пятница, 1 февраля 2008 г.

ВИСТИНСКА ОДЛУКА – ЕЈМИ ХЕМПЕЛ

Плоштадот Сидни Лотон е всушност парк за минувачи: нема ниту една клупа. За неколку минути се стасува пеш од едниот до другиот крај. Недалеку оттаму има еден клуб… затоа тука се најдовме со Весли, кај фонтаната “Четири годишни времиња”.
Во фонтаната нема ниту една метална паричка.
- Така е! – рече Весли и според тоа знаев дека донел одлука. - Мислиш дека е злосторство да се смени мислењето? – ме прашува. – Ако можеш да правиш нешто, не значи дека тоа треба да го правиш на сила. Така ли е? Зашто јас можам, но не сакам повеќе – рече тој додека одевме по асфалтираната улица.
Тој зборуваше за глумата. Се уште успеваше да ја засмејува публиката, но сака да престане.
- Мислам дека во прашање е времето. – му реков јас. - Најважно е да се решиш во вистинскиот момент.
- “Три попа влегуваат во бар”.
Еднаш некој си тип го препознал Весли на аеродром и се кладел со него дека нема да успее да смисли виц кој започнува со горе споменатата реченица. Се качиле на авион во Хонолулу и за време на летот до Сан Франциско Весли имал време од пет часа да го смисли вицот “Три попа влегуваат во бар”. Ја добил опкладата, но не прашав колку пари добил.
Отидов по него на аеродром и оттаму веднаш го одвезов во клубот. Тоа обично го прави Ева, но овојпат ме испрати мене. Ева Грант наскоро ќе биде поранешната жена на Весли Грант.
- Ева јавила во хотелот дека ќе дојде вечерва, - рече Весли. – Но, нема да се смее.
- Ниту, пак, ќе можеш да ја слушнеш од шестоте души во публиката. – му реков јас. - Сите места се распродадени.
- Секогаш го слушам тоа. Знаеш, таа сака да купам јахта. Секако, штом се повлечам од сцената.
- А, што и значи тоа? – го апрашав. – И онака сака да те напушти.
- Можеби нема да ме напушти. – рече Весли. – Можеби нема да ме напушти ако купам брод.
Ја беше запознал во еден бар во кој таа танцувала топлес. Наскоро престана да танцува и почна да се занимава со новинарство. Напиша текст за еден неделник, но тие не сакаа да го објават цели шест месеци. Весли го праша директорот на неделникот што не е во ред со текстот, случајно да не не е доволно здодевен.Потоа побара услуга од еден новинар и тој и овозможи на Ева да добие постојана месечна рубрика за телевизиските ѕвезди што исчезнале од екраните.
Весли ја викна конобарката за да нарача нешто посебно. Набргу се врати со чинија полна со компот од праски. Весли извади од џебот шишенце со сируп против кашлица и сиот го изли врз праските.
- Навистина ти се восхитувам, - му реков. – Јас никогаш не би можел да излезам на сцена и да ги засмејувам луѓето.
- Немој да си смешен, - ми рече и почна на сила да ги бута во уста праските, кои станаа црвени од сирупот. – Знаеш што можеш да направиш ти? Можеш да ме скокоткаш.
И тоа вообичаено беше работа на Ева. Тоа е навика од баба му, уште кога бил мал. Скокоткањето за него не беше само обична забава. Ми се довери дека тоа му носи среќа и олеснување секогаш кога се чувствува фатен во замка, немоќен, на работ за да заплаче.
Ритуалот на скокоткање и препуштање на сето тоа, придонесувааа да стане духовит, веројатно е така.
Малку подоцна отидовме во канцеларијата на директорот на клубот за да се напиеме нешто. Весли почна да ги разгледува полиците полни со видеокасети, зеде една и ја стави во видеото. Потоа седна покрај мене.
Тоа беше лента со рекламни спотови, што ги беше снимал за мали, локални станици. Велеше дека и тоа е работа на еден комичар.
На снимката најпрво се покажа Весли во костум, со кравата. Тоа беше реклама за трговскиот центар во Ист Беј.
- Кажи ми кога нема да биде опасно, - ми рече тој, покривајќи ги очите со раце. – Се мразам самиот себе!
Снимката не беше добра.
- Следната реклама најмногу и се допаѓа на Ева.
Рекламата беше за лепак од смола кој продира длабоко и со кој можат да се лепат и пукнатини во бетон. Се гледаше маж кој со очај ги гледаше пукнатините на тротоарот пред својата куќа. Тоа беше некогашниот ортак на Весли, Лери Банкс. Се разделија пред неколку години, кога Банкс реши да се кандидира за претседател на општината.
Весли го исклучи видеото пред да заврши рекламата. Ја отвори вратат и ја замоли конобарката да донесе вотка.
Повторно седна покрај мене и рече дека дошло време за да го промени начинот на живеење, Тоа всушност и го сакаше.
- Само, од каде да почнам? – ме праша.
- Од дребулиите, - му одговорив. Почни од дребулии, па премини на покрупни работи. Исто како кога се средува домот. Прво ќе ја средиш едната соба. Можеби ќе ти биде потребно многу повеќе време за таа една соба, особено ако сакаш тоа да го направиш добро. Ќе почнеш од дребулии и ќе видиш колку се станува големо.
- А, што ако кај мене биде поинаку? – праша Весли. – Можеби се ќе станува помало и помало. На другата страна е сцената, знаеш… знаеш колку е убаво кога си таму, кога ќе се најдам на сцената и немам што да кажам, а нешто мора да се случи!
Се напи голтка вотка.
- Амо има едно нешто што никако не можам да го сфатам, – рече тој. А, ти? Си посакал ли некогаш да умреш? Мислам, си се обидел ли некогаш се да прекинеш?
- Еднаш, - му одговорив. Возев со лудачка брзина и за малку ќе направев судир, но сепак го избегнав.
- Јас не, - рече Весли. – Затоа секогаш велам фала му на Бога што сум лав во хороскоп!
Еден час пред почетокот на претставата Ева стаса во барот. Изгледаше прекрасно. Весли и го кажа тоа, а и останатите присутни му се придружија. Тен како марципан, коса платинесто руса и сјајна.
Конобарката дојде за да праша дали сакаме нешто.
- Не сакам алкохол, - рече Ева. – Само некој газиран сок од лимон. Има ли некој вечерва? Некој Л.А.
Л. А. е агент од Холивуд кој доаѓа на север во потрага по таленти.
- Би требало да е стасан, но го нема, - рече Весли.
- И подобро, - му одговори Ева. – Тие навистина тормозат. Ќе те опсипат со комплименти, а потоа никогаш нема да ги видиш. Така е насекаде.
Ја стави раката на рамното на Весли, а тој се заврте со столчето така што таа можеше со двете раце да му го масира вратот.
- Оваа жена е многу добра кон мене, - рече тој.
- Ќе го запомнам ова, ќе го запомнам. – рече Ева.
- Кој вели дека комичарите немаат обожаватели?
Тоа беше сопственикот на клубот, кој требаше да го одведе Весли на сцената и да и го претстави на публиката. Тргнаа, а Ева и јас му испративме бакнеж на Весли и ги зедовме нашите чаши со пијалак. Поминавме покрај луѓето што стоеја во ред за карти. Покрај билетарницата се наоѓаше големо пано, четири на два метри, со фотографија на Весли. Тоа беше фотографија од рекламен спот што го беше снимал неколку дена поред тоа. Ева ми понуди да го пробам нејзиниот газиран пијалак со лимон. Ја прашав дали го сменила своето мислење во врска со Весли.
- Чувствувам нешто кон него, - ми рече. – Побекогаш тоа ќе згасне… Не ти се чини дека е нервозен?
- Секогаш е нервозен.
- И јас мислам така. Затоа го сакам тој брод. Затоа секогаш сум покрај него.
Светлата се изгаснаа. Сопственикот на локалот излезе на сцената. Го зеде микрофонот и почна да зборува. Поминаа неколку секунди додека микрофонот профункционира.
- Секоја вечер излегувам тука пред вас и ви најавувам дека ќе гледате голема претстава, а вие знаете дека се што ќе ви кажам е чиста вистина. Меѓутоа, вечерва и јас верувам во тоа.
Ева и јас се доближивме, така што рамењата ни се допираа. Слушнавме како го изговараат името на Весли. Рефлекторот што фрлаше сина светлина го следеше додека одеше по сцената. Потоа го слушнавме Весли како и вели на публиката дека е фантастично што е повторно во Лос Анџелес.
На плоштадот Сидни Лотон малите возвишувања правилно се надоврзуваа едно на друго, но дрвјата не делуваат скалдно, а особено паѓа в очи што ги има многу малку. Весли и јас повторно минуваме оттука.
- Направив како што сакаше таа, - рече Весли. – Купив бротче и запловивме по први јули. По ѓаволите, направив онака како што јас сакав. Всушност останав морски волк… вашиот Конрад, вашиот старецот и морето, вашата риба. Убаво е кога се пресекуваат брановите и, во извесна смисла, кога се излегува надвор од сопствените граници. Да нурнеш во водата за да смениш нешто. Кога сме кај Ева, таа не е сигурна дека и натаму се ќе биде како што треба. И реков дека сета мудрост е во следново: јас ќе правам онака како што сакам, а ти, исто така, онакака како што сакам.
Почна да се смее.
- Се ќе биде во ред, зашто ја сакам до лудило. Ја гледам како филм “Ева Грант пере алишта”. А, јас седам и набљудувам.
- Зошто сето тоа не и го кажеш нејзе? – го прашав.
- Па, би можел, - рече тој со сомнеж. Но… сепак можеби јас сум будала.
- Та, можеш ли да се спакуваш и да заминеш? – го прашав.
- Треба да земам уште нешто пари, процент од реклама. “Цемент и пукнатини”. А, Ева се уште може да бара да добива помош. Ако сакаш, можеш да и кажеш дека сум ти го рекол ова.
Едно момче со касетофон на рамото мина покрај нас и не заглуши со музиката.
- Знаеш, - рече Весли како воопшто и да не ја слуша музиката, - кога ќе запознаам некого си велам себеси: ти давам три минути да ми ја покажеш искрата што ја носиш во себе. Кај Ева таа искра постојано се чувствува, а колку долго трае тоа? Затоа не можам, а да не помислам: ние, всушност, можеме да бидеме заедно заскогаш, без оглед на тоа дали сме еден покрај друг или сме разделени!
Пред нас се нишаат тополите, а меѓу нивните крошни се гледа небото.

Превод од англиски: Емил Ниами

Комментариев нет: