вторник, 5 февраля 2008 г.

ПАЛИНДРОМ ВО АНТИСВЕТОТ - МИХАИЛ ПУХОВ

Постои хипотеза дека во антисветот, доколку тој постои, времето тече наназад. Затоа оваа минијатура, посветена ма летот на космонаутите во таква област на вселената, е напишана во палиндром - се чита и од почеток и од крајот. Секоја литературна творба е поток на информации, времето и информацијата се поврзани, и кога времето го менува знакот, текстот се појавува како во огледало, при што центарот на симетријата (зборовите “Удар. Уште еден удар”) му соодветствуваат на моментот на влегување во антисветот. Но, животот продолжува и втората половина на расказот не е едноставно превртено повторување на првиот дел, ами некаков развој на сижето.

Вселенскиот брод го јаде пространството. Забрзува. Забрзува. Се забрзува времето. Темнина. Наоколу - ѕвезди на галаксијата. Земјата е далеку одзади.
Капетанот тивко вели:
- Стасавме.
Вселенскиот брод е опкружен со сенки без форма. Напред соѕвездието е затскриено од обвивка, црна, како непродорен мрак. Навигаторот не одговара.
- Тука се. Сите десет бродови се урнале или исчезнале тука, - шепотејќи вели капетанот.
Ноќ. Пред вселенскиот брод е прозорецот во антисветот. Однекаде се појавува сјаење, темна светлина, блесок и молк на сондите и анализаторите. Темен екран. Темнина.
- Порано мислевме дека не може да се мине границата, - со потврда вели капетанот. Навигаторот одговара:
- Теоретичарите претпоставуваат нешто поинакво. Некои го докажаа тоа. Претставете си: ја минуваме бариерата. Така и ќе биде. Темнината ќе ја озари експлозија со голема сила. Магнетните и гравитационите полиња ќе се урнат и ќе се искриват. Тоа ќе се случи скоро, не треба многу да се чека. Антиматеријата, што го уништува времето, ќе го направи поинаков знак.
- Да испратиме радиосонда?
- Беспилотна сонда? Зошто? За луѓето не е опасно да се мине. - размислува на глас навигаторот. - Смртта е запирање. Движењето е живот. Нека не чекаат студ и мрак и темна темнина и ништо.
Напред е бариерата на антивремето, огледалото на антисветот, границата на вселената. Одзади е темнината.
- Можеме да пуштиме автоматска ракета. Зошто да одиме сами? - вели потоа капетанот. Малку замолче и призна: - Многу се плашам од одразот.
- Сега нема да успееме да закочиме, - остро вели навигаторот. - Напред!
И бродот се движи напред. Но, одважните ги чека нејасно и таинствено пространство, каде времето се движи наназад.
Минуваат часови, минути, секунди. Лицата се покриени со пот. Пултовите се облеани со светлина. Се се успорува. Уште една минута. Долго тресење. Удар. Уште еден удар.
Тресење.
Долгата минута продолжува. Се успорува. Сите пултови се облиени со светлина. Лицата се покриени со пот. Минуваат секунди, минути часови…
Времето се движи наназад. Каде е пространството? Таинственото и нејасното ги чека одважните. Но, бродот се движи понатаму - напред и напред.
Навигаторот остро вели:
- Да закочиме? Сега ќе успееме.
- Не ние - одразите. Се плашам. Многу, - признава, откако малку помолче капетанот. Потоа вели: - Сами да одиме. Зошто? Да пуштиме ракета, автоматска.
Темнина. Одзади - галаксијата на вселената, границата на антисветот, огледало на антивремето, бариера. Напред - ништо и темна темнина.
- И мрак и студ не чекаат. Ако. Смелите летаат понатаму. Не постои запирање без движење, и смрт без живот. Животот е движење. Запирањето е смрт, - гласно размислува навигаторот.. - Преминот не е опасен за луѓето. Зошто сонда?
- Беспилотна сонда? Да им пратиме знак на другите.
- Ќе го направи времето, уништувајќи ја антиматеријата. Треба многу да се чека - нема мошне бргу да се случи. Ќе се искриват и ќе се урнат полињата, гравитационите и магнетните сили. Голема експлозија ќе ја озари темнината. Така и ќе биде. Ја минуваме бариерата. Ние, претставете си, го докажавме тоа. Некои теоретичари претпоставуваа нешто поинакви, - одговара навигаторот.
Со потврда вели капетанот:
- Не е можно да се мине границата - ете што мислевме порано.
Темнина. Екраните се темни - се гасат и стануваат црни. Тивко е. Не светкаат ѕвезди, ами вакумот на празнината, куп густа материја. Сите индикатори светкаат.
Навигаторот вели:
- Ова е крај.
Долго молчат анализаторите и сондите, Молк. И - блесок. Светлина, темно сјаење. Се провлекува, од некаде се промолкнува антисветот во огледалото на вселенскиот брод. Напред - ноќ.
Капетанот вели со шепот:
- Тука се изгубиле или се урнале бродови десет. Сите се тука.
Но, не одговара навигаторот. Мрак, непродорен, како црна покривка, го затскрива соѕвездието напред. Форми без сенка го окружуваат вселенскиот брод.
- Стасавме, - тивко вели капетанот.
Назад - далеку - Земјата, галаксијата, ѕвездите. Околу - темнина. Времето забрзува, забрзува, забрзува.
Пространството го јаде вселенскиот брод.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: