пятница, 1 февраля 2008 г.

НОЕВ КОВЧЕГ - ВАДИМ ФЈОДОРОВИЧ ТЕРЕХИН (ФРАГМЕНТ)

Во Македонија Владимир Костров, Марина Струкова и јас дојдовме преку Софија. На аеродромот не пречека еден пријатен и паметен човек, професор по руски јазик, Чедо Цветановски. „Чедо е толку добар, како Карлсон е“, рече за него малата руска девојка. Тој стана наш ангел-чувар цело време додека бевме таму, благородно прифаќајќи ја врз себе тежината на секојдневните и други грижи, кои се неизбежни на вакви патувања.
По прошетките низ Софија, заедно со другите странски гости се качивме на автобус и тргнавме кон местото на средбата. Откако човек ќе ја помине бугарската граница, сфаќа колку е различен животот на овие слични по клима, јазик и по други белези, земји.
За разлика од запуштената Бугарија, каде што речиси физиолошки го чувствуваш падот, Македонија има убави патишта, средени куќи со покриви од ќерамида, чистота и уредност во попатните кафулиња.
Прво со што ќе се сретнете во оваа земја се чудесната добрина и гостољубивоста на домаќините, особено кон претставниците на далечната Русија. Русин е еден вид лозинка, која пред тебе ги отвора сите врати.
Македонија е во поголем дел православна земја и тие во нас не гледаат само браќа по крв, ами и по вера. Почитта кон Русите е толку голема што понекогаш можеш да се збуниш кога ќе сфатиш колку не знаеме да ја оправдаме.
Одиме низ планинско кривопаќе преку Скопје (престолнината на земјата), кон местото каде што се одржува фестивалот, градот Струга, восхитувајќи им се на прекрасните пејзажи и на умешноста на возачот за маневрирање. Се стемнува и многубројните „огни“ во куќите, кои ги сочинуваат селата на планината и служат како волшебно осветлување. Расфрлени по падините, тие небаре формираат прав пат што оди нагоре, кон ѕвездите, каде што земната светлина се слева со небесната. На малкуте постојки излегуваме од автобусот за да подишеме од лековитиот воздух, да се напиеме планинска водичка и да се видиме.
А кои се тие поети од разни земји? Таква егзотика првпат гледам - само два автобуса носат живи, највпечатливи, како што се смета, носители на емоционалниот и на интелектуалниот живот од Европа, Азија и од Америка. Во хотелот „Дрим“, кој се наоѓа на брегот на прекрасното Охридско Езеро, не чекаат главните организатори на форумот - поетот, главен уредник на весникот „Македонско дело“ и претседател на фестивалот, Братислав Ташковски, и извршниот директор, поетот Богомил Ѓузел.
Со трудот, трпението и со енергијата на овие луѓе живеат „Струшките вечери на поезијата“.
Фестивалот почна со капење во езерото и со запознавање. И Русите и Македонците со нетрпение го очекуваа доаѓањето на познатиот академик и поет Гане Тодоровски, кој со едно видување умее да му ги даде на кој и да е литерат толку потребните хармонија и шарм. Гане и припаѓа на таа ретка група луѓе.
Тој успеа да ги преведе речиси сите руски поети. При што тој го стори тоа лесно и префинето, комбинирајќи го трудот на литератот со тешката обврска на македонски амбасадор во Русија.
На крајот дојде Гане Тодоровски и природниот, лесен муабет во фоајето на хотелот полека беше заменет со сериозни дискусии и паметни размислувања на тема „Поезијата и религијата“. Дискусијата беше длабока и содржајна. Владимир Костров како рамнотежа на кажаното ги цитираше стиховите на А. С. Пушкин од „Пророкот“, појаснувајќи дека за руските поети темата за која се разговараше е сосема отворена и ги повика да ги послушаме современите пророци.
Но, немавме многу време за разговор. Во ноќното небо, како симбол за мир и дружба, беше пуштено јато гулаби. Се слушна празнична стрелба.
Поканувачки зазвучеа фанфарите, поетите, а исто така и нивните многубројни почитувачи ги зазедоа своите места во салата на Домот на поезијата (постои таква во Струга), за да почне првото, официјално, меѓународно читање - „Меридијани“.
Фестивалот во мене уште еднаш ја зацврсти вербата во правилно избраниот пат и уште еднаш ја запали желбата да ја работам својата работа колку што е можно подобро, без разлика на се. За тоа сум им благодарен на гостопримливата Македонија и на сите нови другари. Се се менува, но Зборот останува.

Превод од руски: Емил Ниами

Комментариев нет: