пятница, 1 февраля 2008 г.

БОГ И СВЕТИ ПЕТАР – ХРВАТСКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Еднаш се шетале Бог и Свети Петар по земјата. Кога паднала ноќ поминале во една куќа на спиење. Во таа куќа ја нашле само жената и ја замолиле да ги прими на преноќевање. Таа им рекла дека би ги примила со задоволство, но оти имала лош маж кој ќе ги истепа и нив и неа кога ќе се врати. Н, тие и понатаму продолжиле да бараат да ги прими, инаку ќе морале да спијат надвор, бидејќи во близина немало други куќи.
- Во ред, – рекла на крајот жената, - но јас нема да бидам виновна ако маж ми ве истепа.
И така тие останале. Жената им направила вечера. Но, се појавил нејзиниот маж. По одот се познавало дека не е добар човек.
Влегол тој во куќата и ништо не рекол, ами само ги погледнал Бог и Свети Петар. Потоа почнал а и вика на жената како можела да ги прими дома. Потоа го фатил Свети Петар и почнал да го тепа колку можел. Петар му кажал на Бога:
- Боже, не гледаш ли како ме тепа? Не гледаш ли дека сака да ме убие?
- Па, Петре, тој е господар во својата куќа. Во своја куќа може да прави сé што сака.
- Ама, Господе, направете нешто да не ме тепа, дојдете барем вие на моето, а јас на ваше место.
- Во ред, - рекол Бог. Нека ти биде.
Тие си ги смениле местата. Но, Свети Петар се прелажал зашто мажот рекол:
- Во ред, доста го тепав тој, сега ќе го фатам другиот да го тепам.
И така, почнал повторно да го тепа Свети Петар.
- Господе, - рекол Свети Петар, повторно мене ме тепа. Готов сум ако набргу не престане. Направете нешто да престане да ме тепа!
Се смилувал Бог на Свети Петар, па ја зел својата палка и го удрил мажот по плеќите. Мажот, пак, паднал во огнот и изгорел. Тогаш жената почнала да тажи и да жали по својот маж, а Бог и рекол:
- Како можеш да плачеш за него, та не може да ти биде полошо одошто ти беше.
- Ах, точНо е дека беше лош, но сеедно, поубаво ми беше со него. Лош беше, ама без него ќе ми биде уште полошо.
- Би сакала повторно да е жив? – ја запрашал Бог.
- Како не би сакала?
- Во ред, тогаш ќе го оживеам.
Тогаш го зел Бог стапот, пробркал по пепелта, и мажот се појавил жив од огнот. Но, наместо да му се заблагодари на Бога што го оживеал, мажот го зел стапот и почнал да ја тепа жената. Па, сега жената почнала да му вели на Бога:
- Господине, кажете му да не ме тепа!
Но, тој не сакал да го послуша Бога, ами откако добро ја натепал жената, му се свртел на Бога, па и него почнал да го тепа. Но, Бог го зел стапот, замавнал со него, па мажот се претворил во коњ. Кога се разденило, Бог и Свети Петар се подготвиле и го зеле коњот со себе.
Кога стасале во градот еден трговец ги прашал дали го продаваат коњот. Бог му рекол дека го продава, па го прашал трговецот колку ќе даде за него. Трговецот му рекол дека вреди триесет цекини.
- Не! – рекол Бог. – Вака ќе направиме. Јас ќе ти го оставам коњот цела година да го товариш, а потоа ќе се вратам и ќе си го земам коњот и половина од заработката.
Трговецот се согласил. И така Свети Петар и Бог продолжиле понатаму по белиот свет. Поминала една година, се вратиле во градот и го нашле трговецот, па го прашале колку заработил од коњот. Трговецот рекол дека никогаш не видел подобар коњ и дека многу заработил со него.
- Во ред, - рекол Бог, - дај ми ја тогаш мојата половина и коњот, а другата половина нека биде твоја како што се договоривме.
- Не, господине, - му рекол трговецот, - јас ќе ви ја дадам сета заработка, а вие дајте ми го коњот.
Но, Бог не се согласил ами му дал на трговесот две третини од заработката, а тој си го зел коњот и една третина, па си тргнале со Свети Петар по патот. И така дошле до истата онаа куќа и таму ја нашле жената. Ја замолиле да преспијат кај неа. Но, таа им рекла дека пред една година им дозволила на двајца да преспијат во нејзината куќа и оти тие и го изгореле мажот и оти така и заблагодариле за нејзината добрина.
- Па, жал ти е за мажот? Јас слушнав дека бил многу лош и оти постојано те тепал.
- Точно е, господине, тој беше лош и постојано ме тепаше, но без него ми е полошо.
- Би сакала ли да ти се врати мажот? – ја запрашал Бог.
- Ах, господине, како не би сакала!
- Во ред, ако сакаш тој ќе ти дојде.
Потоа Бог го удрил коњот со стапот и тој се претворил во човек, па го испратил кај жената и така тие продолжиле мирно да си живеат.

Превод од старохрватски: Емил Ниами

Комментариев нет: