пятница, 1 февраля 2008 г.

СИНОТ НА ЃАВОЛОТ – ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

Луѓето беа уморени од гледање во небото, од пролетта и од многу зборување и од влегувањето на сонцето в село.
Сонцето одново им го раздувуваше сонот на подземните лиоти и на селските патишта имаше траги од змии и гуштерици и од боси нозе.
Еден маж рече дека тоа се траги од неговите прошетки дека тие доаѓаат од средината на небото, дека таа средина е само негова средина, а зад него стои господ;
Една жена рече дека тоа е знак дека ќе има ветерничаво лето дека луѓето ќе онемуваат од нагазено, тревата ќе пресуши, реките ќе бидат матни и ќе се вратат во своите извори, шумите ќе ги опасат непознати бубачки кои од кога ќе завршат со шумите, ќе влезат во плодовите, а потоа ќе влезат во луѓето, а луѓето ќе ги напуштат своите оградени куќи и своите кревки жени и ќе почнат да се убиваат, не знаејќи зошто, и од кога ќе завршат и со луѓето на земјата, на оваа грешна земја ќе има само бубачки и ќе бидат многу;
И воздухот ќе се испразни и птиците ќе нема каде да поминат, продолжи некој старец;
Тоа ќе биде пред тоа, продолжи жената, тоа ќе биде во времето на големите селидби на душите кога душите ќе ги менуваат своите тела во времето кога ќе се измеша машко и женско, голо и болно, слепо и глуво, живо и мртво;
И сонцето ќе изгасне како натурено огниште и ќе остане само еден тркалезен јаглен на небото и со земјата ќе завладее вечен студ, продолжи старецот;
Тоа ќе биде после тоа, рече жената и тоа ќе биде времето на ѓаволот;
А ѓаволот е тука, рече Размо Тренчески, ѓаволот е кај Стојана Трпчевски, а можеби тој е само неговиот син, оти е зачнат од мртов татко, вие не знаете дека човекот што се врати ноќеска е од мајката на Стојана што е мртва и од таткото на Стојана што беше мртов пред синот да му биде заносен тој непознат човек за кого Стојан ќе рече дека му е брат, но тогаш ќе сака само да не излаже, а дека лагата има куса живеачка ќе ви го кажам уште и ова:
Кога умре Давиде Трпчевски неговата жена го имаше само Стојана и дека беше многу жалослива не остана ништо од неа, се пресвисна како кијајница извадена од топило и така боледуваше на гробот Давидов, извикувајќи го одозгора и одоздола, подоцна го бараше само на небото, а можеби таму го гледаше како ги раширува рацете, сакајќи да ги подаде кон неа и како, потоа, му ги снемува во облакот, топејќи му се небаре задоцнет снег допрен до топлата земја;
Земјата испаруваше како испотено добитче и ноѓите донесуваа плашила за децата, а во тие ноќи и душата Давидева се враќаше од гробот или од небото, оти не сакала да ја прими господ а можеби од нешто друго се враќаше, значи тој невидлив Давиде, се шеташе околу куќата на својата жена, мајката на Стојана некои виделе и како тропа на вратата и прозорците, тропал и гребел, некои му слушнале и молбени зборови, а потоа лежел пред вратата до Првите петли кога се изгубувал во непознат правец и кога идната ноќ одново се појавувал;
А се појавувал се додека еднаш не преспал со жена си без да знае таа;
И почна народот да измислува молитви и гласно да ги шепоти и се крстеше народот, допирајќи го воздухот како врв од редок пламен;
И стоеше народот пред куќата на Стојана Трпчевски а Стојан немаше што и немаше каде: ја покажуваше главата на прозорецот и повторно ја криеше.
Покажи ја главата што ја криеш, рече Размо Тренчевски, и покажи го човекот што го криеш.
Покажи го злото, викаше народот, покажи го синот на ѓаволот.
Во мојата куќа никогаш не влегувал ѓаволот, рече Стојан Трпчевски излегувајќи пред врата, во мојата куќа е само моето семејство.
Лажеш, лажеш, викаше Размо Тренчевски, лажеш како што е лажен и тој кај тебе, тој што ти помага да лажеш.
Ако не е човек како што сте вие, рече Стојан Трпчевски ако не е како вас, тоа е затоа што вие не сте луѓе.
Се помрдна нешто под нозете на луѓето, помина нешто под нивните алишта и тие ги занишаа главите како натурени со ладна вода и ги подигнаа своите тупаници. Стојан примижа со очите и сите му се видоа болни и долни, а Размо и нешто друго.
Што сакате, молеше Стојан Трпчевски, ако сакате нешто да ви кажам - ќе ви кажам, но знајте дека знам кој ве доведе тука и знам кој ве излагал така.
Ти само знајси, рече Размо Тренчевски, но ние го сакаме синот на ѓаволот што го криеш дома.
Стојан се обиде да каже уште нешто, но само ја отвори куѓата и влезе в куќи. Луѓето погледнаа најпрвин во испразнетиот воздух пред вратата, а, потоа небото што го отвораше своето пролетно дно. Некаде рикаше добиток, некаде пееше петел, некаде свиреше дете на врбова прачка. Над нив се вртеше птица како што се врти родан со калеш јаток, како што се врти и некоја мрава околу првиот кукурек.
Вратата се отвори и пред луЃето се покажа непознатиот и се гледаа луѓето во него и тој се гледаше во нив.
Јас сум ваш човек, рече непознатиот, и зошто ме гледате како непријател.
Ти не си наш, рече Размо Тренчевски, ти си само грев на мртовец.
Ти си син на ѓаволот, викаше народот, и за тебе нема место меѓу нас.
Твоето место, рече Размо Тренчевски, твоето место е кај што петел не пее и кај ѕвезда не свети.
Јас сум брат Стојанов, се бранеше непознатиот, и моите маки никогаш да ги немате вие.
Ако си вистински човек, рече Размо Тренчевски, ако имаш месо како нас и коски како нас, ако не си воздушен и празен, како кокошкино јајце испиено од месечина, ако навистина не си таков тогаш прекрсти се.
Не тоа, рече еден старец, дајте му да подигне железо. Ако вистина е син на мртовец тогаш ќе се распадне.
Јас не фаќам железо, рече непознатиот, и јас не правам ништо ако тоа не го чујам од устата на бога. Јас сум свештеник и немам право да грешам.
Тогаш напушти не нас, рече Размо Тренчевски, напушти не и заборави не и така ќе ги избегнеш сите грешки. Ние не сакаме зло во селово, не сакаме да ни се разболат децата и добитокот, не сакаме да ни се замати водата и светлината, не сакаме да ни шета ѓавол меѓу куќиве.
Тој е веќе во вас, рече непознатиот, а мојот пат е онаму каде што е волјата на бога, оти секогаш одам по него и оти јас сум само негова сенка. Ако не сака тој да останам тука јас ќе отпатувам некаде кај што сака тој што оди пред мене и вие пак не ќе знаете ништо за мене како што не знаевте ништо ни досега. Така било за да биде, ќе бидам секогаш далеку од луѓето ама секаде има вода за пиење и секаде има ноќ за одмор и секаде има време да се верува во нешто. Ама дека сте гревота ќе ви кажам дека вашите усти зборуваат низ туѓи усти и тие зборови не допираат до вашите срца и тие се наменети за оние што немаат поинаков живот. А јас живеам и овде и таму, јас можам да бидам и надвор од моето тело, а тоа е таму кајшто не можам да згрешам, а тоа е таму кај што вие не можете да бидете. А дојдов само да ви помогнам.
Кај беше до сега, рече некој, кај беше до сега да ни помогнеш?
Го барав патот до вас, рече непознатиот, го барав како виделото што ви помогна да ме пронајдете. Но вие не ме пронајдовте. Ве пронајдов јас за да ме вратите назад, за да ме протерате. Ако. Јас се губам и појавувам како и оваа светлина во која се крие и душата на татко ми. Ја гледав од затворите и тогаш беше најубава за гледање. Ми ветуваа жена, но не ја дознав нејзината топла страна и грев не направив. За грев бев но грешен останав само со мислата на неа. Бев ѕвонар и бев питроп и в темница му служев на сонцето. И војував против некого и не знаев зошто. Тогаш бев само нечија сенка меѓу сенките нечии, но сега знам чија. Сега го мразам телото оти го изедначувате со мојата душа. Ако. Ако за некого смртта е искушение за мене единствена можност да бидам слободен и во овој час немам друго барање од бога.
Не спомнувај го лажно бога, рече Размо Тренчевски, и не потсетувај не на брат ти, ако ти е брат.
Стојан Трпчевски трепкаше со очите како во згорештен ден и немаше што да види и немаше ништо да му помогне. Луѓето се доближуваа до непознатиот, го допираа со прстите (алиштата му беа црни и чудно топли и мирисаа на лек за метилави овци) го загледуваа во очите како во капка вода во нив ги наоѓаа своите смалени глави и се уплашуваа, го тераа да дише посилно, го наслушваа и, одалечувајќи се ги тресеа своите раце;
Еве го тоа што го велев, рече една жена, дека во нивјето ќе влезат гламни и грмотрн, ќе дојдат болести и суши, меѓу луѓето ќе се шета ѓаволот и ќе им се јавува како господ и ќе ги тера да ги убиваат мајките на своите мајки и децата на своите деца и луѓе ќе нема.
А еве и ни се јавува, рече еден старец, и ќе биде пусто во нашите души и во нашите куќи и веќе милост нема.
Ако не верувате во мене, рече непознатиот, однесет ме како подарок во некоја црква или запалете ме како свеќа на нечиј гроб или нахранете ги вашите кучиња со моето месо и барем така вие ќе ме запаметите и барем така и јас ќе знам зошто. Што не сакате вие луѓе?
Не сакаме, рекоа луѓето, не сакаме, не сакаме гламни и грмотор во нивјето, не сакаме болести и суши и не те сакаме тебе оти не си дојден за добро.
Моето тело ми ги донесе сите невољи, рече непознатиот и јас кон него немам милост како и вие што немате кон моето враќање… Ако моето прогонство е вашиот спас тогаш збогум спасени и збогум брате, веќе се фаќам за раката на бога и веќе одам на патот што ми го покажува Тој.
Тој веќе се оддалечуваше и додека се оддалечуваше како да слушше, “кај беше до сега” и како да одговараше, “го барав патот до вас”.
Заборавивме да видиме, рече некој, заборавивме да провериме дали имаше сенка.
Човекот веќе се смалуваше и над неговата глава зајдуваше Сонцето.

Комментариев нет: