вторник, 5 февраля 2008 г.

ТРИ МИГА - НИКОЛАЈ ПЛАТОНОВИЧ ОГАРЕВ

Трилогија на мојот живот (посветено на љубовта и дружбата)

1

Сонцето заоѓаше на запад и со проштални зраци се капеше во водите на величествено-спокојната река. А таа, извиена како потковица, сотаен ропот минуваше покрај подножјето на стрмниот висок брег. А, на другата страна во далечината се протегаше огромниот град, и куполите на неговите храмови светеа во огнениот отблесок на вечерното сонце.
На високиот брег стоеја две момчиња. И двајцата беа во мугрите на своите животи, гледаа на денот што умира и веруваа во неговото идно раѓање. И двајцата, пророци на иднината, гледаа како се гаси светлината на денот што изминува и веруваа дека земјата нема долго да остане во темнина. И сознанието како електрична искра трпна во нивните души и нивните срца почнаа да бијат со иста сила. Тие се фрлија еден на друг в прегратка и рекоа: “Одиме заедно! Одиме заедно!”. Тој миг ангелите го запишаа на небото и тој радосно откликна во големата душа на светот.
Но, судбината ги раздели момчињата и ги однесе во далечни страни. Но, тој миг во нивните души растеше свето до бесконечност.

2

Во салата осветена со огнови, се туркаа луѓе и мислеа - треба да се веселиме. И во шумниот говор одѕвонуваше бездушното слово, и тажна мисла се изливаше во многусложните зборови. Се слушаше музика, и во таинствените звуци, зборувајќи за небесното, се одделуваше силно од празните извици на децата на правта и тлеењето.
Далеку од толпата седа девојка и момче. Нивните погледи со љубов тонеа во погледот на секој од нив. Тие зборуваа за светот небесен, за тој свет иден. И сознанието на длабока симпатија како електрична искра трпна во нивните души и нивните срца почнаа да бијат со иста сила. И во ист миг од нивните усти излегоа зборовите: те сакам! Тој миг ангелите го запишаа на небото и тој радосно откликна во големата душа на светот.
Луѓето со кикот ја гледаа двојката, благословена со љубов.
Но, девојката и момчето се фрлија во прегратка - и тој миг, кога кажаа: те сакам! - свето растеше во нивните души до бесконечност.

3.

Но, таа судбина, Божја судбина, што ги раздвои момчињата на далечни страни, повторно ги соедини. И секој од нив имаше љубена девојка, секој дојде со убавица.
Тогаш пред распетието, пред Бога, за љубов на настраданите, сите четворица паднаа на колена, занесно се молеа со благодарност во срцето, а солзите се лијеа по нивните образи. И потоа, во сознанието на високата љубов, сите четворица се фрлија в прегратка и со духот се слејаа во едно прекрасно чувство. Тој миг ангелите го запишаа на небото и тој радосно откликна во големата душа на светот.
И одново судбината ги раздвои момчињата, но секој си остана со својата девојка. И во четирите души тој миг свето растеше до бесконечност.
1839
Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: