пятница, 1 февраля 2008 г.

САМОВИЛСКОТО КОЊЧЕ - МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПРИКАЗНА

Петко лајчаро во лете работеше в планина и праеше лајци, а во зиме ги продааше и си живееше. На Петка Господ му даде десет синои на ред, во неколку години. Коа му се родило десеттото дете, си дошол Петко од планина дома и влегол в куќи.
Во истото време, сите деца беа се покуткале да спијат, чунки било по вечера. Откоа рекол добро вечер на жената си, сторил да седни на една перница, што била крај огниште, и му свикала жената му:
- Немој, домаќине, на детето да седниш, како на перница.
Коа чул Петко тој збор од жената ои, се истаил од детето и отишол на друга перница да седни, арно ама и тамо било дете. Отишол потамо Петко и тамо спиело дете. Аслиќелам, немало место кај да седни Петко. Коа видел Петко оти нема место за него да седни, си зел очите в раце и си отишол в планина, за тамо да си живеит, со ниет уште еднаш дома да не се врати.
Кога виде Петкоица оти Петко не се врати, ги натера децата да си бараат работа и ранат куќа. Најмалиот син од Петко бил најит'р и тој фатил да ги наставуат браќа си на работа. Со прво се главија браќата, не со пари, ами со по една кошара, да си имаат секој по една куќа. Првата година спечалиле по една куќа. Втората се главија за по една нива, да му дават кај што работат и на годината се сторија со десет нивј. Треќата година се главија за овци, кози, крави, волови, коњи и кобили. Сите најдоа место и се изглавија, само најмалиот не можел да најди место да се глави. Бре, вамо удри, бре тамо, не можи да најди, битти даваси! Откоа виде оти не можи да најди мајстор да се глави, тргнал да оди во некој друг град да се глави. Одејќи низ една планина, еве ти еден старец кај паси едно ергеле коњи и кобили.
- Помози Бог, дедо - му рекло момчето, - здрао-жио!
- Дал ти Бог добро, момче, - му рекол стариот, - здрао-живо сум. Ами ти, како си? Ако дај господ, каде вака си тргнал?
- Ќе барам некоја работа, дедо - му рекло, - да се главам при некој чорбаџија.
- Лели си се главуал, момче - му рекол ста-рио, - глави се при мене, да ми го пасиш ергелево и што е мунасип ќе ми ти платам.
Примало момчето и и пасило коњите целата година. На годината посакало да ои оди. При се што го сакаше старио да седи, момчето не седело. Кога виде старио оти не седи, изваи пари да му плаќа, арно ама момчето пари неќело, ама едан коњ сакало.
- Земи си, момче, коњ кого ќе го бендисаш - му рекол старио, - со се срце ти го давам!
- Нема јас сам да си земам, дедо - му рекло момчето, - дури не ми даиш ти со твојата рака.
Коа виде старио оти неќело да си земе момчето коњ, му дал старио еден огламник и му рекол да го фрли огламникот над коњите, та кој коњ ќе му падни, тој да си го земе. Зело момчето огламнико и го фрлило над коњите, та се најамчило едно коњче жудао. Кога виде момчето оти такво коњче му се фати со огламнико, собра веѓите. Виде старио оти не му било ќеот на момчето за тоа коњче, го натерал втори пат да го фрли огламнико, да си фати друг. Фрлило момчето втори пат, пак тоа коњче го фати огламнико.
- Фрли уште еднаш, бре момче - му рекол старио, - да белким некој друг коњ ќе фатиш.
Фрлило момчето треќи пат огламнико, малку настрана од жудаото коњче. Арно, ама огламнико како да го фатил некој со рака и му го наврел на жудаото коњче. На трет пат веќе момчето се засрами и си го зеде. Си го поведе по себе коњчето и си тргна за дома.
- Момче, момче - му прогоорило коњчето, - јавни ме и биди весел, оти јас сум коња самовила; ти со мене голема слава ќе добиеш и дури цар ќе се сториш, ама јас па голема мака ќе видам. При сите маки што ќе вадам, јас тебе верен ќе ти бидам.
Коа ги чуло тие зборои момчето од коњчето, се разрадуало и го јавнало. Едно вјавнало и коњчето летнало и веднаш дома се нашло. Кога и виде браќа си, сите беа спечалиле кој овци, кој кози, кој крави, кој волои, кој коњи и кобили. Беше исполниле куќата со сите убавиње. При се што коња самовила донесе помалио брат, пак му дојде како срам, дека само еден коњ донесе и тој не навидум, ами едно жудао коњче.
- Е, бре, браќа - му рекол помалио брат, - сега веќе ние се сторивме совршени домаќини и требно е да се жениме. Арно, ама јас велам да бараме десет сестри да си земиме, за да не ни се расипи куќата, ако би земале од секакви куќи невести. А пак пред да бараме невести, прао ет да го побараме татко ни и да го најдиме, за блаослов да земиме, да после да се жениме.
Сите браќа тоа нешто го удобриа и тргааа да планиње да го бараат татка си. Шетајќи по планиње, нашле на едно место една колиба празна и беа преесапиле за во таа колиба да седи татко му. Издумале еден мармфет, за како да го фатат татка си, ако е див нешто сторен. Марифетот бил: напраиле еден скорен да влезат во него две нозе човечки и го клале во колибата, а пак тие се искриле околу колибата да го чекаат татка си, али некој друг овчар можи да се прашаат за Петка лајчаро кај се наоѓа. Таман се смрачи втасал татко му отнекаде и си влегол во колибата да си лежи. Кога гледа еден скорен, голем, колку за две нозе да влезат во него. Го зел в раце Петко лајчаро, полојна подивен и си ја пикнал едната нога во него. Гледат, многу голем му дошол и си ја пикнал и другата нога. Видуајќи синои му тоа нешто, на часот беа се стрчале кај Петка и беа го фатиле. Поголемите синови на Петка го познале и го молеле да не се дави толку, оти тие му се негоите синои. Одааде, оданаде, одвај беа го скротиле и си го однесле дома.
- И ова, браќа, го свршивме - му рекол помаилиот, - Ајте сега да ојме да бараме невести, та да се ожениме.
Тргнале да одат по села, по градои, да бараат десет сестри за нввести. Врвејќи на едно место, нашле една стара жена кај ора со два коња. Помози бог му рекле на жената браќата, и поседнале под една сенка да се одморат малце. Запрела орањето старата и дошла кај нив да се конуштиса. Ош-беш сторила со нив и ги прашала од кај се и кај одат.
- Ние, бабо, - је рекле, - сме десет браќа и одиме да бараме десет сестри за да ни бидат невести, и да ни се крепи куќата. Ете, тоа бараме, бабо, и ако знаиш негде да имаат десет сестри - елбете, како стар човек што си, може да знаиш - кажи ни да ојме да си земиме. Со тоа нешто, бабо, големо добро ќе ни сториш и како наместо мајка ќе те имаме.
- Мак ќе ве опали, кучиња едни - си рекла со умот старата, - само ако ве внесам дома, да ќе ви ги окосам глаите. - Тамам, синковци - му рекла, - асли и јас тоа барам: десет браќа за да му ги даам моите десет сестри што ги имам! Заповедајте, синковци, у мене дома вечерва на гости и утре, дај боже здравје, сте со најубави невести. Ете к’смето ваш и мој кај лежел!
Со голема радост станаа десет браќа и је ошле кај старата. Едно влегле во дворот и истрчале сите десет сестри да ги пречекаат десетте браќа. Сите усмевнати, сите променети, која од која полична и покрасна. Голем ќеф имал помалио брат, кога ја виде десетата ќерка од старата.
- За голема пофала ќе бидам јас - си велел со умот помалио брат, - кога ќе и однесам дома десетве сестри, што ќе бидат за нас невести. Од сите девет браќа јас сум за повеќе фалење, чунки јас ги научив да дојдиме до оваа скала. Ако останеше да не учеше татко, и ние ќе си бевме синови на Петка лајчаро и тукуречи и ние лајци ќе си правевме.
Сите весели и радосни биле браќата, само коњчето од помалио брат не било весело и радосно. Откоа ги пречекале старата и десетте и ќерки и повеле в куќи, а помалио брат повел коњчето да го врзи в аар, го прашал:
- Зашто, мило мое коњче - му рекло момчето, - не си ми ти весело, како што сум јас? Дали не ти е ќеот нешто дека ќе се женам јас и браќа ми, дали што? Ти се молам, мило мое коњче, кажи ми!
- Без да ме молиш, стопанине - му рекло коњчето, - ќе ти кажам пгго не сум весело. Не сум весело, оти паднавте во рацете на проклетава стара. Оваа стара, мило мое момче, не е жена, ами проклетница чума, а ќерките се чумчиња. И таја мислит вечерва сите да ве погубит. Ете затоа, стопанине, не сум весело.
- Ами, чаре, бре, мило мое коњче - му рекло момчето уплашено, - како да се бара?
- Еве какво чаре ќе праиш, стопанине - му рекло коњчето. Вечер ќе си легните еден до други по ред и десет ќерки од чумата ќе легнат и тие до вас со ред, за да ве подлажат, ѓоа ќе ве земат. А пак чумата ќе лежит во една друга одаја. Тамам на прва полноќ, чумата ќе излезит со една остра коса, како брич наточена и ќе ви ги исече на сите глаите. Арно, ама ти да не спиеш и пред да дојди таа да му ги изваиш фесоите на браќа ти од глаите и да му ги клаиш на глаите од ќерки на чумата, а пак шамиите од ќерки и да му ги клаиш на глаите од браќата ти, за кога ќе дојди ноќта чумата, да ви сечи глаите, да ги вади фесоите и по нив да се излажит и да си ги загубит ќерки си. Штом видиш ти тоа непгш сторено, разбуди ги браќа ти и дај му пат на онаа страна, а пак ти дојди при мене, да бегаме еден саат понадред, оти чумата има брза коња - една метла што си мети куќата, ќе ја јавни и ќе не фтаса, та ќе не погуби.
Сите тие зборови ги клало момчето во умо и вечерта не спало близу до полноќ. Откоа заспале сите, му променило фесоите од браќа му по ќерките од чумата и му зело шамиите од ќерки на чумата, та му ги врзало на браќа си и една на себеси. На права полноќ му станала чумата да ги погубит и погледала по фесоите кајшто беа тамо и сторила десетте браќа. Тргнување со острата коса и му ги пререзала глаите на ќерки си, како некои краставици. - „На ви вам невести - си рекла сама со себе, - проклети десет браќа, да си земите со црвено околу вратот!“ - Така рекла и си влегла во одајата кај што си спиела.
Рипнал помалио брат и ги скорнал браќа си, та му расправил сета работа и ги испуштил да бегаат. Кога виделе деветте браќа тоа нешто, многу се уплашиле и трештиле да бегаат таа страна кај што му кажал помалио брат, а тој отишол при коњчето и му кажало тоа што се сторило.
- Јавни ме да бегаме - му рекло коњчето, - стопанине, оти ако постоиме ќе погинеме од проклетата чума.
Му се фрлило момчето на коњчето на рамена и трештило да бега. По малце време се разбудила чумата и влегла во одајата да ги скорнит ќерки си и да им се пофалит оти ги погубила. Кога гледа сите ќерки погубени: - „Ах, проклети десет браќа, дали ова ми го сторивте мене, чекај сега да видите, што ќе ви сторам! Метло мори, кај си - дала вик по неа, - ела да те вјавнам, оти десетте браќа ми ги заклаа десетте ќерки!“
Дошла метла коња од баба чума и је се качила и летнала по трагата, по коњчето самовилско. Овде да го втаса, онде, и тукуречи ќе го втасала ако не беше таму близу синорот (меѓа, граница) од чумата до кај што повелала. Штом го заминало коњчето синорот и застанало да се почини малце.
- Ах, проклето момче - му рекла, ако стапи нога твоја во синоро мој, парче по парче ќе те напраам, колку мрава што носи!
- Еднаш нема да стапи нога моја, проклета чумо, ами уште трипати ќе стапи, вака да знаиш! - вака му рече коњчето на момчето да речи на чумата и си тргна да си патуаат за дома. Одејќи по пато момчето, видело на патот една коњска плоча, сета од бесценет камен, светела од сонцето поеќе. Слезе од коњо момчето и ја зеде плочата.
- Што зеде од земи, момче - го прашало коњчето, - што најде?
- Еве што најдов, коњче - му рекло момчето, - една коњска плоча од најубаите на веков!
И му ја показало плочата на коњчето.
- Арно ја најде, стопанине, оваа плоча - му рекло коњчето, - чес и слава ќе бидит за тебе, труд и мака за мене. Нејсе, клај си ја в пазуа и да си одиме.
Поодија уште малку. Виде момчето едно перо позлаќено, со бесценети камење низано. Слезе од коњ и него го зеде.
- Што најде, момче - го праша коњчето, - што зеде од земи?
- Еве ова перо го најдов - му рекло момчето, - мило мое коњче.
- Арно го најде, момче, и го зеде. За тебе чес и слава ќе ти биди, а за мене труд и мака ќе ми биди. Нејсе, ај земи го и тргај да си одиме.
Се качило на коњ момчето и си тргнало да си патуа. Оп! - потамо, видело една плетенка од некоја коса девојчинска, светела како некое сонце. Видувајќи ја косата, момчето слегло од коњ и си ја зело.
- Што најде, момче? - го прашало коњчето.
- Еве едно колце девојчинско најдов, коњче мое.
- Чес и слава, момче, за тебе, труд и мака за мене! Нејсе, земи го и да патуваме.
Си ја зеде и косата момчето и му се вкачи на коњчето, та си тргнало патем. Одејќи по тој пат, излегле во царскиот град и кондисале на некој ан.
Излегло момчето низ чаршиа, па да се главит и да спечалит некоа пара.. Шетајќи од дуќан на дуќан, прашал тебе-мене и погодил еден царски човек, та тој му наоѓал една работа: при царо да биде сеиз (коњушар) на еден улав коњ, што го имал царо затворен во еден аар. Колку пари ќе сакат, толку ќе му даел царот. А пак ако го отепа коњо, да нема никој да го бара. Коа чуло тие зборои момчето од царскио чоек ги клало во умо и ошло кај коњчето, та му кажало оти царо сакал еден човек да му гледа улав коњ. Пари давал царо дојунџе, само да му се гледа коњо.
- Е, што велиш на ова згора - му рекло момчето на коњчето, - да одам да се пазарам?
- Оди, стопанине, и пазари се, ама и мене да ме имаш при тебе, оти ако си оам ќе те убие коњо, како што убил мнозина.
Откоа му го зеде зборо момчето од коњчето, отишло кај царо и се пазарило да го гледа царскио коњ. Си го однесло и коњчето тамо.
Едно влегле во коњушницата при улавио коњ и му свртил чифте
клоци да клоцат, да не го остаит да се прибери до него и да клај рака на него.
- Ја остај се, стопанине - му рекло коњчето - да не те убие овој улав коњ, дури да му го донесам јас умо, да после прибери се и што сакаш прај му.
Се истаи момчето од ааро скраја и туку му влегло коњчето близу до коњо и веднаш му сврте клоците да клоца. На часо и коњчето му и сврте клоците и виштејќи му легна да го бие по слабиње. Кога го реди, кога го реди, го направи пифтија, Кога го изеде тој ќотек коњо, што никој пат не беше го видел, беше се стресол како прат и се скротил како јагне.
- Ај сега, стопанине, - му рекло на момчето, - влези и прај му што ќе му правиш, та ако има гас, нека крени нога!
Влегло момчето при коњо и едно посигна да го фати за огламник, отвори уста да го касни. Коњчето тука бидејќи, кога виде оти сакаше да го касни стопана му, му свртело клоците и му рекло: - „Али уште, бре пес, не ти дојде умот? Ја истај се, бре стопанине, оттука, за умо да му го донесам! - Тоа рече и му легна со клоците по глаа. Како му удира чифтиња, како му удира, дури го напраи да падни на коленици и да му се моли. Тогај коњчето му рекло на момчето да пријди до коњо и да го исчеша, да му орини под него и да го однеси на чешма, да го напие вода. Кога виде тоа нешто царо, на големо чудо стана, за како му дојде од ало момчето на коњо, та го скроти. Вечерта, бидејќи не се вадело во коњушницата, му рекло коњчето на момчето, да ја изваи плочата коњска, што ја најде на пато и да ја клаи на полица да му свети, да не бидит во темница. Ја изваило момчето плочата и ја клало на полица. Кога светнала како некое сонце. Во тоа време беше дошол царо да види што праи момчето со коњо, и ја видел плочата што светела. Го извикал царо
момчето надвор и му ја посакал плочата да ја види. Откоа ја видел плочата, царо се учудил на убаината незина и го натерал да го бара коњо на таа плоча, та да му го донеси. Ако не му го донесит, со глаата ќе одева.
- Еј, мило мое коњче - му рекло момчето, - ами сега како ќе праиме?
- Е-е, јас ти кажав, стопанине, уште коа ја најде плочата ти, оти тебе слава а мене мака. Нејсе, сега вјавни ме и да је ојме кај чумата, чунки таму е тој коњ од плочата.
Му се вкачило момчето на коњчето и одлетале кај чумата таман во зорка. Влегле при чумата, таман во спиењето кзога била.
- Влегуј сега, момче, в аар и одврзи коњо, ама уздата да не ја земиш, оти ако ја фатиш со рака, ќе је тропни над глаата од чумата и веднаш ќе се разбуди, та ќе не расипи.
Влетуање во коњушницата и го одврзало коњо. Кога ја виде уздата, срцето го фати од што била убаа. Без да се уплаши, ја зеде и излезе надвор. Кога виде коњчето оти и уздата беше ја зело момчето, баеѓи беше се уплашило: - Леле, бре стопанине, што се излага да ја земиш уздата, сега ќе се разбуди кучка чума и ќе не погуби. Брго вјавни ме, та белки ќе куртулисаме!
Вјавнало момчето и трештиле да бегаат со се коњо од чумата. Дури да види што се стори чумата, дури да вјавни метлата, беа откачиле баеѓи место. Се пуштила чумата по нив и едно и привтасала, изминале синоро и куртулисале.
- Ах, проклето момче, ако ми дојдиш уште еднаш, ќе видиш ти што ќе те најди!
- Речи му, уште еднаш не идам - му рекло коњчето на момчето, - ами уште двапати ќе дојдам.
- Еднаш нема да дојдам - му рекло момчето на баба чума, - бабо чумо, ами уште двапати ќе дојдам.
Така му рекло момчето и си ошло кај царо со коњо. Коа го виде царо коњо голем ќеф сторил. Вечерта, бидејќи темница во коњушницата било, го клало перото што беше го нашло на патот, да му свети. Ноќта беше отишол царо да види што праи момчето. Коа гледа: на полица перо кај свети како сонце. Му го зел царо и го натерал да му ја донеси пајката со позлаќените пердуи. И пајката била у чумата. Ошло момчето кај чумата и му ја зело пајката како што му го зеде и коњо. Му ја донесе и пајката на царо. Вечерта беше ја клало позлаќената плетенка на полица да му свети наместо борина. Пак царо дошол и ја видел косата на полица кај свети поеќе од сонце. Му ја зел косата царот и го натерал да ја бара таа девојка што ја носила.
- Ами сега, коњче - му рекло момчето, - кај ќе ја бараме девојката, што ја имала косата?
- Е, виде, кога ти велев јас - му рекло коњчето, - оти за тебе слава и чес за плочата, перото и косата. Нејсе, ајде вјавни ме да одиме у чумата дури е брго, чунки у неа е врзана таа девојка со триста синџири. Слушај вамо, стопанине, коа ќе влезиш во одајата кај што е врзана таа девојка, многу пополека да ја одврзуаш, за да не те чуе чумата.
Пошле у чумата таман во темни зори. Влегло момчето во одајата кај што била врзана момата и ја одврзало од тристата синџири. Грабнуање и трештил да бега за кај коњо да се вкачат и да бегаат. За пакост едно синџирче не било одврзано и је стропало на чумата кај што спиела. Едно чула тропотницата и рипнала да види што е и што не е. Кога видела оти девојката му ја зеле, на ум стана. Се стрчала по метлата и одвај ја нашла од што шашардисала. Еле, ја нашла и ја вјавнала. Од лутина што се налутила чумата, по друг пат тргнала да трча да ги втаса момчето и момата. Трча што трча до негде и виде оти по тој пат не се. Се вратила назад и му се пуштила по тој пат. Бре овде да ги втаса, бре онде, еле одвај беа се исчепиле од незината граница и застанале да се одморат. Не би час, втасала чумата на синоро и фатила да се срди, и да колни, и да чкрта со забите.
- Ах, проклето момче - му рекла, - ако ми дојдиш уште еднаш, парче по парче ќе те напраам, гиди копилче едно, гиди! Ти ова мене што ми го стори, никој досега не беше ми го сторил. Целата земја сум ја прошетала, полојна народ сум истепала и од никого вакво лошо не сум патила.
- Ако ме видиш уште еднаш, бабо чумо, да ме пишиш! Толку ми беше маката мене, колку да избијам ќерки ти и да ти земам стоката и да ти ја отмам оваа убава девојка да ми биди мене убава невеста.
Кога и чу чумата овие остри зборои од момчето, од голема мака што је дојде, сама од себе ќе се изееше и најпосле пукна, како костен во пуза, со ниет да удри една смрдеа и од таа смрдеа да го отруе момчето, коњчето и девојчето. Арно, ама коњчето, самовилско бидејќи беше, веднаш беше летнало и многу далеку отишло, та куртулисале од смрдеата на чумата и не умреле. Отишле цри царо и му ја однесле убаата девојка со косите од џеваири и бесценети камење, а забите сите од бели чисти бисери.
Кога ја виде царо таја убаа девојка, срце го фати и веднаш курдиса свадба да праит, та да ја земит за невеста. Кога виде девојката оти царо ќе ја зема за невеста, недраго падна, чунки таа си го сакаше момчето, што ја куртулиса. За да не можи царо да ја земи, таа се смрамори на местото. Кога виде царо, се вчудоввде и брго го викна момчето да му бара крајо. Ја моли, ја коли момчето, некако да ја кандиса да се отстори од мермер пак на чоек, никако не можело да ја кандиса. Коа виде царо оти на тој час не можело да ја кандиса, го остаи момчето само да ја кандисува и тој ошол во другата одаја.
- Слушај, мило момче мое, арно ти ме кандисуаш да се одмермерам, ама јас царо го нејќум за маж да ми биди; јас тебе те сакам и другога не е чаре да земам, чунки ти си што ме куртулиса од триста синџири од чумата. Слушај вамо, мило момче, како ќе напраиме за царо да го сотриме и двата да се земиме, и ние да царуаме. Јас ќе посакам од девет диви кобили млеко да ми донесит царот, и во тоа млеко да се искапит, и после да се отмермерам. А пак ако влезит царо да се искапит, веднаш ќе се попарит. Вака речи му на царо да сторит.
Едно му кажало на царо момчето и веднаш него го натерал да појди кај дивите кобили да и донесит. Му ја кажало момчето таја работа на коњчето. Коњчето го натерало стопана си да му посака девет коњски кожи да и облечит, та така да појдат кај кобилите, чунки тамо имало еден ат што ги вардел кобилите.
Му зело момчето од царот девет коњски кожи и ш облекло коњчето, та отишле кај дивите али водните кобили крај море. Го натерало коњчето стопана си да ископа една дупка, колку да го бери коњчето внатре да влези и да не се гледа. Откоа му напраи момчето дупката, го натера да се скрие на друго место и коњчето виштало што да можи и не можи. Чул виштењето атот од водните кобили и се пуштил низ море да пливат да види каков коњ виштит.
Во истото време, коњчето беше се скрило во дупката и атот кога дошол не го нашол коњо што вискал. Се вратил назад пак пливајќи. До трипати така беше му виснал, за да го умори пливајќи и после му се јавил на мегдан. Едно видуање атот и му се пуштил да го тепа со клоци. Коа се клоцале, коа се биле едно чудо време. Најпосле паднал ато и се цредал. Едно излегло момчето од кај што беше скриено и му дошло кај ато, го наглаило и си го повел по себе.
Видуање тоа нешто кобилите, тргнале по атот и му ги однесол кај царот. На часо и измолзиле и го натерал царо прво момчето да се искапи, та после тој. Тамам да влезит момчето дошло коњчето до млекото и му шмркнало сета жештина од млекото. Влегло и ништо не му се сторило. Виде царо оти ништо не му би на момчето, се слекол да влези да се искапи, само и само да се откамени девојката. Пред да влези, коњчето укнало на млекото и се вжештило. Влегуање царот и се сварил како бел џигер.
На часо беше се откаменила убаата девојка и се венчала за сина му од Петка лајчаро. Си се сториа цар и царица и пак си освоија сите богаства што беше му и зел царо на сила. Си го викнал татка си и мајка си и сите девет браќа, та сите и оженил и покрај него си и прибрал да си живеат царски и господарски.
Ете како бидуа од татко лајчар син цар и господар!

Комментариев нет: