пятница, 1 февраля 2008 г.

НИЗ ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА - ПОЛИНА САМОХВАЛОВА (ФРАГМЕНТ)

На границата неочекувано дознав дека од февруари на руските граѓани им е потребна виза за да влезат во Македонија! И кога цариниците почнаа да ги креваат рамениците, морав да им се обратам со следниве аргументи: „Имам билет до Скопје! Автобусот ме чека. Не сте ѕверови ноќе сама во Косово да ме оставите!“
Емоциите не дејствуваа на нив, тогаш извадив посилни документи, па реков: „Дојдена сум, можеби единствен пат, да ги видам фреските во Нерези, во Охрид сакав да одам...“, почувствував дека ме разбираат и ми остана само уште еден чекор и победата ќе биде моја. Седејќи во топлата канцеларија, им велам: „Та, православни сме“. Што се случи... во непријатната мртва тишина зазвучеа живи гласови, смеење, одобрувачки интонации! Со сета душа почувствував дека тоа е победа! Луѓето ги скршија стегите што со тешко бреме ги задушуваа. По овој настан уште еднаш се уверив дека има повеќе добри, отколку лоши луѓе. Ми дадоа бесплатна виза во траење од три дена. Имав малку време, требаше да се види најважното, без да се губи време на „стоп“.
Во Скопје стасав доцна навечер, напролет рано се стемнува, па во градот влеговме во мртва темнина. На небото светеше огромен крст, токму меѓу ѕвездите. Крстот над престолнината бил изграден неодамна, на врвот од планината.
Првиот ден од мојот престој во престолнината на Македонија беше овековечен со необичното запознавање со локалниот предводник на кланот, т.е. со сопственикот на еден од најскапите локали на ресторанско-хотелскиот бизнис во Скопје. Беше ноќ. Градот се наоѓа во низина и е опкружен со мали планини. На една од нив се наоѓа најнајстариот храм со најнајстарите византиски фрески од 11 и 12 век. Целта беше близу: пет километри по планината во црна темнина - супер. Си купив леб и млеко и тргнав по патот. Наутро ќе стасам. Ама, ме фати мрза. Стопирав еден автомобил полн со деца, и во десет навечер се најдов на врвот на планината. Тивко и пусто беше на автобуската. Откако се симнав малку надолу открив раскошен ресторан, чии прозорци откриваа поглед на целиот град и на црквата во Нерези, која се наоѓаше до него.
Храмот беше мал - 15 метри во должина, на приземје. Бил изграден по византиски терк: градбата е крстово-куполна, фасадата е обложена со редување варовен туф и црвена тула, тесни прозорци со голем број кружни прозорчиња, покривот и петте конусовидни куполи се обложени со ќерамиди. Фреските во Нерези се еден од најзначајните споменици на византискиот живопис од 12 век. Самата црква „Свети Пантелејмон“ во 1164 година ја изградил принцот Алексеј, син на Константин и Федора, ќерка на императорот Алексиј Први.
Беше некаде околу полноќ и требаше да се прави нешто цели 14 часа до отворањето на музејот. Студот и ветерот наполно ме опфатија - сепак на планина сум. Шетајќи околу храмот открив еден отворен ресторан и два сосема затворени хотели. Според ресторанот, хотелот не беше за мојот плиток џеб. Откако поразговарав со вработените, добив одговор: „Газдата не е тука, не можеме да ви помогнеме“. И со чуварот на хотелот се случи истото. Накратко, немаше каде да преспијам. Го разработев својот систем за барање и се искачив на вториот кат од хотелот, на балконот. Седам, мрзнам, а потоа си реков: „Дај да видам можеби не се затворени сите врати, можеби има некоја отворена“. И така и се случи, првата врата, која излегуваше на еден огромен балкон, беше отворена. Во клучалката имаше клуч, вратата не беше заклучена. Моето љубопитство ме понесе кон следните настани. Кога влегов во првата соба решив да преспијам во неа. Се измив. Откако влегов видов соба од пет ѕвезди со телевизор, со огромен кревет врз кој беше послана прекрасна прекривка. Најпрво решив да си легнам во собата, потопло е во неа. Потоа помислив на тоа дека не е убаво да се испружиш во туѓ дом без прашање (на мечките во сказната тоа не им се допадна, па може и на Македонците да не им се допадне). Во ред, отидов во претсобјето, ја тргнав прекривката, но јорганот не, зашто може да дојдат гости, па јас ќе си станам и ќе си излезам. Ама, работата тргна поинаку, совеста не ми даде да заспијам, постојано ме беспокоеше и ми гребеше по умот: „Поља, не е убаво да влегуваш во туѓ дом“. Со големо олеснување излегов од убаво уредената празна соба.
Ама не можев да се смирам, љубопитството продолжи со барање: решив да ѕирнам и во соседната соба. И што мислите? Кој беше таму? Тоа го сфатив доцна, вратата предавнички зачкрипе и нешто ѕвекна. Ужас, обеспокоив некого, гледам: огромен Македонец во тренерки со кадрава бујна коса и со цврсто, баш атлетско, тело, излезе и вчудовиденоно ме праша што правам тука ноќе, на приватна територија. (Потоа излезе дека хотелот е негов!) Без да се збунам, јас со полна увереност реков: „Седам и чекам да се отвори музејот, хотелите се затворени, немам каде да преспијам. Јас сум учителка од Русија, дојдов да ги видам македонските фрески“.
Кратко зацарува пауза, се извлеков без викање и грубости. Типот кажа нешто на руски, влезе во собата и се врати со последен модел мобилен. Повика неколку келнери, поразговара со нив, а тие му објаснија дека ме знаат. Тогаш тој (Бранко, локален магнат) почна да се јавува некому, да се договара за нешто, а по извесно време ми го подаде својот мобилен и ми рече: „Сега ќе зборуваат со вас на руски“. И навистина, еден пријатен женски глас ми го кажа следново: „Вас, Полина, ве канат утре во музејот на кафе, а денес преспијте во хотелот на Бранко. Само запомнете дека не смеете да излегувате од собата пред 9 часот, зашто чуварот ги пушта кучињата од кафез, кои ја чуваат територијата цела ноќ. Јасно ви е?“

Превод од руски: Емил Ниами

Фрагментот е дел од книгата „Македония глазами россиян„ (Македонија во очите на Русите), која кон крајот на минатата година излезе во Москва, а повеќе за патувањата на авторот низ просторите на поранешна Југославија можете да најдете на: http://autostop.chat.ru/STORYS/story21.htm

Комментариев нет: