вторник, 5 февраля 2008 г.

РАЗМИСЛУВАЊА ЗА СЕБЕ - ДЕЈВИД ХЕРБЕРТ ЛОРЕНС

Земајќи предвид се, најголемиот дел од животот го минуваме сами и најдолго време во животот сме со немиот, иако ненаметлив тек на личните мисли. Размислуваме за себе и за работите кои најнепосредно не засегаат речиси цел ден и цела ноќ се дури сме живи. Многу помал дел од животот го минуваме во вистинска работа или во вистинска активност, кога велиме дека “не мислиме”. Определен дел од времето го минуваме во сон, при што не знаеме што мислиме и кога, во одредена смисла, продолжуваме да мислиме или да сонуваме или глупаво да мудруваме за себе и за работите за кои сме најдиректно заинтересирани.
Можеби свеста е нешто што оптеретува, можеби не сакаме да мислиме и можеби тоа е причината поради која луѓето им се посветуваат на некои непрофесионални омилени занимања, можеби е тоа причината поради која пијат, поради која играат голф, можеби затоа жените слушаат џез или флертуваат, а и сите одат во глупавите кина само за да “избегаат од себе”, како што велат самите. Да заборавиме на тоа! - е големиот лек за сите. “Сакате да се заборавите”, гласи изреката и се смета дека задоволството на сета егзистенција е во “заборавањето на себе”.
Можеби е така, а можеби и не е. Додека некое момче навечер “се налева” кога сака да заборави на себе, тој постојано е свесен дека следното утро со болка ќе се сети на себе. Истото е и со девојките што слушаат џез во веселите ноќи и за толпата што излегува од кината. Сите тие се таму за да се заборават, но ако ги погледнете, не би можело да се каже дека тоа нешто многу им годело. Тие наликуваат на мачка што изела пепариран канаринец, па сега во стомакот го чувствуваат памукот.
Кога ќе слушнете што зборуваат луѓето, ќе си помислите дека самите себеси сте си најголемото страшило што некогаш може да се има. Ако не можете да избегате од себе, ако не можете да се заборавите себеси, тогаш сте осудени на пропаст. Околу вратот ви е врзан камен, така што единствено можете да скокнете и да се удавите.
Тоа е чудно. Зошто самиот себеси да си најголемо страшило? Зошто толку би се плашел самиот себеси да си бидам друштво, небаре ќе ме фати некој костур со своите страшни раце во оној момент кога ќе останам самиот со себе?
Тоа е сенешто. Сосема е природно тоа што секој маж и секоја жена најголем дел од времето размислува за себе. Од што има да се плашиме? Па, сепак, луѓето масовно се плашат од тоа. Би поверувале дека секој во себе има костур, кој всушност го имаме. Во мене, како и во вас, се наоѓа костур. Што не е во ред? Тоа е сосем добар, цврст и здрав костур. А, што би правел без него? Не, не, сосема добро се чувствувам со мојот ковчест костур, па ако толку сака да разговара со мене, нека го стори тоа.
Се чини дека сите не прогонува некој наш дух, на кој не смееме да му погледнеме в очи. “Боже, та тоа сум јас!” И тогаш се даваме во бегство. “О, Боже, еден избеган тигар е на Пикадили! Да бегаме на Бондстрит.” - “Внимавајте, тигарот е таму! Одете по улицата Медокс!” “Господе, еве го тигарот тука! Да бегаме во метрото.” И така одиме под земја, немајќи предвид дека некаде повторно ќе излеземе надвор, кај Холанд парк или на кејот, и оти тигарот ќе не начека.
Единствено нешто што може да се направи во овој случај е следното: “Во ред, ако е тигарот таму, да го погледнеме.” А, секому му е познато дека се што треба да направи е да го погледне право в очи. Истото е и со алтер егото, со моето призрачно јас, кое ме прогонува во мислите.
“Јас сум млад човек, кого никој не го сака”, вели призракот, тигарот. Решително погледнете го в очи и одговорете му: “Да, тоа е мошне чудно. Зошто сте беден? Зарем сте само беден? Сакате ли да бидете љубен и како сакате да бидете љубен? Кој да ве љуби? И зошто треба да ве љуби?” Без сомнение, одговорите на овие прашања се интересни и се многу позабавни од бегањето од себе и од пасивното примање и инертноста.
Ако тој тигар е тигрица, таа ќе почне тажно да мјаука: “Јас сум толку пријатна личност, но тоа никој не го цени. Колку сум несреќна!” Тогаш девојката која е вистинска лавица, ќе ја погледне в очи својата тигрица и ќе каже: “Зошто си толку убедена дека си пријатна? Во кој поглед си пријатна? Зарем не постојат и други начини да се биде пријатен, освен твојот? Можеби луѓето копнеат по некој друг вид пријатност, а не по онаква каква што е твојата. Подобро е да направиш нешто во врска со тоа.”
Ако, пак, станува збор за млад брачен пар тигри, тие ќе цимолат: “Живееме во сиромаштија, немаме никакви изгледи.” - Потоа младиот човек и младата жена, ако имаат барем малку жар, решително ќе ги погледнат своите два тигра. “Нема изгледи! Што подразбирате под тоа? Доволно е да се прехраните. Што се тоа изгледи? Зошто и какви изгледи ни се потребни? За што станува збор?”
Одговарањето на овие прашања се интересни, тие се забава за сиот живот. Да му се одговара на тигарот е неопходна животна разонода. Да се мисли на себе и на работите кои навистина не засегаат претставува најголема забава, особено кога ќе почувствуваме дека повремено навистина сме разговарале со својот костур.

Превод од англиски: Емил Ниами

Комментариев нет: