пятница, 1 февраля 2008 г.

МНОГУ КУСА ПРИКАЗНА – ЕРНЕСТ ХЕМИНГВЕЈ

Една жешка ноќ во Падова, тие го одведоа на покривот, од каде можеше да го види градот. На небото се извиваа витли чад од оџаците. По извесно време, се стемни и рефлекторите се изгаснаа. Другите се симнаа долу и ги зедоа со себе шишињата. Тој и Луз можеа да ги слушнат под нив, на балконот. Луз седна на креветот. Таа беше свежа во жешката ноќ.
Луз остана во третатата смена три месеци. Со задоволство и дозволија. Кога го оперираа, таа го подготвуваше за операцијата; тие измислија шега за пријателот или за клистерот. Кога ќе го обземеше опивката, тој се трудеше да остане присебен за да не дрдори кога ќе му се замати умот. Кога застана на патерици, самиот си ја мереше температурата за Луз да не мора да станува од креветот. Имаше само неколку пациенти и сите знаеја за нив. Луз им се допаѓаше на сите. Кога се враќаше низ ходниците, тој си ја замислуваше Луз во креветот.
Пред да се врати на фронтот, двајцата отидоа во Дуомо и се молеа. Беше темно и тивко, а се молеа и други луѓе. Тие сакаа да се земат, но немаше доволно време за церемонии, а и обајцата немаа изводи од матична книга на родени. Тие се чувствуваа како да се во брак, но сакаа сите да знаат и не сакаа тоа да го изгубат.
Луз му напиша многу писма, но тој ги доби дури по прекинот на огнот. Одеднаш дојдоа 15 писма. Тој ги распореди според датумот и ги прочита сите. Во сите пишуваше за болницата и за тоа колку го сака, и колку не можеше да живее без него, и колку многу и недостига навечер.
По примирјто, тие решија тој да замине дома и да најде работа за да можат да се земат. Луз нема да додје дома сé додека тој не најде добра работа и не дојде во Њујорк за да се видат. Се договорија дека тој нема да пие, а тој не сакаше да се гледа ни со пријателите, ни со кого било во САД. Да најде работа и да се земат! Додека патуваа со воз од Падова кон Милано се караа, зашто не сака веднаш да дојде дома. Кога мораа да се поздрават на станицата во Милано, тие се бакнаа за разделба, но расправијата не заврши. Нему му беше тешко што така се разделија.
Тој отпатува за Америка на брод од Џенова. Луз се врати во Пордононе за да отвори болница. Таму беше осамена, многу врнеше, а во градот беше стациониран баталјон војници. Бидејќи живееше во каллив и врнежлив град зиме, мајорот на баталјонот водеше љубов со Луз, а таа прв пат беше со Италијанец, па конечно му напиша писмо дека нивната љубов беше само занесеност. Таа му се извини и знаеше дека веројатно не ќе може да разбере, но дека еден ден можеби ќе и прости, и ќе и биде благодарен, а сосема неочекувано очекуваше да се омажи на пролет. Го сакаше како и секогаш, но сега сфати дека е само занесеност. Таа изрази надеж дека тој ќе има успешна кариера и му изрази целосна доверба. Таа знаеше дека вака беше најдобро.
Мајорот не ја зеде за жена таа пролет; не ја зеде воопшто. Луз никогаш не доби одговор на писмото што го испрати во Чикаго. Набрзо тој доби гонореја од една продавачка додека со такси се возеа низ паркот Линколн.

Превод од англиски: Дејан Жерајиќ

Комментариев нет: