пятница, 1 февраля 2008 г.

СРЦЕТО НА ЦАРОТ – КОНСТАНТИН ПРОХОРОВ

На крајот на мај 1986 година, по две годишна служба во пешадијата, војникот Андреј Решетников беше демобилизиран и заедно со своите земјаци од водот се враќаше дома, во чудесниот украински град N.
Осум момчиња, кои пред две години во исто време беа повикани на служба, сега исто така заедно се враќаа со воз назад. Опојниот воздух на слободата ги преполни: тие беа подготвени да се смејат и се смееја за се и сешто, се запознаваа со девојките од вагонот, како што е редот пиеја вотка (умерено да се каже) и за време на сиот пат пееја војнички песни, со тоа веселејќи ги соседните патници.
Андреј се радуваше со останатите, иако не пиеше. Знаејќи за неговите “религиозни убедувања”, неговите совојници не настојуваа, прагматично расудувајќи дека “за нив ќе има повеќе”.
Родната земја ги пречека војниците не само со леб и сол и прегратки на роднините, ами и со тешкиот поглед на началниот на воената команда полковник Прокопчук, кај кого тие беа веднаш повикани, откако по два дена отидоа на воена евиденција.
- Значи така, дечки, - уште од првата минута од разговорот полковикот почна да ги дразби, - татковината ви дава одговорна задача, бидејќи тукушто ја минавте школата за сила во армијата и сте физички најподготвени војници… Сигурно сте слушнале дека во Чернобил, под Киев, се случи мала несреќа во атомската централа. Значи, ќе мора таму да поработите месец и пол – со современата техника тоа е совршено безопасно! Потоа ќе дојдете на воена евиденција и ќе си одите по дома. Така што ви давам уште три дена за да го “свртите” градот: да се видите со семејството, да се напиете ракија, да се видите со девојките, а потоа во назначеното време (сега ќе ви дадат распоред) се собирате тука, во воената команда!
Така, неочекувано пред Андреј и пред неговите другари се појави закана за продолжен воен рок, кој, како што стоеја работите, беше на неопределено време. Војниците добро знаат што значи на руски “месец и пол”. За Чернобил се слушаа ужасни гласини. И затоа не беше ни чудно што совојниците на Андреј, апсолутно сите собраа сили, ги збркаа врските во градот, секакви малку влијателни роднини и по три дена се јавија во воената команда со аритмија и какви се не печати на убави добронамерни документи, во кои се наведуваа уважувачки причини, поради кои наведеното лице, за жал, во моментот нема ни најмала можност да ја исполни почесната татковинска задача за ликвидација на несреќата во Чернобил и во врска со тоа тие им ја препуштаат на други, не помалку достојни луѓе…
И само војникот Решетников се јави на зборното место без никакви лигавења, тажно се прости со своите религиозни родители, кои беа најобични луѓе, и заедно со нив почна да се моли за претстојниот пат Божји. Полковникот Прокопчук се зачуди. Бидејќи во последните денови беше под силен притисок од сите страни – телефоните ѕвонеа без да запрат – тој повторно го повика Андреј во својот кабинет.
- Па, подготвен си уште малку да служиш во војска?
- Подготвен, другар полковнику.
- Не си побарал помош да те ослободат од воената служба?
- Не ни имам од кого да побарам, освен од Бога…
- Ах, да, ти си ни религиозен, - му текна на полковникот, - баптист, така?
- Токму така.
- Па, дојде времето, - тажно извика Прокопчук. – Некој мора да ја брани татковината, освен сектантите… Оди, Решетников, повикај ја тука својата екипа!
По извесно време сите осум војници, трезни и вознемирени, веќе седа во кабинетот, чекајќи ја својата судбина. Во дворот се слушаше командување, таму се формираа уште неколку екипи “чернобилци”.
Прокопчук, малку забави за да постигне драматичен ефект, внимателно ги собра на купче сите документи и оправданија што му беа донесени. а потоа одеднаш, тзатресувајќи ги во воздух, се исправи со сета своја висина.
- Што е ова? – заканувачки праша тој и, насладувајќи се од направениот впечаток, праша повторно и погласно. – Што е ова, ве прашувам!?
Ако некому никогаш не му бил потребен микрофон или друг засилувач за глас, тоа е полковникот Прокопчук. Неговиот грмлив бас, кој по се изгледа беше наследен од запарошките козаци, искален од многугодишното командување, за миг го исполни кабинетот, и бидејќи повеќе немаше место, со татнеж прсна низ прозорецот на улицата, потрча по долгите хоидници на воената команда, плашејќи ги потчинетите од двата пола.Војниците во кабинетот молчеа со спуштени глави.
- Се криете од служба? – продолжи да вреска полковникот. – Сакате да дезертирате? Си барате застапник? Да беше времето на Сталин јас би ве…
Во таков притисок околу половина час траеше воспитната беседа на мајсторот на силниот руски збор, полковникот Прокопчук. Може да се каже дека тој не беше многузловен. Како заклучок началникот на воената команда демонстративно ги искина сите документи на војниците и гневно вресна:
- Сите во Чернобил! Сите до еден! Ќе ве научам да ја сакате татковината!
Откако пребледените војници добија наредба да изезал во дворот и да се постројат, го напуштија кабинетот на Прокопчук, полковникот неочекувано го повика Решетников. Андреј беше принуден уште еднаш срамежливо да оди и да застане пред очите на жестокиот командант.
Полковникот, тегнејќи ја војничката блуза, пушеше.
- Ќе одиш на вториот шалтер за воена евиденција – рече тој со спокоен глас. – Сега ќе им се јавам таму. Можеш да одиш дома и да му благодариш на Бога!
- Благодарам… То ест… - се збрка Решетников зашто воопшто не го очекуваше тоа.
- А, ти, што мислеше, дека другарот полковник помалку верува во Бога од тебе? – Прокопчук лукаво го погледна војникот. – Оди, и не заборавај во црква свеќи да ми запалиш, како што треба… Оди, додека не сум се премислил!
Андреј излезе од кабинетот, восхитено шепотејќи: “Срцето на царот во рацете Господови, како потоците во водата: каде сака, Тој таму ги праќа”.
2001
Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: