пятница, 1 февраля 2008 г.

БИДЕЈЌИ СОСЕДИТЕ ЗНААТ СЕ ЗА СВОИТЕ СОСЕДИ – СОЊА МАНЏУК

Тоа утро човекот се разбуди тежок. Му тежеше главата. Му тежеа рамената. Рацете. Му тежеа и очите и одвај ги распознаваше предметите околу себе. Му тежеа и нозете и со тешкотии се движеше. И трупот му тежеше многу та затоа неговите стапала пропаднаа неколку сантиметри во сувата земја. Му тежеше и стравот кој се појави во неговите очи и му ги рашири зениците.
Стравот, всушност, најмногу му тежеше. Толку многу му тежеше што ги правеше уште потешки и главата и рамената и рацете и трупот.
Толку многу беше тежок неговиот страв. И толку многу поради неговиот тежок страв беше тежок и тој.
Со тешки чекори се упати тешкиот човек кон прозорецот оти му се чинеше дека од неговата тежина станаа тешки ѕидовите и таванот на неговата соба. Поради тоа се упати кон прозорецот. А прозорецот беше отворен и надвор беше пролет и весели беа дрвјата и лесни беа гранките нивни оти птиците слетуваа на нив а кога одлетуваа од нив ги понесува со себе другите, невидливите, тела на дрвјата и така дрвјата одеа насекаде каде птиците одеа или летаа. Но, тешкиот човек тоа не можеше да го види оти стравот во неговите очи му ги беше раширил зениците и одвај ги распознаваше работите околу себе. Не ги распознаваше, всушност.
Ги потпре тешкиот човек тешките лакти на прозорецот и ништо не мошеше да види.
Ништо не можеше да види, затоа се врати во креветот во кој тоа утро се разбуди тежок и легна повторно. Со тежина во очите го гледаше таванот и набргу таванот почна да го гледа него со својата тежина. Под својата таванска тежина таванот пропадна неколку сантиметри во фуснота неспоменатата но најчесто употребуваната стилска фигура.
Погоре наведеното предизвика благо лулање на подот под нозете на писателот кој му беше сосед од горниот кат на човекот кој тоа утро се разбуди тежок.
Инаку, писателот не беше од оние писатели кои се сезнаечки и сеприсутни и кои можат се да видат и на голема оддалеченост. Напротив: тој не беше способен да види што се случува и еден кат подолу. Меѓутоа: Тој им беше добар сосед на своите соседи. Тие често доаѓаа кај него за да се напијат кафе, за да испушат цигара, за да позајмат шеќер, зејтин, паста за заби... а често и него го повикуваа на кафе. Во кафе-муабетите тој дознаваше се за нивниот живот и за животот на нивните блиски и подалечни роднини, пријатели и соседи. Особено соседи. Бидејќи: соседите знаат се за своите соседи.

Објавено во Блесок бр.35, март-април, 2004

Комментариев нет: