пятница, 1 февраля 2008 г.

МАЖОТ И ЖЕНАТА – РУСКА НАРОДНА СКАЗНА

Си биле маж и жена. Жената била толку тврдоглава, Бог да чува. Ќе и кажел мажот нешто да направи, а таа ќе му одговорела: „Како да не”, и ќе направела обратно.
И така си оделе еднаш по патот, па мажот и рекол:
- Надесно има бездна, оди лево, оти ќе паднеш!
- Е, како да не!
И така си тргнала таа да оди по самиот крај. Одеднаш земјата под нејзините нозе почнала да се рони и таа паднала во бездната. Постојал така маж и, потажил и заминал дома.
Следниот ден на полноќ некој зачукал на вратата.
- Кој е? Што ви треба?
Ја открил мажот вратата и гледа - стои пред него ѓавол со рогови и опашка и го прашува:
- Твојата жена вчера падна во бездна?
- Мојата. Зошто?
- Како зошто? Та, кај нас дојде! И сега немаме мир! Земи си ја назад!
Се израдувал мажот што жена му е жива, но не сакал да го покаже тоа пред ѓаволот:
- А, не! Се мачев јас со неа десет години, сега вие мачете се, а јас ќе се одморам.
Ѓаволот, пак, почнал да го моли:
- Земи си ја назад, те молам! Ќе ти дадеме вреќа злато.
- Нема да ме прелажеш?
- Нема! - рекол ѓаволот и исчезнал, небаре земјата го проголтала.
Излегол мажот на капијата, погледнал и ете ти ја жена му дома си иде, жива здрава, како ништо да не било.
А, следното утро зад вратата нашле вреќа злато. Ех, се исплашил ѓаволот да ги прелаже!

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: