долго гледаше во него. Веќе се стемнуваше, и неговите очи ја одразуваа светлината на факелот што го запали Симон Кананит. Апостолите со шепот ја вознесуваа моќта на Синот Човеков, кому му беше дадена моќ, Израилу досега непозната.
- Ти ме поврати, Исусе, - изговори Лазар со глас низок и чист, - ти знаеш од каде ме врати.
- Да, Лазар. Ти си ми другар на мене.
- Дури и овој закон е во твоја моќ... но како да го вратам долгот свој?
- Не си ми должен мене.
- Не на тебе, Исусе, не на тебе...
И приближувајќи се кон Петар, зеде нож, божем сакајќи да го расече покровот, но наместо тоа го удри Петар со сечилото в гради. Овој падна мртов, апостолите почнаа да викаат од страв, само Христос молчеше, а потоа изговори:
- Го врати ти својот, и ти сега Петре.
Лазар го погледна изненадено, потоа со ужас, извикна:
- Значи и тој свет е твој! Таму душите на умрените, од ѓаволи растргани, те колнат тебе заради лага- но не знаат дека не на орачот мрзелив му се лутат, туку на жетварот!
И го подигна ножот, и пред да го задржат, го удри Исуса, и го закла. А кога го фатија апостолите, викна:
- Што знаете вие за него? Извор на сé е тој- но сé ли на светот е добро? Не принесе тој дар, туку цена стави... - и одненадеж со сила зачудувачка ги отфрли тој рацете на учениците, и се наполнија нивните членови со слабост и црна тага, и сфатија сите дека Лазар стана чудотворец.
Рече Јован, гледајќи го ова:
- Големи се делата Господови, и не е наше да ги разбереме.
И набргу апостолите одеа кон Ерусалим, а Лазар ги водеше.
Исус ги стигна утрината. Апостолите го гледаа, очекувајќи зборови, но овој, откако размени погледи само со Лазар, молчејќи одеше напред.

* квадрига - во античко време: кола на две тркала која ја движат четири коњи впрегнати еден до друг

Превод од руски: Костадин Голаков

Комментариев нет: