пятница, 1 февраля 2008 г.

КАПСУЛА НА ЉУБОВТА – ЉУБОВ РОМАНЧУК

Си бил еднаш еден султан. И си имал една ќерка која никако не можела да се заљуби. Врвеле години, султанот објавувал секоја година натпревари за освојување на срцето на гордата убавица, во коишто влог бил живот- во тој случај доколку везирот се вљубувал, не добивал возвратна љубов. Во случај ако и двајцата останувале ладни, ако и ќерката не можела да ја разгори љубовта во везирот, таа била должна да помине ноќ со него. Затоа задачата и кај обајцата била еднаква: да се остане ладен, да се разгори љубов кај другиот. Се слевале поклоници, но никој не можел да ја освои љубовта на недостапната жена. Тие и ги оставале срцата, коишто таа ги собирала во специјален стаклен сад, спуштен во длабок леден процеп, а телата ги фрлале во бунар без дно, и никој не знаел што се случувало со нив понатаму. Најпосле убавицата забележала дека нејзината младост почнувала да бледнее, а таков, во кого таа би можела да се вљуби немало. Веќе и брчки се појавиле околу очите, и руменилото почнало да бледнее, и тогаш ќерката на султанот заповедала да и ја повикаат познатата гатачка којашто минала низ земјата. Гатачката била стара и сосема црна. Таа и претскажала дека и е судено да се вљуби само после педесет години во еден млад музичар на поминување кого заедно со други ќе го повикаат да му угодат на слухот на султановата ќерка на церемонијата по повод нејзиниот седумдесетти роденден. Тоа ќе биде прекрасен празник, рекла гатачката, на главата на султанката ќе има заслепувачки царски украс, а на лицето- маска на млада девојка, направена од меур од жолчка на бик. Музичарот по ништо нема да биде забележителен, неговите очи ќе бидат со боја на килибар, а косата пепелаво-руса, сепак ќерката на султанот ќе изгуби памет по него. “Ти ќе посакаш да го задржиш кај себе,- гукала гатачката откако ги покрила очите,- ќе му предложиш добро место и тој ќе остане, но тебе ќе ти биде срам да се појавуваш пред него во својот вистински изглед, и ќе разговараш со него само преку завеса. Еве ти, - гатачката извадила од под пазуви парче свила и и го подала на ќерката на султанот. -Земи”. Гатачката ја пуштиле, а подареното парче свила ќерката го запалила.
И тогаш султанот им повелал на најголемите умови на дворот да измислат средство кое би можело да го сопре времето за неговата ќерка во потребниот рок како би можела таа да ја дочека и да ја вкуси сладоста на среќата со претскажаниот и суден. Мудреците долго размислувале и на крај успеале со помош на сложени пресметки да изградат капсула, во којашто топологијата на просторот станувала независна од времето, т.е. во којашто во принцип не можеле да се случуваат никакви промени. Ја ставиле убавицата во капсулата, а капсулата ја скриле во кула. Бидејќи не постоело времето во капсулата, не било потребно да се грижат ниту за храна, ниту за пиење, и самото нејзино очекување таму, и кога би преседела во капсулата илјада години, би било се на се само миг. Останал само проблемот за обезбедување. Требало да се измисли таков начин, и после смртта на султанот капсулата да остане недопирлива, а би била скриена се до моментот кога на дворот ќе се појави претскажаниот музичар. Обезбедување на капсулата требало да бидат луѓе коишто не подлегнувале на никакви искушенија и коишто биле моќни да живеат само покрај капсулата. Само ова би ја гарантирало целосната сигурност на потфатот.
Султанот долго размислувал. Ја преместувал капсулата од едно место на друго, затоа што секое засолниште му се чинело недоволно сигурно. Имал многу непријатели и куп наследници. Но само една ќерка. За да ги стави во заблуда дворјаните, повелал да се изработат мноштво капсули-двојници и ги расфрлал по целата земја. Вистинската капсула пак на крајот на краиштата ја однел во безводна пустина и ја скрил меѓу камења и песоци. Мудреците на султанот при транспортот откриле дека во близина на капсулата времето се менува, тоа тече поспоро, со големо задоцнување. И, значи, луѓето што живеат покрај неа би можеле да живеат долго, можеби, бесконечно, но под услови на отсуство на други страсти. И тогаш султанот си спомнал за поклониците кои беа лишени од срцата. Поточно, за начинот, што му го шепнала самата ќерка. Повелал да се собере одред млади силни воини, да се однесат во пустината и да им се извадат срцата. Тие умреле за светот, но околу капсулата продолжиле да постојат, затоа што процесот на нивното умирање се одолжил навек.
Никој не знаел за вистинската местоположба на капсулата, султанот умрел, и умреле и неговите деца, и внуци, и правнуци. Многумина авантуристи не еднаш вршеле обиди да ја најдат вистинската капсула, се упатувале на ризични патешествија, но секој пат трагата ги доведувала само до следната капсула- двојници, каде што наоѓале смрт. Капсулата на вечниот живот останувала недостапна. Неа ја чувале лишените од срце вечно умирачки воини. Во неа се криела убавицата што го чекала своето будење за големата сеопфатна љубов. Можно е и воопшто да не била убавица. Можно е таа одамна да се претворила во монструм, никој не знаел. Воините како и порано ја чувале затоа што не можеле да умрат. Макар што не е исклучено дека султанот сам ја згрешил капсулата, а тие чувале празнотија.

Превод од руски: Костадин Голаков

Комментариев нет: