пятница, 1 февраля 2008 г.

ПРВИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА ДЕНИЦИЈА – ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

Дениција доаѓаше од секаде
како дух што го пропуштаат и мртвите стражари
на сите момчиња да им ce јавува во сонот.
Таа беше како оној Врач кој, гледајќи во цвеќињата,
држеше говор за потеклото на медот.
Таа го имаше вкусот на храната
што гласно ја џвакаа моите предци.
Кога бев со неа јас дишев во сите светови
оти во неа ce среќаваа сите страни на светот.
Дениција значеше и најголема денгуба
и најголема тајна за државната безбедност.
Дениција значеше и детски додаток
и распределба на доходот по ефект.
Нејзините зборови ги повторував
како реткост во друга реткост пронајдена.
Таа беше растојание од една болка до друга
и жесток пијалак што ce разнесува по куќите.
Таа знаеше една буква со која почнуваа сите зборови
и можеше да викне и да ги смени годишните времиња.
Заради неа пријателите
по цел ден не сакаа да ме видат.
Размислувајќи за неа
можеше да ce загине и во најкусиот ден
и во најтоплото попладне.
Таа беше оган со оган што ce гасне.
Нејзината воздишка ги соединуваше
и најоддалечените населби,
оти од кај неа започнуваа сите самраци
што правеа излет со лилјакот, a завршуваа во трат.
Таа знаеше и во кој овошен плод
завршиле дождовите.
Дениција беше датум на доброволни дарители на нешто.
И заради неа јас почнав одново да верувам во бога.
Преку дневните весници сакав да ce откажам
од сите роднини
што не веруваа дека нејзиниот бакнеж
може да лекува и разболува.
Од неа јас дознав и што мисли змијата за небото
и кога има воздухот мака.
Оти како што дишеше таа,
така растеше и дневната температура.

Комментариев нет: