пятница, 1 февраля 2008 г.

ВАЖЕН ТЕСТ – БРЕНДА ЛОВЕРИ

- Што е, Џил? – праша Питер Греј кој во тоа време веќе можеше да го протолкува секој израз на лицето на својата свршеница.
- Ништо, - одговори таа, не знаејќи дека тој и ги чита мислте. Реши да се оттргне од се што нема врска со барањето куќа. Беше убав саботен ден, небото беше ведро, сонцето грееше и не постоеше поповолно време за такво нешто.
- Ништо… во која смисла? – беше упорен Питер, кога со колата тргнаа кон Маркет Лизон.
- Остави, де… Мама вчера истапи со една од своите идеи. Не е ништо важно, не грижи се! Имаме една лоша тетка што се вика Една и живее осум километри од Маркет Лизон. Е, на мајка ми и текнало дека можам да наминам кај неа.
- Тогаш одиме веднаш таму.
- Чекај да ти објаснам зошто не треба да одиме, - рече Џил. – Ти и јас сакаме да се венчаме… а тоа го сакаа и мојата сестра Алис и братучетка ми Џејн и другарка ми Натали.
- И сега сите се среќно мажени.
- Да. Но, ниту една од нив не се омажи за оној што тетка ми Една не го стави на својот строг тест.
- Уф, па тоа значи дека ниту едно од момчињата што тие го однеле кај тетка Една за таа да ги запознае, не одговарале. Од што се плашиш? Мислиш дека нема да поминам на тестот?
Таа почна да се смее.
- Не, што ти паѓа на ум! Само не ми е јасно зошто и ти мора да бидеш подвргнат на нејзините вкрстени прашања.
- Не знам… може да биде интересно. Знаеш што, кога ќе завршиме со разгледувањето во Епл Котиџ, ќе тркнеме до бунгаловите во Муртол, па потоа ќе наминеме на кафе кај неа. Кој знае, можеби ќе биде восхитена од мојата убавина, умот и привлечноста, па ќе ти честита на изборот.
- Знаеш ли дека така си ја предизвикуваш судбината… И дека можеш да доживееш непријатно изненадување? Во секој случај, добро. Ме убеди.
Епл Котиџ беше вистинско совршенство. Две соби на кат, две соби на приземјето, убава голема кујна огромна издолжена дневна соба. Зад куќата имаше градина; во неа Џил би можела да одгледува ружи, бидејќи многу ги сакаше. Пред куќата имаше двор во сенка. Како нарачано за нив.
Сакаше што побргу да роди деца. Ако добие два сина (а, тоа го сакаше Питер) втората спална соба ќе биде како нарачана. Исто ќе биде и ако се родат две ќерки (а, тоа беше нејзина желба). Ако, пак, се родат момче и девојче… па, добро, куќата може и да се догради.
Стоеја прегрнати покрај прозорецот во спалната соба, размислувајќи за иднината, која сега им изгледаше повеќе од розова.
- Оттука се гледаат твоите тениски терени – рече Питер.
- Да. А, таму, налево, се наѕира голф клубот.
Тој погледна на часовикот.
- Единаесет е. Вистински момент е да одиме на кафе кај страшната тетка Една. Треба да и однесеме некаков подарок. Цвеќе, бонбониера или и едното и другото?
- Или нешто полезно. Сака да работи во градината. Зошто да не и купиме лопатче?
- Во ред, - рече тој, смеејќи се. – Тоа нека биде од тебе, а јас ќе купам ружи и бонбониера. Не познавам ниту една тетка, без оглед колку и да е страшна, која би се намуртила кога би добила такво нешто…
- Го положува оружјето пред твоето толку добро познавање на женскиот род.
Кога Питер би наумил да направи некоја тактичка грешка, тоа никогаш не би можело да биде половично. Одбра розова бонбониера на која имаше фотографија на ангорска мачка, а што се однесува до ружите, ги купи оние што најмногу ги сакаше – темно црвени, симбол на љубовта.
Додека се приближуваа кон куќата на тетката, Џил почувствува дека го губи расположението. Убаво се сеќаваше како од исти такви посети се враќаа нејзината сестра Алис, братучетка и Џејн и другарка и Натали, и како по неколку месеци сосема беа ладни кон Кевин, Нед и Џек. Добро, Кевин навистина беше непромислен и расипник. Нед не можеше да ја скрие својата слабост кон русокосите девојки, а Џек беше многу тврдоглав. Но, тие нивни мани станаа воочливи дури по разговорот кој со нив го направи тетка Една. Можеби тоа имаше врска со нејзината професионална деформација, така што и сосема мал недостаток го претвораше во сериозна мана.
Една Милсент Рајт беше директорка на едно средно училиште. Помладите професори зборуваа дека првите денови откако се вработиле, имале страв од нејзиниот строг поглед, а инспекторите кои повремено по службена должност доаѓаа во училиштето, сфатија дека мораат да размислат двапати пред да и упатат некаква забелешка.
- Не гледам многу цвеќиња во леите, - и рече Питер кога стасаа пред куќата.
Џил кришум го погледна. Беше многу добро граден, мускулите му беа како од челик, но… делуваше некако слабичок. Што ли ќе рече на тоа тетка Една?Веројатно ќе почне да чепка по историјата на неговото семејство за да открие дали некој предок на Питер, макар еден од сите Грејови, умрел од туберколоза во 18 век.
- Главата горе! – прошепоте Питер, кој изгледаше мошне смешно со огромната бонбониера под раката и со букетот ружи што го држеше како копје.
Тетка Една беше дома, во тој момент испраќаше некого. Кој ли е тоа, се запраша Џил. Трговски патник, лекар? Не, не и личеше ниту на едното, ниту на другото. Изгледаше интересно, иако се гледаше дека е во години. Можеби е глумец во местниот аматерски театар, па дошол да се посоветува со неа во врска со некоја ролја.
- Добар ви ден и на двајцата! – им се обрати господинот. Џил си помисли за тоа колку симпатично се насмевнува, како Питер.
Во тој момент на вратата се појави тетка Една.
- Јас сум, Џил, - рече таа видно возбудена. – Дојдов со Питер. Тој е момчето за кое ќе се омажм.
- Ајде, влезете, ти и Питер, - рече тетката. – Претпоставувам дека добро би ви дошло едно кафе.
- Еве, ви донесовме мали подароци, - се јави питер, приоѓајќи и на тетката со насмевка.
Таа ги прифати подароците и се насмевна. Меѓутоа, тоа беше чудна насмевка, неумолив.
Штом се најдоа во салонот, во кој на педантно наместениот мебел не можеше воопшто да се види прав, Џил го сфати значењето на таа насмевка. На масата имаше голема портокалова бонбониера, а покрај неа букет розови каранфили.
- Тешко мене! – извика, праввејќи се дека е навистина очаен. – Некој веќе дошол со подароци.
- Седнете, - им рече тетка Една. –А, што е ова, Џил? Градинарска лопатка. Мошне убаво, ако ми се скриши онаа што ја купив пред петнаесетина дена!
Потоиа отиде да свари кафе, а младите останаа да седат како што таа им нареди,
- Драго, обиди се да изгледаш здраво и силно, - прошепоте Џил.
Тетката набргу се врати. Носеше сребрен послужавник со шолји за кафе, мали, елегантни, со позлатен раб, а имаше и чинија со колачиња.
- Тукушто бевме да видиме една мала вила во Хемптон Вотер, - почна со разговорот Питер. – Се вика Епл Котиџ. Веднаш се вљубивме во неа.
- Значи имате ист вккус.
Пред Џил да успее да каже нешто, Питер се најде во замка.
- Ама, не! Вксуовите баш ни се различни. На пример… ако треба да одберам поет, без размислување би рекол Милтон, додека Џили сака други, како што се Китс и Шели. По мое мислење тие се малку лигави.
- Но, затоа, и двајцата обожуваме шпагети, - го прекина Џил, видно возбудена. И кјанти.
- Не сум чула за тој поет, - одговори тетката. Џил, душо, се шегувам!
Џил со чудење заклучи дека тетка Една е дотерена повеќе отколку што е вообичаено за неа. Имаше облечено нежно розова блуза, која околу вратот имаше голема панделка, и не беше во темното сомотско здолниште со рамен крој, ами во сиво-розова. Новата фризура со перче на челото, го ублажуваше нејзиниот израз на лицето. Косата повеќе не и беше седа, ами мошне добро бојосана, со ретки посветли прамени.
Секако, сево ова не го згаснуваше жарот со кој таа се предаваше на испитувањата.
- Што работиш, Питер? Мислам, кое е потесното подрачје на твојата стручност? Мислам дека слушнав оти ти и Џил работите во истата фирма. Да, така мошне често двајца можат незабележливо да се зближат. Љубовта нагло се појавува на сцена… незабележливо, ако може така да се каже!
- Точно, токму така и се случи! – задоволно одговори Питер.
- Тука доцна се стемнува, - рече тетката. – Може долго да се шета по шумата, а кога ќе падне ноќта и кога ќе залади, тука е телевизорот… или радиото.
- Да, но јас немам време за телевизија, - одговори Питер. – Но, затоа на Џил никогаш не и е доволно. Меѓутоа, не се лути кога јас нема да гледм. Затоа мислам дека во Епл Котиџ ќе ни биде добро. Во големата дневна соба таа ќе може да гледа телевизија колку што сака, а јас во другиот агол ќе читам некој добар криминален роман.
- Добро, има ли нешто што и двајцата го сакате?
- Сакаме и секогаш ќе сакаме да бидеме под ист покрив, заедно – продолжи Питер.
Тетка Една изгледаше чудно, во гласот и се чувствуваше меланхолија.
- Да, тоа е чудно, но и сосема едноставно. Треба да умееш да даваш, за да можеш да добиеш. А, што ќе… што ќе се случеше, ако се запознаевте подоцна, во зрело доба?
- Значи, во време кога и двајцата веќе би имале свои навики, сфаќања, - зборуваше Питер, глумејќи заинтересираност. – Сигурен сум дека и тогаш ќе најдевме решение. Можеби ќе беше малку потешко да се оствари таа приказна за давање и примање, но сепак, можеби со годините човек станува поприлагодлив.
Џил заклучи дека е време да си одат. Секако, таа знаеше дека тетка и и тоа го зема предвид.
- Ми беше пријатно што се видовме, - и кажа на тетка си, бакнувајќи ја во образ. – Се надевам дека ќе можеш да дојдеш на нашата свадба во јули.
- И ако сакате да земете некого со вас, ќе ни биде драго – додаде Питер, кој ја бакна тетката и нежно ја гушна.
- Мислам дека добив позитивна оценка, - рече тој додека одеа кон колата. – Но, има нешто што е уште поважно. И тој доби позитивна оценка.
- Тој?
Питер потврдно кимна со главата.
- Да, заминуваше кога доаѓавме ние. Тој ги имаше донесено оние подароци – бонбониерата и каранфилите. Тетка ти Една на стари години запловила во љубовните води… ти тоа не го забележа, но неа овојпат и беа потребни нашите совети! Уверен сум дека ќе и користи се што и реков. А, тој… ене го, види… доаѓа повторно и треба да ни се заблагодари за тоа што одговорот на тетка Една ќе биде потврден.
Додека Џил со чудење трепкаше, Питер почна да свири, а потоа низ прозорецот ја испружи раката со подигнат палец за да му даде до знаење на човекот дека се е во најдобар ред.
Господинот во години, со убаво лице, малку покрупен во телото, кој предаваше историја на англиската литература и театар во училиштето во кое тетка Една беше директорка, веднаш ја сфати пораката: го забрза одот, а потоа речиси трчајќи се симна на улицата за што побргу да стаса до куќата на тетка Една.

Превод од англиски: Емил Ниами

Комментариев нет: