вторник, 5 февраля 2008 г.

ОНА ШТО ОЧИГЛЕДО ЌЕ ГО НАЈДАМ – КЕН ФОСТЕР

Беше на Магазин Стрит во Лоуер Гарден кога за првпат го сретнав Пит. Стоеше на постулатите од руинираниот комплекс станови каде имав закажано да видам стан за 150 долари месечно, за што мислев дека можам да си го дозволам бидејќи на мојата невработеност и дојде крајот.
-Не сакаш да живееш тука, - рече Пит, - можеме да најдеме подобро.
Сум го видел претходно, како се мотка низ студентскиот дом, каде што престојувам. Пит престојуваше таму, се додека не го замолија да си замине. Постоеја некои гласини, но никогаш не знаеш во што да веруваш. Нешто дека должел пари за собата. Но, сепак, тој повторно се враќаше, барајќи нови пријатели. Се моткаше во холот ова утро, кога ме слушна како закажувам средби за барање стан низ цел град, вклучувајќи го и тој на Магазин Стрит.
- Ми го украде состанокот, - реков.
Пит рече “Задоцни.” Ја крена капата завртена нопаку и помина со раката низ неговата црна коса пред повторно да ја стави назад. Неговата коса, потстрижена едноставно, беше излезена од под краевите на капата.
- Се обидував да направам некакво резиме, - реков.
Го поминав утрото во Францускиот кварт, седејќи во кафетеријата Калди, слушајќи џез и двоумејќи се каков вид на резиме да направам. Ако ги наведев добрите работни места што ги имав во минатото, можеби ќе изгледав преквалификуван за типот на работа што ќе ја добијам. Но, ако ги изоставам, луѓето ќе се прашуваат што сум правел цело ова време. Така најмногу што правев ова утро беше мојот отсјај во големите бронзени урни.
Пит рече, “Сакам да се пробивам во животот и без резиме.” Го рече тоа како само да сакаше да ме утеши или да си докаже себеси, дека се е океј, дека за се ќе се погрижи. Тоа беше тогаш кога решив дека го сакам за пријател, бидејќи знаев дека не може да му се верува. И се додека не можам да му верувам нема да може да ме разочара.
Се преселив во Њу Орлинс кон крајот на јануари, бидејќи не знаев ништо попаметно да направам, ако не друго барем е топло. Престојував во подрумот на едена пријателка во Портланд, спиејќи на душек на подот од собата која била на ќерка и пред да избега од дома. Само што ме отпуштија од работа - полноќни дежурства во Кинко, правејќи копии за шизофреничарите во близина на куќата – не планирав да останам подолго, но не планирав и што да се прави следно. Најчесто седев во дневната чекајќи го сонцето да изгрее, но некако тоа многу ретко се случуваше. Седејќи кабина наспроти Пит, сфатив дека не ќе да е постар од ќерка и на мојата пријателка. Се прашував дали знае дека имам скоро триесет.
Првите неколку дена во Њу Орлинс, го испоминав градот, со помош на моето сетило за мирис. Тревниците на погорните имоти, беа означени со нешто слатко, со привремени облаци чад како запалено лисје. Облаците прашина се издигаа зад трамваите на Чарлс Стрит. Во квартот, на Дектур Стрит, деновите беа исполнети со мирисот на шеќер во прав што доаѓаше од Кафе Ду Монд, заменето навечер со смрдеата на повраќаници и урина од пијаните туристи; но некако благиот мирис се провлекуваше и остануваше со мене, подолго и посилно од што било.
Мерките за време и пари беа променливи. Можеше да биде вторник или четврток или, пак, сабота. Никој како да знаеше точно. Две минути, два часа, два дена, два месеци. нечиј кеш може да трае седмица или да исчезне за едно попладне. Барам некаква си стабилност.
- Посакувам да има нешто да се прави интересно вечерва, - рече, - знаеш?
- Сакаш да одиме на пијалак? - го прашав.
Пит имаше дури и помалку пари од мене, ама имаше едн куп бонови за храна. По секој оброк и давав на келнерката крединта картичка која никогаш не планирав да ја покријам, а имаше малку на неа да се искористи, Пит ќе ми платеше со боновите за храна, давајќи ми секогаш малку повеќе, но никогаш онолку колку што јас посакував. Подоцна кога ќе останев без пари и живеев на тестенини и слични глупости, ги разменував боновите во Тајм Сејвер. Понекогаш ќе земев и два хот-дога за еден долар. Во многу лоши денови, ќе го потрошев останатиот четврт долар на сирење.
Пиејќи кафе во Калди, најдов паднат водич за Карневалот кој испаднал од средината на локалниот весник. Парадите што се одржуваа за време на Карневалот се провлекуваа дури до центарот, цик-цак низ соседствата неколку пати на ден, запирајќи го сообраќајот, всушност за време на Карневалот и немаше некаков сообрајќај. Тоа беше последна шанса за забава пред да заминат за Лент. Сите одат на парадите, или, ако се доволно среќлии да бидат поканети, тие се на еден од оние подвижни подиуми, разголени, маскирани, дразнејќи се, задевајќи се и покажувајќи ги своите ликови на публиката - Бахалиус, Орфеј, Рекс, Пегас... Градот ечи од електричните генератори на подиумите. Жените ги покажуваат цицките на публиката за да им фрли повеќе мониста, мажите на подиумите поминуваат сигурно покрај нив, мажите маскирани можат да побараат што сакаат, и најчесто го добиваат она што го сакаат.
Луѓето доаѓаат фамилијарно, татковците ги носат децата на раменици да гледаат, или во парови мажи и жени, преминувајќи ја таа линија за анонимен бакнеж. Грасмедианите се дел од публиката која се собира да се бори за подароци од организаторите, познати како Неутрален терен.
Вечерта на парадата на Баханалиите, стоев на неутралниот терен на аголот од Чарлс Стрит и Наполеон, гледајќи толпата што поминуваше истура пластични чаши, мониста, карти, и други дребулии во рацете на луѓето пред мене. Гледајќи како вечерниот воздух во Њу Орлинс не спроведува светло, како светлото се собира во воздухот околу светилките, и само платформите на најбогатите организатори беа осветлени, иако беа заобиколени со длабока темнина.
Хенри правеше забава на другиот крај од Наполеон. Го сретнав Хенри исто така кога бев во потрага по стан, но решивме дека нема да можеме да живееме заедно. Неговиот газда ја продаваше куќата во која тој живееше, па организираа голема забава пред да ја напуштат. Ми рече дека треба да дојдам. А, во меѓувреме се надевав дека ќе налетам на Пит, за да имам со некој да бидам таму. Можеби би било подобро да заминам со некој дома, ако не е таму Пит. Тоа беше мојата цел. Не беше важно со кого.
Една група по име Ламп, се подготвуваше за свирка во салонот, пивото беше во дворот. Се наведнав над ѕидот зад куќата и гледав една девојка како си игра со буренцето. Имаше уште двајца момци кои стоеја близу неа, и некоја си приватна шега се одвиваше заради цревото и бурето. Погледна накај дворот кон мене и ми се насмевна. Беше слатка, на јужњачки начин. Изгледаше полничко, но секси, баш како филмска ѕвезда што игра калуѓерка - баш такво лице имаше. Дојде накај мене со пиво в рака, препнувајќи се на една вреќа ѓубре во средината на дворот, но успеа да одржи баланс на телото и постојано да ме гледа в очи.
- Се прашував дали би ми помогнал, - ми рече. - Моите пријатели имаат натпревар, и сакам да помогнеш во донесувањето одлука.
- За што е натпреварот?
- Се расправаат кој има најголем кур, - ми рече. - Сакаш да ми помогнеш?
- Не можат сами да одлучат кој има? - ја прашав. Погледнав накај момците. Се уште се заебаваа со цревото.
- Баш и јас го помислив тоа, - ми рече. Се викаше Ејми, и почна да им се восхитува на моите мониста.
- Ги имаш многу по тебе. Луѓето фрлаа со нив на тебе?
- А-ха, - реков. - Така некако, - решив дека ништо не губам ако се обидам и ги начекав сите што другите ги пропуштија. Имам барем едно дузина од нив околу вратот, и купче пластични чаши за мојот нов стан, ако успеам да најдам.
- Имаш право, - рече Ејми. Погледна кон двајцата момци и бурето.
- Погледни ги сите овие, - рече. Нејзиниот врат беше нареден со безброј големи златни мониста. Оние што се чуваат за жени што ги разголуваат градите или му ги пушат на мажите на улица.
- Не ги сакав, ама тие само ми ги фрлаа. Мислиш дека е сексистички?
- Дали мислам дека ако си жена ќе собереш повеќе? - прашав.
- Да. Сакаш од моиве?
- Секако, - и реков.
Почна да извлекува од своите околу вратот, ставајќи ми ги мене. Двајцата момци дојдоа и гледаа. На крај едниот од нив рече:
- Сакаш да го ебеш? Тоа е?
Ејми му се изнасмеа, а тој и неговиот пријател отстапија.
- Мислам дека ќе си одиме и ќе одиме на некое друго место, - ми рече. - Сакаш да дојдеш со нас?
- Не знам, - и реков. – Мислам, да не бидам малтретиран?
Сакав само да заминам некаде со неа и да ја држам за рака, ама не знаев каде би одел.
Погледна кон едно од момчињата и ми рече:
- Не ми е дечко, само некако секогаш завршуваме заедно.
- Океј, - и реков. - Изгледа ќе биде забавно.
Четворицата заминавме заедно по Наполеон, поминувајќи низ парадата, пластичните чаши, монистата, картите и играчките што луѓето моментално ги фатиле, а потоа ги фрлиле. Камиони со затвореници пристигнуваа да чистат. Ејми и јас одевме пред двајцата момци.
- Ти се верува? - ми рече.
- На првата парада на која бев, луѓето се тепаа по овие глупави играчки, - и реков. - Потоа одненадеж се најдов како се борам со една жена на земја заради едена пластична паричка.
Ејми се изнасмеа.
- Еднаш кога ќе фатиш некоја од овие работи, се прашуваш зошто ти била.
- Баш така, - реков.
Откако се пробивме сите четворица низ толпата, типот со кој Ејми најчесто завршувала почна нешто да и шепоти. Пијан шепот, па помислив дека слушам како и шепоти “Мислам дека на твојот пријател му треба некој добро да го изебе”. Кога Ејми се направи дека не го слуша, тој додаде: “А јас ќе бидам тој што ќе го направи тоа.” Таа се поттргна.
Моторот од трамвајот квичеше и пулсираше со што правеше ритмички пумпачки звук, кој туристите го поистоветуваа со беља. Мене ми звучеше како отчукување на часовник фрлен во кутија со малечки мачиња. Може да те успие ако сакаш.
Погледнав кон Ејми и нејзините пријатели и се сетив дека овие работи воопшто не се забавни, како што треба да бидат. Паричка ми помина по образот и падна на земја. Уште една ме погоди по гради. Погледнав назад кон трамвајот. Пит беше таму, смеејќи ми се, држејќи уште една паричка во раката, целејќи накај мене. Влегов внатре и седнав до него. Ејми и нејзините пријатели слегоа на следната станица без да погледнат кон мене.
Пит и јас се возевме до внатрешноста на градот, а трамвајот брмчеше и труеше цело време. Пит ми рече дека се обидувал да ме најде, ама дека бил многу зафатен откако нашол место за живеење. Жената со која живеел била многу добра, рече, иако била дваесет години постара. Беше сигурен дека таа ќе ми најде работа и место за живеење. Ме праша дали се уште го чувам водичот за опстанок, и се прашував дали знаел дека погледнав внатре.
- Извини што те извисив, - рече, - но премногу беше добра понудата да се пропушти. Евелин не ни сакаше пари однапред, ми рече дека можам и да и должам. А и сите ги знае. Дури ми дозволува да ја позајмам нејзината кола. Мисли дека имам возачка дозвола.
Кога и да налетав на Пит на улица, или да му се јавев од говорница, секогаш ме потикнуваше дека треба да најдам работа или мој стан. “Евелин ги знае сите,” ќе ми речеше. “Може нам да ни најде нешто.” Рече “нам” како да бев вклучен во неговиот план, како да беше задолжен да се грижи за мене, но најмногу што имаше направено кога го замолив да ми најде работа беше дека не треба да се грижам. Ќе купевме храна или шише вино со она што останало на картичката, а Пит ќе ми дадеше малку од она што останало од боновите за храна.
Понекогаш ќе се јавев да го слушнам, а Евелин ќе се јавеше и ќе речеше “зафатен е”. Или, “сега гледаме телевизија.” Знаев дека очигледно се ебаваат. Ги замислував како го прават со позадина од серијата Dark Shadows.
Во деновите кога Евелин не беше тука, Пит ќе ме поканеше. Ќе седневме на кујнската маса и пушевме марихуана која ја чуваше во лимена кутија за колачи на масата. Марихуаната беше крупно сечена во големи грутки трева, како качакот на татко ми, и како никогаш да немаше никаков ефект врз мене. Сакав да лебдам, ама ете ти, седев покрај масата на Евелин, слушајќи го Пит, кој кога беше стониран, зборуваше во долги реченици кои звучеа како да траат со часови. Јас само слушав, со што станував потивок.
- Зошто ми дозволуваш да продолжам вака? - ќе речеше Пит, и продолжуваше.
Пит секогаш зборуваше за Кона, каде живееше со брат му цели две години. Ми кажуваше како стонирале со печурки и играле во фонтани и како преживувале јадејќи во хотели и пишувајќи погрешни броеви на собите во сметката.
- Брат ми секогаш велеше дека никогаш нема да не фатат, - велеше.
- Знам како е кога му веруваш некому и потоа дознаваш дека не требало.
Пит ја испружи раката преку масата и покажа кон мене. Посегна и го стави прстот на една малечка лузна под моето лево око. Помина со прстот нежно по неа, на единственото место на кое ме допре.
- Како го доби ова? - праша. - Дали некој ти го направил ова?
Конечно го достигнав нивото на немост кое го посакував. Го гледав плинскиот пламен кој гореше на ѕидот зад мене.
- Не е ни важно, - ми рече. - Не мора да ми кажеш.
Подоцна Пит ме праша:
- Дали некогаш си имал врска со некој кој не му направил ништо лошо на твоето лице?
-Дали го мислиш тоа буквално? - прашав, иако знаев што мисли. - Или фигуративно?
- Како било, - ми рече. - И двете.
Помислив за момент, пред да одговорам.
- Не, изгледа дека не.

Превод од англиски: Љупчо Петрески

Комментариев нет: