пятница, 1 февраля 2008 г.

ОВЧАРЧЕТО – СЛОВЕНЕЧКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Еднаш во Истра, на самиот брег од морето, едно овчарче си го пасело стадото. Било пладне и сонцето ја горело земјата.
Одеднаш овчарчето видело како на меката ливада спијат три девојки. Тоа биле волшебници, кои на тие предели ги нарекуваат вили. Тие биле многу убави, но сите биле исти и по ништо не се разликувале. И така си лежеле тие небаре сонуваат некаков сладок сон. Момчето поим немало кои се тие, па си мислел дека се обични девојки кои се измориле, па така шетајќи задремале.
“Сонцето ќе им ги изгоре лицата на девојките! – помислило момчето – Греота се! Дај ќе им направам сенка!”
Спуштило младото овчарче неколку липови гранки, ги боцнал во земјата покрај заспаните девојки, па тие се нашле во сенка.
Наскоро вилите се разбудиле. Ги виделе тие гранките и почнале да се прашуваат кој ги заштитил од сонцето. Но, тие, всушност знаеле кој бил тоа, зашто вилите се волшебници и не спијат, ами само се преправаат дека спијат. Но, продолжиле да се прашуваат зашто сакале да видат дали момчето ќе се јави.
Но, овчарчето воопшто и не помислувало да им каже дека тоа било тоа, па си тргнало по патот зашто повеќе не можело да гледа во нивните коси кои светкале како да се од чисто злато! Но, трите вили биле веќе зад него. Убавиците го прашале овчарчето што сака за награда поради тоа што ги скрил од жешкото сонце.
Момчето ништо не посакало. Вилите решиле да му подарат волшебно ќесе со златници кое никогаш не се празнело. Но, златните монети не му се допаднале на овчарчето зашто тоа не знаело што се пари. Тоа не сакало да си игра со жолтите парички зашто поинтересно му било да ги пасе овците...
Тогаш вилите му рекле:
- Вечерва кога ќе го водиш стадото кон дома зад тебе ќе почнат да ѕвонат ѕвончиња. Но, ти немој да се вртиш сè дури не дојдеш до куќата.
Го кажале тоа вилите и исчезнале.
И токму тогаш на момчето му текнало дека тоа не биле обични девојки, ами оти биле волшебници.
Сонцето почнало да се спушта сè пониско и пониско, па овчарчето го потерал своето стадо дома. Колку повеќе се приближувал тој до селото, толку посилно станувало ѕвонењето. Но, момчето заборавило што му кажале вилите, па на среде пат се завртел да види кој тера толку многу стока. И кога што ќе види: од морето излегувале овци, крави и кози и оделе зад неговото стадо. Но само што се завртел стоката престанала да излегува од водата, па овчарчето успеало да ги дотера дома само оние што до тогаш излегле од морето.
А, ако ги послушал волшебниците, неговото стадо ќе било уште поголемо. Но, на овчарчто и тоа му било доволно. Момчето не се налутило, а стоката ја поделило со соседите, па така продолжило да си живее безбедно и богато.

Превод од словенечки: Емил Ниами

Комментариев нет: