вторник, 5 февраля 2008 г.

ВРЕМЕНСКА СПИРАЛА - СЕРГЕЈ ЛУКЈАНЕНКО

Временската спирала беше собрана во вторник, доцна навечер. Беше мошне убава - сета од син, полупрозрачен облак, со две црвени оганчиња што се нишаа внатре. И не беше многу голема - во шака може да се стисне.
Семјон Иванович уште еднаш ја погледна спиралата, ја погледна нејзината светлина - да не има пукнатина во времето? - потоа ја остави на страна. Со чудење забележа како му се тресат рацете - од грижа ли, од старост ли. Поседе малку, веќе беше се решил да свари чај, но одеднаш се премисли и ја зеде спиралата в раце. Добра е. Ако убаво се загледа човек, на едниот крај од спиралата може да види како рунатави, меки мамути се судруваат со исто такви влакнести, но поитри неандерталци. А, на другиот крај кристално блескаа покривите на невидени дворци, млади и убави луѓе, кои се наведнуваат над умните книги…
Возидвнувајќи, Семјон Иванович почна да ги меша оганчињата на временската спирала. Управувањето беше сосема упростено: доволно беше да се прилагоди сегашното време со посакуваното време за спиралата да проработи.
Но пред да се спојат оганчињата, Семјон Иванович запре за момент. Се чинеше дека се колеба.
Погледна во плафонот и промрморе:
- Те предупредив.
Плафонот молчеше, па Семјон Иванович поцврсто доврши:
- Не, штом е решено, тогаш така мора и да биде!
Крадешкум гледајќи околу себе, небаре во собата може да има уште некој, тој од кутијата со алати зеде грст ситни клинци и ги стави в џеб. А, потоа со показалците ги спои двете оганчиња во едно.
Светот се затресе, заискре со црвен облак. Од масата исчезнаа приборите, на местото на телевизорот се најде старо радио, моерниот фински кревет се претвори во железен, панцирен. Од зад полуотворената врата се слушна пискав глас:
- Прохор Кузмич, а Прохор Кузмич! Семка повторно кај будалетинката на состанок тргна! Како не му е жал за парите, па такви по кино да ги носи!
Очите на Семјон Иванович блеснаа. Ете ја, неговата младост! Родниот комунален стам, осамената младост, кога се уште не можеше да биде свој. Ете го изворот на сите негови конструкторски напори!
Не мораше да чека многу. Кога и соседот и сосетката излегоа од кујната на минута, тој пргаво се мушна таму. Со сласт, која е тешко да се опише со зборови, се приближи до шпоретот и во супата на Прохор Кузмич ги истури собраните клинци.
Се помисли, па во компотот на сосетката додаде половина пакетче сол. Потоа ја зеде спиралара и ги врати оганчињата на своето место.
…Веќе еден час Семјон Иванович спиеше мирно во својот модерен фински кревет од темно неполирано срво. Од време на време во сон повторуваше:
- Ти велев да го исклучуваш светлото кога излегуваш или и по триесет години ќе те најдам…
А, заборавената временска спирала дремеше на аголот од масата. На едниот крај титкаше земјата под нозете на мамутите и на неандерталците. На другиот… Ех, да може да се знае кој е таму, под кристалните куполи на невидените дворци, во тоа далечно и прекрасно утре…

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: