пятница, 1 февраля 2008 г.

НАЈДРАГОЦЕНИОТ ПЛОД – МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Си бил еден татко којшто си имал три сина. Еден ден ги викнал тројцата синови и им рекол:
- Чеда мои, сега сте пораснати и треба да појдете во светот за да појдете во светот за да научите да живеете… Обидете се да го пронајдете најдрагоцениот плод. Тој што ќе ми донесе таков плод најмногу ќе ме зарадува.
Тројцата браќа се подготвиле и заминале на пат, секој на своја страна. По три години се вратиле дома. Откако се поздравиле, таткото му се обратил на најстариот:
- Сега, кажи ми, сине, дали го најде најдрагоцениот плод?
Синот отворил една кутија, извадил некоја овошка што ја донесол оддалеку и рекол:
- Еве, татко, ова е најдрагоцениот и најубавиот плод што успеав да го најдам таму кај што бев. Земи го!
- Добро, добро, -рекол таткото. –Си ми донел слатко овошје што не вирее кај нас… А што донесе ти? –го прашал средниот син.
- Јас донесов исто, татко, - рекол тој и пред татка си оставил плод од една друга многу слатка овошка што ја немало во нивниот крај.
- И ти добро си сторил, сине.
Потоа му се обратил на најмалиот син:
- А, ти, сине, што донесе? Те гледам со празни раце.
- Навистина, татко, јас се вратив со празни раце. Парите што ми ги даде ги потрошив на поинакви плодови. Јас се запишав во едно училиште и учев три години. Плодовите што ги собрав таму се наоѓаат во моето срце и во мојата глава. Мислам, драги татко, дека и тие плодови се драгоцени.
Кога ги чул тие зборови, таткото се израдувал и рекол:
- Ти, сине, навистина ми го донесе најдрагоцениот плод. Радоста што ја чувствувам заради тоа е голема, зашто за секој човек најдрагоцен плод е знаењето.

Комментариев нет: