пятница, 1 февраля 2008 г.

СТАРОСТ – ГЕНРИХ ВЕНЈАМИНОВИЧ САПГИР

На ѕидот во рамки. Пред прозорецот на есенскиот сметен двор. Се провлекува дури и во обликот на куќата. Старечка уредна бедотија.
Кафеаво кадифе на кружната маса. Црвен шкаф. До собата бела врата, ходник. Нема соседи. Се чувствува некакво очекување. “Смртта ја чека”.
Јас и жена ми и го донесовме на нашата стара роднина малечкиот јапонски телевизор од нашата кујна, и го подаривме. Но, нема каде да го ставиме. На големиот “Рекорд”* ли, од времето на дедо Ное, кој покажува само темни сенки? Го покрила него домаќинката со миле со украински шари. Тука го ставив, на бело.
Ги наместив програмите и во оваа тесна и немлива просторија видов дека тоа е светол и јасен екран. Убава слика има. Некаква неприродна, нелогична слика. И телевизор на телевизор, како матрјошка**, како на сон.
Пиев чај од шоља со слика на главниот павилјон на Ве–Де–Ен–Ха*** со син отисок настрана. На салфетката – чинија, на чинијата – пита со јаболка посипана со шеќер во прав. Каде е жена ми? Мојата жена? Навистина?
Чесен збор, со нашиуот телевизор се случува нешто во оваа просторија. Боите избледеа, сега сосема ги снема од екранот.
Слично на нејзините сиви прецветани очи. Бела врата, пуст ходник – тоа е болница. Еве, и болничарот ѕирна. Боже мој! Оттука не пуштаат. “Извинете! Јас сум на гости! Немате право тоа да го правите!”
Болничарот ме погледна со оловни очи и ја затвори вратата однадвор. Седи кадрици, дури и главата не ја заврте.
Господи! Двајцата го гледаме заборавениот “Син оган”: таму на маса седат мажи во груби костуми и жени во муслин и кадифе. Слика од 50–тите години.

* марка телевизори
** традиционална дрвена руска кукла во која се сместени помали кукли
*** изложба на достигнувањата на народното стопанство (музеј)

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: