пятница, 1 февраля 2008 г.

НА МОЈОТ ЉУБОВНИК, ВРАЌАЈЌИ И СЕ НА СОПРУГАТА - ЕН СЕКСТОН

Таа е тука.
Таа е грижливо стопена за тебе
и изделкана од твоето детство
изделкана од твојот омилен мермер.

Таа отсекогаш била тука, драги мој.
Таа е, всушност, неверојатна.
Огномет среде мрачен февруари
и толку вистинска како челичен сад.

Види вака. Јас сум минлива.
Луксуз. Пембе црвено бротче на брегот.
Косава ми се издига како чад од автомобилскиот прозорец.
Школка вон сезона.

Таа е повеќе од тоа. Таа е твоето мора да се има,
го порасна твојот практичен и тропски раст.
Ова не е експеримент. Таа е хармонија.
Таа е како жлебот и веслото на кајчето,

става диви цвеќиња на прозорците за појадок,
седи покрај грнчарското тркало напладне,
одгледува три деца под месечина,
три ангели нацртани од Микеланџело,

сето ова со нозете раширени
во несреќните месеци во капелата.
Ако погледнеш, децата се тука
како нежни балони на таванот.

Ги носела едно по едно низ салонот
по вечера, со главите надолу провиснати,
две нозе протестираат, како двајца луѓе
нејзиното лице потонува во песна, а и нивниот сон.

Ти го враќам срцето.
Ти давам дозвола-

поради збрката во неа, прпелкајќи се
болно по земја, поради кучката во неа
и погребот на нејзината рана-
погребот на нејзината мала црвена рана се уште жива-

поради бледиот трепетлив пламен под нејзините ребра
поради пијаниот морнар кој чека во нејзиниот лев пулс,
поради мајчиното колено, поради хулахопките,
поради жартиерите, поради повикот -
љубопитниот повик
кога ќе копаш во рацете и градите
и ќе ја одврзеш портокаловата лента од нејзината коса
и ќе одговориш на тој повик, љубопитен повик.

Таа е толку гола и сама.
Таа е збир на самиот ти и твојот сон.
Качи и се како на споменик, чекор по чекор.
Таа е цврста.

А, јас, пак, јас сум водена боичка.
Се бришам.

Препев од англиски: Љупчо Петрески

Комментариев нет: