пятница, 1 февраля 2008 г.

МАКЕДОНИЈА - ЛЕВ МИРОНОВИЧ МИНЦ (ФРАГМЕНТ)

Тука отсекогаш живееле луѓе: најчисто езеро, богато со риба, плодородна земја, умерена клима. Бригиски, фригиски, енелиски племиња... Од нив не останале дури ни називи на картата. Потоа дошле Илирите - голем народ, кој заедно со Фракијците станал прадедо на сите балкански народи. Тогаш езерото го добило називот Лихнос - Светло езеро, а на неговите брегови се појавил градот Лихнидос, кој по многу века станал Охрид.
Во четвртиот век п.н.е. царот Филип Втори Македонски го освоил и го проширил градот. Потоа дошле Римјаните и, се разбира, изградиле пат. Се појавила Византија. Во третиот век почнало да се шири христијанството. А, по три столетија словенските племиња што го преминале Дунав се населиле по Балканскиот Полуостров. Од деветтиот век во византиските хроники се појавува името „Охрид“ - можеби од словенскиот „во хрид“ - „на ридот“.
Од секоја епоха останале споменици и урнатини. Само светлото Охридско Езеро не се изменило.
Во хотелот „Метропол“, каде што престојувавме, се одржуваше македонската конференција на геодети. Излезе дека во оваа малечка земја има многу геодети. Секоја вечер, кога се враќавме, во фоајето на ресторанот геодетите играа оро. Да ги разликуваме едно оро од друго според мелодијата ни беше тешко, но едно играа во круг, а друго, пак, во вид на змија, фатени за кренатите раце. Геодетите танцуваа со сериозни лица, без трошка будалаштина, која ја имаат возрасните луѓе што накратко заминале од дома. Одвреме-навреме, не прекинувајќи го орото, тие пееја, а во песните често се повторуваше зборот „Македонија“.
Македонија останува таинствена земја, без разлика на тоа колку литература има посветено на неа. Понекогаш ми се чини дека не е „без оглед“, ами благодарение на тоа изобилство. Секој автор има своја гледна точка, која ја исклучува другата.
Самото име на земјата - Македонија - во нашето сознание е цврсто поврзано со славата на Александар Македонски и неговата голема империја. Оттаму и, на прв поглед, бурната реакција на соседна Грција, при излегувањето на меѓународната сцена на Република Македонија, се чини закономерна.
Нарекувајте се Словенска Македонија, Македонија (поранешна југословенска), Вардарска (според името на реката на која се наоѓа престолнината Скопје), на крајот на краиштата, оставете ја на мир нашата историја! Уште поголем беше елинскиот гнев по намерата тукашната валута да биде наречена „стартер“, како во империјата на Александар.
Само ако се сетиме дека на древна Македонија, многу пред Александар и неговиот татко Филип, не и дозволувале да учествува на сеелинските Олимписки игри токму затоа што Македонците не се Грци, ќе ни стане јасно дека проблемите на Балканот постоеле отсекогаш. И не се лесни за решавање...
Што има да одиме во дамнешното минато! Дури и за една толку проста работа, како што е постоењето на македонскиот јазик, нема само едно мислење. Бугарите, кои во принцип се однесуваат добро со Македонците, во Габрово ја губат својата православна смисла за хумор само ако ги прашаш: постои ли македонски јазик?
Нема да навлегуваме во стариот, древен меѓусебен спор на балканските Словени: во случајот со Бугарите и Македонците тој, фала Богу, не излегува од филолошките рамки. Најверојатно разлика меѓу словенските наречја тогаш речиси немало, па дури и тој јазик што за богослужба го создале Кирил и Методиј, слободно го разбирале и во Моравија и во стара Русија.
А, древниот јазик во овдешните места се развивал поинаку, ги загубил падежните наставки, ги усложнил времињата и - токму по теркот на развој на поголем број јазици од Европа - го вовел членот. И зачувал такво количество зборови што ние ги разбираме, што ги употребуваме само во висок - дури и во стар - стил, што ако ги слушаш при карање, може да ти стане пријатно и трогателно. Но, одеднаш, нешто е очекувано. Влегувате во продавница и продавачот веднаш ви се обраќа: „Повелете!“, што во директен превод значи „заповедајте“, но значи: „што ви треба?“

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: