вторник, 5 февраля 2008 г.

ЗАЉУБИЛ СТОЈАН МАРИЈА - МАКЕДОНСКА НАРОДНА ЛИРСКА ПЕСНА

Заљубил Стојан Марија,
не може да си ја види,
и си ја праша мајка си:
“Умрев, мајко ле, загинав,
как да ја видам Марија?”
Мајка му тогај велеше:
“Стојане, синко, Стојане!
Ак ти сум мајка маштеа.
што ќе ти речам, да сториш:
поарчи азно сребрено,
напрај си чешма мраморна;
сите девојки ќе дојдат,
водица да си залеат,
белки ќе дојде, Стојане,
и твоја бела Марија!”
Стојан си мајка послуша:
напраи чешма мраморна,
напраи тасој сребрени
и синџирите јалдази,
поарчи азно големо.
Сите девојки дојдоа,
чешмата да ми ја видат,
водица да си залеат,
Марија не ми дошла.
Излезе Стојан, излезе,
со шарен кавал свиреше
и на мајка си велеше:
“Изгорев, мајко, изгорев,
Марија не си ја видов!”
Тогај му вели мајка му:
“Стојане, синко Стојане!
Ак ти сум мајка маштеа.
послушај што ќе ти речам.
Легни си, Стојан, умри си;
сите девојки ќе дојдат
свеќица да ти запалат,
белки ќе дојде, Стојане,
и твоја бела Марија!”
Стојан си мајка послуша:
легна си Стојан од наул,
легна си Стојан, умре си.
Сите девојки дојдоа,
свеќица му донесоа.
И бела Марија ми дошла,
кискица му е донесла,
високи гласје е дала:
“Стојане, мили Стојане!
На живот не се видовме,
на смрт ќе се видиме!”
Окото му е на поглед,
раката му е на пограб,
ногата му е на потскок.
Тогај си Стојан рипнало,
та си пограбил Марија.

Запишано и редактирано од Блаже Конески

Комментариев нет: