вторник, 5 февраля 2008 г.

ГУМА ЗА БРИШЕЊЕ - СЕРГЕЈ ГРИШУНИН

Во едно малечко гратче, во едно сосема обично училиште си учела Марина. Таа била во петто одделение и добила единица по географија. Но, тоа не и била првата единица. Петта за една недела. И така си одела дома натажена. Па, на што да се радува? Сите ќе и викаат. Нема да и дадат да си игра. Во темен агол ќе ја стават. И тогаш видела Марина едно искубано куче како си седи на автобуската станица. Си седи тоа така наспроти бутката за колбаси и тажно ја гледа продавачката, А, тетката од бутката, пак, низ прозорчето го кара кучето. Тоа, пак, тргнало кон месарницата. А, ќелавиот чичко го брка оттаму. Мелкарката, една баба во волнени чорапи и во сив фустан, замавнува со рацете. Не му е денес денот на кучето. Сите луѓе му се лути. Се натажила Марина. Таа во ранецот имала сендвич со салама. Од ужинаката и останал. Му го дала на гладното куче. Тоа, пак, многу се израдувало и веднаш го излело сендвичот. Благодарно замавнало со опашот и избегало. Марина тивко тргнала понатаму. Нејзиниот дом бил близу. Многу се натажила. Одвај нозете ги движи. Кога, слушнала како нешто шушка зад неа, небаре некој сака да ја престигне. Се завртела и кога што ќе види - искубаното куче и се приближува. Дошло тоа до неа и со белите заби и се насмевнува. Ја гледа весело и врти со опашката.
-Ти си добро момче, - му рекла Марина, - а јас денес добив единица по географија во книшката. Не знам што да правам сега.
-Ништо страшно, јас ќе смислам нешто сега, - и одговорило кучето и отрчало.
Марина, пак, не можела да си поверува на ушите. Таа само во цртаните филмови видела како кучињата зборуваат и си мислела дека сетоа тоа се само приказни. Сега и самата се уверила дека такви работи се случуваат. Го почекала та кучето да се врати. По пет минути тоа дотрчало, а во устата носело сина гума за бришење. И ја дало тоа на Марина.
-Држи, - рекло тоа, - една добра тетка ми го даде. Рече дека со неа сé може да се избрише.
-Ти благодарам, другар, - му одговорила Марина.
-Обиди се, - и рекло кучето.
Ја извадила Марина книшката од чантата и со еден потег ја избришала единицата.
-Супер, - рекла, - како ништо да немало. А, може ли уште нешто да избришам?
-Не знам, - одговорило кучето, - јас во такви работи не се разбирам. Можеш на мене да пробаш. Луѓето секогаш прават експерименти на кучињата.
-Не, со тебе нема да правам никакви експерименти. Јас и ти сме другари - му рекла Марина, - оваа гума на себе ќе ја пробам.
Поминала таа со гумата и сé било избришано.
-И што се случи? - го прашала таа кучето.
-Одлично! - и одговорило тоа, - Како ништо да немало. Сега можеш да одиш насекаде и да си земаш сé што сакаш. Ако е така и мене избриши ме.
На Марина не и било тешко да направи што и да е за своите другари, па така го избришала и кучето.
На девојчето му се допаднало таа игра. И така наоколу исчезнувале и луѓе и коли. Ги снемувало куќите и цели улици заедно со хоризонтот. Наскоро сé исчезнало и немало повеќе што да се брише. Останале само уличниот шум и гласовите во празното место. Навчер станало темно и тивко. Сиот град заспал и оттогаш во него можело да се види нешто само на сон. На училиште повеќе не предавале географија. Немало ни нагледни средства. Сите премети биле заменети со музичко и со слушање сказни.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: