пятница, 1 февраля 2008 г.

ВО ШУМАТА ИМАШЕ ЕЛКА – ПЈОТР КАПКИН

Имаше зимзелена шума. Во шумата имаше елка. Елката беше темна и голема. На неа имаше снег. Под елката живееше лисица. На врвот на елката на дебела гранка стоеше гавран. Гавранот стоеше неподвижно, и на неговата глава наврна снег. Снегот на главата на гавранот слегна и личеше на чалма, затоа гавранот личеше на источен мудрец. Лисицата, која живееше под елката, го гледаше гавранот двапати во денот: наутро, кога одеше да лови зајаци, и навечер, кога се враќаше од лов. Лисицата мислеше дека гавранот цркнал и не му обрнуваше внимание. Немаше време: беше студено и постојано и се јадеше - зајаци ретко фаќаше, а дувлото беше тесно и студено...
Еднаш во шумата дојдоа луѓе и еден од нив рече, покажувајќи на елката: “Ајде да ја исечеме оваа: никогаш не сум видел волку голема елка”. Другите се согласија и почнаа да ја сечат елката. Лисицата ја немаше во дувлото - таа ловеше. Гавранот седеше неподвижно во белата чалма од снег. Кога елката падна, гавранот падна заедно со неа. Еден од луѓето го здогледа гавранот на гранката и рече: “Мрша”. А друг се приближи и така го ритна со ногата што гавранот одлета до лисичјото дувло. Лисицата се враќаше од лов и ги здогледа трагите од скии, постоја, подушка, сфати дека луѓето си отишле и се упати кон дувлото. Таа оддалеку забележа дека ја нема елката, а до пенушката пред влезот во дувлото лежи нешто црно. Претпазливо се приближи - тоа не беше стапица, како што мислеше: на ровкиот снег лежеше гавранот - лежеше на грб, од главата му капеше густа темна крв. Лисицата дојде поблиску - и се јадеше, ама гавранот беше жив и гледаше неподвижно во лисицата - лисицата се исплаши и заквиче. “Каррх...” - засипнато одекна низ шумата, - лисицата ја зафати ужас и таа избега...
Имаше шума. На местото на моќната елка стрчеше нагрдениот остаток, до него лежеше стариот гавран. Тој цркна, на неговата глава на ровкиот снег се темнееше рапава дамкичка мраз. Некаде во шумата квичеше лисицата. По се изгледа, и студеше.

Превод од руски: Костадин Голаков

Комментариев нет: