пятница, 1 февраля 2008 г.

БАЛ НА ПРОСЈАЦИ – НИНА БОЖИДАРОВА

Тој не беше вистински сиромашен, но сакаше да биде. Сакаше да биде некој. Или макар нешто. Нешто определено. Мечтаеше за стабилност. За стабилност, на пример, на постојана адреса, за сметка за струја, којашто доаѓа еднаш месечно, со која би можел да се запише во библиотеката на францускиот културен центар. Таму кај нив така е прифатено - сметката го прави човекот. Без сметка може да се оди само на базен. Всушност тоа исто така и не е малку. Во својот роден град тој не можеше да појде на базен затоа што гардеробите беа заеднички за сите мажи. А тој се срамеше. Се срамеше од својата долна облека. И од своето тело. Тоа многу не го правеше очаен затоа што оној кој има долна облека што ја бива за покажување во гардеробата на базенот, тој нешто крие. Или ја изневерува сопругата. Немаше сопруга, а доколку имаше, никогаш не би ја изневерил. А имаше една, Силвета, којашто дури беше подготвена да му стане сопруга, но одбра друг, вистински сиромав. Затоа што другиот немаше автомобил, а во автомобилот радио. Сево ова автоматски го исклучуваше од бројот на вистински сиромашните, ова ја избрка и Силвета, којашто бараше стабилност и јасност на определената ситуација.
Така и сега многу сакаше да отиде на празничниот бал на сиромашни на терасата на Домот на Културата. Таму требаше да има храна и вино, дури и подароци од Црквата. Скромни, се разбира- сапун, средства за дезинфекција и други предмети за прва помош.
Исто така и двајца министри, новинари, телевизија и убавици. За сето ова тој имаше во себе одредена претстава уште од времето кога имаше телевизор. Само со убавиците имаше проблем, зашто телевизорот беше црно-бел, а убавиците добро се гледаат само на колор телевизор.
И еве го веќе влегува во Домот на Културата низ означениот северо-источен влез и еден млад човек го запре. Таков чистичок, светличок, небаре само што изел ориз со полжави, го залеал со пиво, и сега ќе го затскрие со рака ждригањето, а потоа ќе го погали нежното стомаче. Кошулата светеше со свежина од што дури сакаше да подзамиже со очите. Само јаката стоеше накриво и многу сакаше да ја поправи, но беше страшно.
- Каде живееш ?- праша младиот човек.
- Во автомобил. - призна тој.
Младиот човек се намурти.
- Бегај оттука, додека не е доцна. Имаш автомобил, а сиромашен се правиш! Витја, Витја, доаѓај ваму. Ја фрли поглед на јадников! - силно викна младиот човек.
Тој не дочека да се појави Витја, кој го знае...
И сега тој седи во автомобилот, а таму, на терасата на Домот на Културата, сиромашните се веселеа. Имаше програма, уметници, пејачки. И Силвета исто така беше таму. И таму беше празник. Вистински празник за луѓе со определена ситуација. Тој седна поудобно на седиштето и се завитка во ќебето. Тоа беше убаво ќебе од вистинска волна, и си помисли, сепак треба да биде благодарен. На мајка му, којашто му го остави во тестаментот пред да умре. На оној непознатион, којшто му го продаде автомобилот за пола цена. На Силвета, што не се омажи за него. На младиот човек, што не го пушти на балот на сиромашни. Затоа што тој всушност не беше сиромашен. Едноставно не беше доволно среќен, а тоа воопшто не е исто. И се почувствува задоволен и среќен. И загреан од топлото ќебе, заспа таа празнична вечер.

Превод од руски: Костадин Голаков

Комментариев нет: