вторник, 5 февраля 2008 г.

ТАА ГО ГЛЕДА НЕГОВОТО МРТВО ТЕЛО НА СТРАДУН - ГОРДАНА МИХАИЛОВА БОШНАКОСКА

Го носат мртов, оладен,
мојот љубовник,
младите момчиња од Дубровник,
на раце го носат,
а јас сé уште стојам
како лист хартија на неговата работна маса
и не можам да им викнам:
еј, вие таму, застанете,
сопрете,
тој не е тој вистинскиот мртовец
на мојата љубов,
тоа е неговата голема измама
што вие сега ја носите,
само привид на него самиот,
тој е овде над мене,
погледнете меѓу моите дојки
лежи неговата глава,
тој е лажица
во која јас лежам,
немојте да фрлате невин мртовец
во морето,
да го јадат морски риби
и солената вода.
Тие ништо не слушаат,
поминуваат покрај мене
и заминуваат,
и тој ми мавна со рака
и ми се насмевнува:
јас сум сé уште твојата лажица
во која ти лежиш.
А пријателите,
тие констатираа:
тој е сосема изменет,
овој мртовец не е тој.
Таа смрт од дванаесет години
тоа е неговиот живот.
Збогум, му велам
удави се во морето на мојата кожа,
влези во нејзините пори
и потони длабоко,
најдлабоко,
во рибата,
во отворената школка,
во бисерот на слатката измама.

Комментариев нет: