пятница, 1 февраля 2008 г.

ДОЛГ ДЕН - ПЕТАР ЛАЗАРЕВСКИ

Беше тоа долг ден. Неверојатно долг. Времето стоеше. Бев испотен - жива вода.
Имав намера да побегнам некаде. Само да знаев каде…
Сопствената кожа ми беше претесна. Во градите чувствував притисок од напорите на душата да излета надвор.
Во џебовите имав понекоја пара. Доволно за три кутии цигари. Малку за билет за еден правец.
Бев затворен во една смрдлива дупка со толпа луѓе што претаа во иста кал.
Очите ми отапеа. Животот го знаев само по сеќавање. Се сеќавам дека некаде има мориња, езера, шуми, планини, небо…
Сакам да газам по вода, низ шуми, снегови…
Само сеќавање. Најчесто се сеќавав навечер. Жегата ќе попуштеше, мозокот се ладеше, а сеќавањата навираа.
Дење, зовриениот мозок, не знаеше ништо. Понекогаш ми беше дури и тешко да се присетам дека некаде има луѓе, луѓе што се смеат, луѓе - пријателски расположени, луѓе што се љубат, луѓе што се заедно, а не самци, осамени како крајбрежни карпи.
Ако постои најлоша болест на светот, тоа сигурно е самотијата…
Долг ден. Грозно.
Се сеќавам на една ноќ, кога срипав од сон. Ги отворив очите; во собата беше полутемница. Станав, појдов до прозорецот. Беше време да зазори. Нешто ме исплаши во сонот, но помислата дека не сум сам, ме смири.
Помислив колку е убаво тоа што некој те сака и некому му требаш. Не си осамена карпа на морскиот брег.
Ме обзеде тоа чувство на припаѓање и ме смири. Се вратив во креветот да продолжам да спијам. Заспав со мисла дека, по неколку часа, ќе се сретнам со Неа. Помислив дека ќе се насмее на мојот бесмислен страв од самотијата.
Следниот ден Таа ме напушти.
Долг ден.
Во мене немирот растеше до несносливост.
И сплавнуваше до рамнодушност.
Апатија! Меланхолија, - основни состоки на една долга самотија во еден долг ден.
Одамна никој не спие покрај мене. Одамна никому не ум му кажал што ми е. Одамна не сум се глупирал само за нечии очи. Одамна не сум се смеел - онака, без врска, од срце. Одамна.
Долг ден.
Тој ден посетував некои места, каде што често одевме кога бевме заедно. На тие места кажував нежности какви никому, дотогаш, не бев кажал. Нежности, за кои ни самиот не знаев дека постојат во мене; ниту било каде.
Долг ден.
Очајно тргнав по симпомите на мојата самотија и она чувство на празнина.
Пред очите сé ми беше зелено и мирисаше на Неа.
Понекогаш знаев да познаам што мисли. Понекогаш се криеше, пред да разгледам светлина наоколу…
Долг ден.
Самракот почна да доаѓа. Врелината почна да ја ослободува дупката во која скапував. Мозокот ми проработи и јас почнав повторно да се сеќавам на еден феномен, наречен - живот.
Беше тоа долг ден.
Ноќта само што падна. Седев на едни скали, на кои обично седевме заедно.
Над мене беа обесени грст ѕвезди. Точно над мојата глава, во правилен распоред, по небото се тркалаше Големата Кола.
Во рацете држев парче студен челик. Без многу двоумење, го долепив до слепоочницата.
За миг, околу мене, како сé да запре во расчекор. Во возудхот се чувствуваше исчекување. Конечен исход… Во лисјата - тага од моите немири. Таа секунда беше простување од сеќавањето. Потоа го ставив прстот на чкрапалото. Повлеков и… пак се разбудив.

Комментариев нет: