пятница, 1 февраля 2008 г.

АРМИЈА Z – ГЕНРИХ ВЕНЈАМИНОВИЧ САПГИР

Се шлаевме по некакви темни улички јас и мојот пријател, а кој беше тој не знам, па убиј ме ако сакаш. Што правевме, исто така не знам. Но, погледнувајќи угоре се вкочанив. На некој начин се најдовме меѓу редови од столбци на весници кои се вишеа кон сивото небо со високи колони. Ме фати паника зашто не знаев каде сме и како оттука да заминеме на некое помирно место. Јас трчав по нејасно напечатените сокаци и улици, од агол до агол. Тоа беше лавиринт, поточно крстозбор кој никако не можев да го решам.
– Оттука, – ми покажа мојот сопатник, и набрзина се симнавме во еден подрум.
– Тука, во овој подрум е напечатено најважното – рече тој.
– Што е напечатено? – прашав јас, иако веќе знаев што.
Знаев, бидејќи во подрумските простории помеѓу белите масички со вази имаше ротациони машини. Тоа беше печатница – кафуле, што мене веднаш ме успокои. Седевме на празна маса, но тоа воопшто не ме збунуваше. Тука келнерите служеа само весници.
– Еве, види, – ми рече мојот пријател, подавајќи ми нови, лепливи, миризливи страници, – Марк ја распуштил својата армија Z.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: