пятница, 1 февраля 2008 г.

ТАТКОТО – УКРАИНСКА НАРОДНА СКАЗНА

Тројца браќа си останале сираци – немале ни мајка, ни татко. Ни кола, ни двор. И така тие тргнале по селата, да најдат работа по имотите. Си оделе тие така и си мислеле: “Ех, камо да најдеме работа кај некој добар домаќин. Кога пред нив се појавил некој дедо, стар-стар, а брадата бела и до појас. Им се приближил старецот на браќата и ги прашал:
- Каде одите, деца?
А, тие, пак, му одговориле:
- Одиме да бараме работа на некој имот.
- Па, зарем вие немате свој имот?
- Не, му одговориле тие. – само кога би нашле некој добар домаќин, чесно би работеле кај него и би го почитувале како татко.
Старецот малку се помислил, па им рекол:
- Па, добро, ајде да ми бидете синови, а јас вам татко.
Браќата се согласиле и тргнале со старецот. Оделе тие, оделе а по патот виделе куќа – убава, беличка, со шарени цветови. А, зад куќата вишнова градина. А, во градината – девојка, убава, весела исто како цветовите. Ја погледнал најстариот брат и рекол:
- Ех, да си ја земам девојкава за жена. И крави и волови ќе имам!
Старецот, пак, му одговорил:
- Е, ајде, де, ќе одиме да се посватиме. Нека ти биде жена, па и крави и волови ќе имаш - живеј среќно, но на правдината не заборавај.
Отишле тие, се посватиле, направиле весела свадба. Станал домаќин најстариот брат и останал да си живее кај жена си во куќата.
А, старецот и браќата тргнале понатаму. Оделе тие, оделе а по патот виделе куќа – убава, светла. А, покрај неа река, до реката мелница. А, во мелницата – девојка, си седи и си работие. Ја погледнал средниот брат и рекол:
- Ех, да си ја земам девојкава за жена. А, како мираз да ја добијам мелницата и реката. Би седел во мелницата, леб би меле и би бил сит и задоволен.
Старецот, пак, му одговорил:
- Е, ајде, де, нека биде по твое, синко, среќно, но на правдината не заборавај.
Отишле тие, се посватиле, направиле весела свадба. Станал домаќин средниот брат и останал да си живее кај жена си во куќата.
Тргнале понатаму најмалиот брат и таткото. Си оделе тие така и виделе една бедна куќа, а од неа излегла девојка, убава, но слаба и бедна.
Најмладиот брат рекол:
- Ех, да си ја земам девојкава за жена! Би работеле заедно и леб би ваделе. Не би заборавале на бедните: ние би јале и на другите би им делеле.
Старецот, пак, му рекол:
- Во ред, сине. Само гледај, не заборавај на правдината.
Го оженил и него и си тргнал по патот.
А, браќата си заживеале. Првиот многу се збогатил. па куќи почнал да гради и пари да собира – и само мислел на тоа како повеќе пари да збере. Но, за да даде на некој беден човек не станувало ни збор - многу скржав станал!
Средниот исто така си заживеал убаво. Кај него почнале да работат намени работници, а тој само лежел, јадел, пиел и наредувал.
Најмладиот, пак, си живеел мирно: сé што ќе донел дома со другите го делел, а ако немало ништо не се жалел.
И така одел по светот таткото, па посакал да види како живеат синовите и дали се праведни. Се преправил тој во просјак, дошол кај најстариот син, влегол во дворот и се поклонил, па рекол:
- Дајте му на старецов нешто!
А, синот, пак, одговорил:
- Е, како да не, стари! Ако сакаш заработи си! Јас неодамна на свои нозе застанав! Заминувај!
А, кај него шкафовите биле полни, нови куќи имал изградено, на полиците имало многу храна, ноќвите полни со брашно, а пари колку ти душа сака. Но, милостина не дал!
Заминал старецот со празни раце. Стасал до едно ритче, се завртел кон куќата и само што ја погледнал таа се запалила.
Тргнал старецот кај средниот син. Дошол кај него и гледа дека и мелницата и реката станале поубави. Си седел синот во мелницата. Старецот се поклонил и рекол:
- Дај ми, добар човеку, барем грст брашно! Сиромав сум и немам што да јадам!
- Е, да бе, - одговорил средниот син – јас уште за себе не сум сомлел! Многу ги ма како тебе такви што се шетаат тука!
Заминал старецот со празни раце. Стасал до едно ритче, се завртел кон куќата и само што ја погледнал таа се запалила.
Дошол старецот кај најмладиот син. А, тој, пак, си живеел бедно, во малата, но чиста куќичка.
- Дајте ми, - рекол тој, - добри луѓе барем корка леб!
А, најмладиот син му одговорил:
- Оди, деде, во куќата, таму ќе те нахранат и за по пат ќе ти дадат.
Отишол тој во куќата. Домаќинката го погледнала – целиот бил во партали, па и паднало жал. Го отворила шкафот и му дала и нова кошула и нови панталони. Тој ги облекол. Но кога почнал да ја соблекува кошулата домаќинката забележала дека тој на градите имал голема рана. Го седнала таа старецот на маса, го најала, го напила. Тогаш домаќинот го прашал старецот:
- Дедо, зошто имаш таква рана на градите?
- Ах, - рекол тој, - наскоро ќе умрам од неа. Ми остана само еден ден живот.
- Ах, каква несреќа! – рекла домаќинката. Нема ли лек?
- Има, - рекол старецот, - но не може секој да го даде, иако секој го има.
Тогаш домаќинот рекол:
- Зошто да не го даде? Кажи кој е лекот?
- Ах, тешко! Ако домаќинот ја запали својата куќа со сé во неа и со пепелот од неа ја покрие мојата рана, таа ќе се затвори и јас ќе продолжам да живеам.
Се замислил најмладиот син. Долго се мислел, па и рекол на жена си:
- А, ти што мислиш?
- Па, - рекла жената, - друга куќа ќе направиме, а добриот човек ќе умре и повторно не ќе се роди.
- Па, ако е така, изведи ги децата од куќата.
Ги изнела домаќинката децата. Погледнал синот на куќата и му паднал жал за неа. А, на старецот, пак, уште пивеќе. Потоа синот ја запалил. Куќата вивнала во пламен и ја снемало. На нејзино место се појавила друга – бела, висока, убава.
Дедото, пак, стоел и се смешкал под мустак.
- Гледам, - рекол тој, - сине дека само ти од сите тројца не си се разделил со правдината. Живеј со среќа.
Тогаш синот го познал својот татко и тргнал по него, но му немало ни трага, ни глас.

Превод од украински: Емил Ниами

Комментариев нет: