пятница, 1 февраля 2008 г.

ВОТЕРШПРЕЈТ – АЛЕКСАНДАР ПРОКОПИЕВ

Од вториот кат на Трговскиот, синхроно цупкајќи со петиците, се симнуваат две шизлички, во припиени мини-здолништа и со високи чизми. Газат горделиво и несмасно како млади, полетни, иако се уште не сигурни ждребици, што со копитца парадираат по лизгава тркачка патека. За нив, и зтраста и разделбата се лесни и слатки, па, ако случајно, со лаконски врисок, се спрепнат, веќе во истиот миг, се дочекуваат на цврстото газе, со насмевка што открива исто колку и подигнатото мини-здолниште, и многу и ништо! Сепак, и тие, на свој инстиктивен начин, се приспособуваат кон промените наречени живот. Во тој поглед, татко ми беше неприкосновен. Ми се чинеше, способен да завладее со секаква ситуација, дека ништо не прави залудно. Еднаш, бев се уште во градинка, ме поведе со себе на некој свечен ручек во хотел “Македонија”. На средишната маса (Всушност неколку споени) поканетите, сите возрасни и моќни, сркаа густа телешка чорба од бели порцелански чинии. Келнерите се лизгаа нечујно, вешти потрчковци со преполни послужавници, а јас, во синото морнарско оделце со златни копчиња и и јасниот патец што ја двоеше мазно зачешланата коса, се бутнав под маса. Заедно со девојчето во бело, балско фустанче и со бели панделки што му ги кротеа огнените кадри во две исперчени прцлиња (како детаљноста на минатото станува се побескрајна!), започнувајќи го четвороножниот двоен слалом меѓу нозете, облечени во испеглани, сиви, драп или црни панталони, што наизменично се менуваа со разголени нозе се до колената во светкави најлон чорапи, а кои ги сокриваа табаните во кожни или антилоп салонки со високи топуци.
Така, доползивме со моето безимено авантуристичко другарче до две такви нозе во најлонки, и тоа со црн шав по средината, а, мало чудо – собуени! Чевлите, фини и сјајни (помислувам, можеби биле направени како свечените “италијански” од мека шевро-кожа), беа поттурнати нанапред, а стапалата, со црвено обоени нокти под најлонот полуподигнати на прстите, податно големи и откриени, просто се нудеа на нашата палава возбуда. Девојчето прво го почна она што и самиот го замислив – вешто се спротна меѓу нозете и предните ногарки на столот и… го скокотна левиот табан. За миг, стапалото се вкочани, потоа прстите два-трипати брзо се помрднаа, горе-долу; почекавме да се смират, па со безгласен насмеан договор го повторивме скокоткањето, сега заеднички. Реакцијата беше многу побурна: стапалото се одлепи, речиси скокна од подот, а во нашата незапирлива смеа што ни ги поплави грлата, истовремено се уфрли нервозниот кикот на жената, додека нозете, во неконтролирано мавтање, го шутнаа десниот чевел кон нас. Пискотот на жената, задржувајќи ја висината и шокираноста, се протегна во исфрлање нервозни салви од надразнети зборови што меѓусебно се голтаа. Сето тоа, како во некоја возбудлива партија на recitivo accompagnato, беше веднаш поткрепено од дрдорлив хор сопрани и тенори.
Чифтовите, дотогаш лежерно опуштени или преплетени нозе се повлекоа како по наредба, па се исправија и, со енергично подигање на чаршафот, беа заменети со грозд исклештени, озабени муцки, што какафонично кевкаа на нас. Доминираа пудлестото хистерично лице на жената, која, штом ја зграпчи шутнатата чевличка, како да имаше нескриена намера да ја употреби на самото место, во воспитна цел, и поднадуената, булдог-фаца на нејзиниот придружник, чиј засипнат ‘ржечки бас ја навестуваше сета негова важност и опасност на генерален директор. Девојчето, обидувајќи се да се сокрие, се залепи зад мене. Дланката со која отпозади ми го стисна лактот му беше потна и жешка.
И во себе чувствував слична, астрашувачка празнина на фатен плен пред гонителите, но во сето тоа стаписано исчекување, се протна една непослушна, речиси палава искра на веселост што предавнички се откриваше во грчот на насмевката. Веројатно го очекував сигурниот спас што набргу дојде во разиграниот баритон на татко ми. Со ноншалантна супериорност на Ерол Флин од “Робин Худ”, не извлече од под масата, покровителски не гушна, насолзеното девојче и својот, можеше да се забележи, чудно разнежнет син, и во брилјатно водената каденица, со неколку реченици, ја смири надвиената, заканувачка напнатост во колективна, складна смеа и добродушни потчукнувања по нашите раменици. Уште тогаш, во епизодата на приемот, ме грабна нејасното, но доста пркосно чувство, дека, за разлика од мојот непобедлив машки родител, ќе си го носам, со дури посакуваното маза-мазо задоволство: Пинокио комплексот. Секогаш кога ќе треба да се сместам, да се вдомам, да се справам со успехот, намерно ќе си правам белјички и, нормално, откако носот ќе ми нарасне, на сите тие лошковци пред менеубаво им покажувам дека ништо не ми можат. Во тој поглед, испаднаа безуспешни убедувањата за “синот на татка си” – мене воопшто не ми лежеше таа негова надмоќ во однос на етаблирањето, едноставно, сакав да “грешам”. Од друга страна, како нослето Пинокио, и јас бев сигурен дека големиот заштитник ќе ми помогне во вистинскиот час – предвидливо кога се работи за бајка, но во животот заплеткано, подизлитено и, најчесто, неточно.
Во почетокот бајковната маѓија сепак ме служеше. Основното го минав со петки, безбедно и пристојно. Но, како гимназијалец, кидав од часови – кон кино “Култура” (“Вудсток”, “Блоу ап”, “Амаркорд”) или кон паркот, ретко сам, често со другари, најчесто со девојче, а еднаш со кафез во кој се буткаа преплашени бели глувчиња, што амбициозниот професор по биологија ги набави за своите пулени, идните ценети доктори и хирурзи. Го однесов кафезот длабоко во паркот, до брегот на Вардар, и ги пуштив фрустрираните, експериментални животински на слобода. Си одгегаа, возбудени и збунети, меѓу тревките, а случајот “Бел Стаорец” беше разгледуван на првиот наставнички собир како еклатантен пример на ученичко самоволие. За среќа, Борис Александроф веќе беше име што влијаеше застрашувачки за надобудниот професор по биологија, па се провлеков само со укор.
Но, во случајот “Штрц”, злонамерната порота од тројца во салоосенилени професори и двајца газолижачки асистенти долго ме тормозеше со безброј прашања и потпрашања, што се сведуваа на едно: - Зошто сум го прснал со воден пиштол Дренко М. (инаку еден од Вотершпрејт-комисијата)?
Всушност, се беше толку обично. Пиштолот, од оние црвени пластични, го купив во една од бутките на “Тутун”, водата беше свежа, наполнета од љубезното келнерче во “Рома”. Некој тоа го нарекува умисла, на тој ден, како и секогаш, задоцнив не повеќе од шест-седум минути на вежбите по античка.
– Господинот Александров пак ни пристигнува насреде час – се потсмевнува магистерот Дренко М. Неговата езуитска брадичка, залепена за убавото, румено лице на млад човек навикнат на успех, неколкупати самоубедено се затресе, што веднаш беше поткрепено со неприродно гласната смеа на Јана, Ана и Лена, трите студентки секогаш во првиот ред на слушалната, кои зјапаа во самобендисаниот Дренко со благо телешки поглед.
- Ајде, потсети не, Александров, колку Еврипидови трагедии се зачувани? – не причекувајќи ме ни да седнам, подло ме потпраша расположениот асистент.
Молчев.
- Деветнаесет, Александров, деветнаесет. И една сатирска игра. Имаш некој коментар?
- Би сакал да ви кажам една своја минијатура инспирирана од Хиполит.
- ? – ја подигна актерски убедливо левата веѓа, но јас веќе почнав:
Ноќва сум Хиполит
Артемиден ловец…
- Александров, читајте ги вашите стихотворенија дома, или на улица, но ова е Унивезитет!
Си продолжив:
чист, сигурен во себе,
ѕвездоковец…
- Сега веќе претерувате (здружено “хи-хи-хи” на трите см’кли)! Ама запри, човеку! Па ова е бурлеска!
- Бурлеска? - запрашав најневино.
И така, се случи. Го наполнив пиштолчето да ја штрцнам Јана, или Ана, или Лена, ама веќе не можев да издржам. Го погодив точно под левата извештачена Веѓа.
- Атентат!! – се развика.
- Помош!! – се распискаа трите обожавателки.
Потоа, беше испитувањето. Закана со исклучување и слични трици. На крај, судејќи по се, поради тајната интервенција на Борис Великиот, случајот “Штрц” стивна без последици. Лаконскиот коментар на татко ми, еден фројдистичко настроен психијатар би го согледал предупредувачки: “Quo usque tandem”. Но, јас веќе одев контра трпението на авторитетот. Си ја одбрав, спонтано и со веселост, својата животна улога.

Комментариев нет: