пятница, 1 февраля 2008 г.

ОДЕЊЕ НА ПЛАЖА – АРТУР БРЕДФОРД

Ја видов Елизабет како ја вози својата ’рѓосана канта по Јунион Стрит среде бел ден. Нејзиното големо црно куче, Вилис, како се издишува на задното седиште. Беше лето, еден од оние жешки денови кога асфалтот на патот омекнуваше и мирисаше чудно. Немаше климауред во нејзиниот автомобил и се загрижив за Вилис да не умре.
Елизабет застана со колата покрај мене и ја прашав:
- Ќе му биде добро?
- Без галје, - рече Елизабет. - Влегувај, одиме на плажа.
Не планирав да одам на плажа, ниту да го поминам денот со Елизабет, но како што реков, беше жешко. Затоа влегов во колата.
Ама, излезе, дека со право се грижев за Вилис. По кратко возење легна и исповрати на задното седиште.
- Ах, да ти се плукнам, - рече Елизабет.
Ги извлековме надвор и се обидовме да го освежиме. Вилис беше голем њуфаундленд, куче кое го користат на мисии на Северниот Пол и Антарктикот. Го извлековме од колата и го потуривме со вода по главата додека Елизабет го ладеше неговото лице со весник. Додека го правевме ова, мала спортска кола застана до нас и низок човек со очила за сонце излезе.
- Што е проблемот? - праша.
- Доби сончаница, - рече Елизабет.
- Гледам, - рече човекот.
Кутриот Вилис лежеше во гнасотијата покрај патот. Човекот се наведна над него и ја стави раката на вратот од Вилис. Стегаше со прстите како да сака да му го почувствува пулсот., или му ги проверуваше жлездите.
- Јас сум овластен ветеринар, - рече човекот.
- Ааа, - рече Елизабет.
Човекот го заврши прегледот и се врати во автомобилот да ја земе кожената торба, онаква каква носеле старите лекари кога биле повикани да го видат пациентот.
- Имате среќа денес, - ни рече.
Посегна внатре и извади портокалова пластична кутија која беше полна со мали таблети. Извади четири од нив во својата рака.
- Сега ќе му дадам две, - рече. - Другите две дајте му ги по неколку часа.
- Што се тие? - го прашав.
Ветеринарот ги стави на испржуениот јазик на Вилис, а потоа ја држеше муцката на кучето затворена за да ги голтне со сила.
- Тие се против горештините, - одговори ветеринарот.
Другите две и ги подаде на Елизабет, влезе во колата и замина.
Вилис малку покашла, но потоа си седна и изгледаше целосно освечен и весел. Ја исчистивме повраќаницата од седиштето и го вративме пак в кола.
- Е, па, - рече Елизабет, - ајде да одиме на плажа.
Елизабет возеше, а јас ги гледав малите таблети што и ги даде ветеринарот. Беа светло сини, некоја флуроцентна сина што изгледаа како да сјаат, дури и дење.
- Што мислиш дека има внатре? - ја прашав.
- Го слушна човекот, тие се за горештините.
- А, да, - реков.
Плажата беше долга и прекрасна. Сум заборавил колку е убаво на плажа. Имаше лимбести бранови кои се издигаа и кршеа по песокливиот брег. Малите деца се шеткаа со пластичните играчки и со разно-разни предмети на надувување. Излеговме од колата директно на топлото сонце и големиот Вилис истрча веднаш кон водата. Елизабет и јас се шетавме по песокот. Моравме да ги закопуваме нашите стапала со секој чекор бидејќи површината беше многу жешка. На плажата немаше многу луѓе и сите знаеја колку се среќни тука. Можеби сега домовите внатре беа како стаклена градина низ целата земја, но нам, кои бевме покрај океан, ни беше многу пријатно.
Седнавме на ќебето и јадевме некои сендвичи што Елизабет ги беше направила. Потоа отидовме да пливаме со полни стомаци, иако од детство знам дека не е убаво да се плива со полн стомак, но беше убаво. Вилис пливаше околу со нас. Толку беше радосен што излезе вака - од топлата кола на плажа! Да!
Елизабет и јас излеговме од водата и легнавме на ќебето. Заспавме и кога се разбудивме сите што беа на плажата си беа заминале. Вилис шеташе наоколу јадејќи од остатоците храна и отпадокот што го беа оставиле зад себе.
- Види го ова, - рече Елизабет.
- Колку време спиевме? - реков.
- Не знам, - ми рече.
Сонцето веќе заоѓаше. Не беше повеќе жешко.
- Заборавивме да му ги дадеме таблетите на Вилис, - реков.
- Не му требаат повеќе, - рече Елизабет.
Имаше право. Вилис беше добро. Елизабет посегна во нејзината торба и ги најде двете сини таблети. Ги држеше во дланката, а тие сјаеја јасно на пригушеното светло. Со два прста, Елизабет зеде една пилула и ја стави в уста. Ја голтна без вода. Потоа ми ја даде другата мене.
“Океј,” реков, и ја голтнав мојата исто така. Го гледавме заоѓањето на сонцето, кое траеше премногу долго. Потоа се стемни и можев да ги слушнам брановите како се тркалаат на само некој метар од нас.
- Плимата доаѓа, - реков. - Ќе се наводениме.
- Не, нема, - рече Елизабет. - Водата е метри подалеку од нас.
По неколку минути еден бран не направи жива вода.
- Да ти се плукнам, - рече Елизабет. - Да тибам...
Вилис се умилкуваше околу нас, цимолејќи да си одиме дома.
- Не можам да возам сега, - рече Елизабет, - можеш ти?
- Не, - реков. - За жал не, - онаа сина таблета ме замелуши и чудно се чувствував.
- Ќе мора да преспиеме тука вечерва, - рече Елизабет.
- Тоа би било убаво, - реков.
Ги тргнавме нашите влажни работи од брановите и легнавме на нив. Елизабет почна да ме допира по лицето и градите. Ние бевме само пријатели и тоа беше необично. Потоа почнавме да се бакнуваме. Имаше убав, цврст јазик, или само така изгледаше.
- Преправај се дека јас сум сирена, а ти си ме нашол тука на плажава, - рече Елизабет.
Се доближив до неа и ги почувствував нејзините убави цицки. Кожата и имаше вкус на сол. Сета беше наежена од ладното, или беше возбудена. И јас бев возбуден, но потоа помислив, “Кој води љубов со сирени веднаш откако ќе ги најде? Каков идиот би бил тој?” И двајцата бевме изморени и заспавме покриени со песок и парчиња алги.
Се разбудив во рани зори, сам на плажа. Елизабет и Вилис не беа тука, исто и нејзината кола. Седев и гледав во океанот, мирен и опуштен во тие рани утрински часови. Решив да одам да пливам, сам, и влегов во водата. Го сакам вкусот на солената вода и студенилото на океанот по мојата кожа. Среќни сме што во вакви денови го имаме океанот за нас, што можеме да се нурниме во неговиот голем стомак за време на неподносливата жештина на денот.

Превод од англиски: Љупчо Петрески

Комментариев нет: