пятница, 1 февраля 2008 г.

ЕДНО УТРО НА УЧИЛИШТЕ – ДОРА ЛИВЛИ

Едно утре, за време на собирот во училишната сала на кој присуствуваа учениците од сите класови, петнаесетгодишната Клара Тилинг се соблече и полугола помина низ редовите построени ученици, покрај директорката и професорите и излезе во ходникот. Сето тоа се случи со голема брзина. Само кратко се слушна голма врева, како ненадеен шум на ветерот низ гранките на дрвјата. Директорката за момент го прекина излагањето за натпреварот во тенис, а потоа продолжи со решителен глас.
Холот беше празен. На изгланцаниот под Клара можеше да го види својот одраз: изгледаше како розевкаста размачкана дамка. На едниот ѕид беше поставено големо огледало, крај огромниот фикус беа поставени удобни фотелји за родителите, а покрај нив пепелници на сталаци. Еднаш и Клара седеше тука со мајка и, чекаше да ги прими директорката.
Минувајќи низ ходникот дојде до својата училница во која исто така немаше никој. Ја извади работната кецела за в лабораторија од орманчето во аголот, ја облече и седна во својата клупа.
Не поминаа неколку минути кога во училницата влезе професорката Метјус. И го донесе фустанот и чевлите.
- Да сум на твое место би се облекла - и рече. – Сакаш ли да си одиш дома?
Клара замавна со главата.
Цело претпладне ја загледуваа, и се насмевнуваа како да и беа соучесници. До попладнето таа беше во центарот на вниманието, а потоа ја заборавија. По ручекот и рекоа да се јави кај директорката пред да замине дома.
Канцеларијата на дирекрорката повеќе личеше на дневна соба. Пред бирото стоеја удобни фотелји, на ѕидовите имаше убави слики, над каминот стоеја фотографии од нејзиниот сопруг и децата, а во еден агол стоеше како заборавена една голема кеса од некоја стоковна куќа. Кога Клара влезе во канцеларијата директорката пишуваше нешто.
- Здраво, Клара. Седни - и рече дигајќи го погледот кон неа. – Само да завршам.
Клара седна и се загледа во фотографијата на сопругот на директорката кој носеше очила во правоаголна форма, а потоа ја погледна фотографијата на нејзините три деца: сите беа исти, само на различна возраст.
- Ете, готово – рече директорката поднаместувајќи се на своето столче. – Во ред, дали сега можеш да ми кажеш што беше она утрово?
- Не знам – одговори Клара.
Директорката ја погледна замислено. Очите на Клара се сретнаа со нејзините. Пред да настане непријатна тишина директорката си ја поднамести косата.
- Јасно ми е дека не знаеш - и рече. – Се обиде да свртиш внимание на себе?
- Изгледа дека го постигнав тоа – одговори Клара. – Го направив она што го направив.
- Во ред - и рече директорката. – Добро. А, што мислиш сега за тоа?
Клара се обидуваше да дознае што чувствува, но не и тргна од рака.
- Не знам – гласеше одговорот.
Директорката повторно потврдно кимна со главата, а потоа се загледа во фотографијата на нејзиниот сопруг, како да бара совет од него.
- Дали е сé во ред кај тебе дома?
- Да, сé е во ред – одговори Клара. Сé е во најдобар ред.
- Да, да – продолжи директорката. – Си мислев во IVб има неколку ученички на кои родителите им се разведени, така? Мери, Сузи Таланс, Рејчел...
- И Миџ – додаде Клара. – И Луси Потер.
- Да. Пет. Со тебе се шест. Слушај, што се однесува до училиштето добро ти оди. Би можела да имаш подобри оценки по физика и хемија, но сé друго е задоволително. Дали сé уште се дружиш со Ли Рејмонд?
- Да. И со Стефани.
- Би сакала секој од вас да дојде кај мене доколку наиде на некој проблем. Дури и ако излезе нешто што изгледа безначајно. Ме разбираш? Ќе и напишам писмо на мајка ти. А ти, ако почувствуваш потреба повторно да направиш нешто вакво, дојди прво кај мене за да поразговараме.
Директорката се насмевнуваше, така што и Клара и се насмевна. Беше јасно дека разговорот е завршен. Стана и тргна. Додека ја затвораше вратата уште еднаш погледна кон директорката. Таа повеќе не се смееше, можеше да се каже дека е загрижена.
Кога стигна дома мајка и седеше во кујната, пиеше чај и читаше некој илустриран магазин. Работеше во ординацијата на еден забар и имаше флексибилно работно време. што значи дека работеше кога сакаше. Во моментот не и одговараше попладнето да го помине на работа зашто нејзиниот пријател, Стен, беше глумец и само тогаш можеше да биде слободен.
- Здраво, што има ново? - и рече мајка и.
Истото го прашуваше секој ден. Клара и одговори дека нема ништо ново, па мајка и продолжи да си чита. Малку подоцна и го подаде часописот на Клара и отиде во бањата. Клара испи две шолји чај, го прелиста часописот и потоа почна да учи за другиот ден.
Писмото од директорката стигна по неколку дена. Тоа утро Клара ја виде адресата отчукана на машина пишување и веднаш знаеше за што станува збор. Во тој момент од собата излезе Стен и тргна накај бањата. Тивко си потпевнуваше.
- Здраво, како си? - и рече. - Еј, имам нешто за тебе. Два билета за претстава. Можеш да земеш некоја другарка со себе.
Зад себе остави мирис на јак парфем. По мирисот знаеше дали е тој тука или не уште пред да ја отвори вратата.
- Благодарам. Навистина се радувам. – му одговори и си отиде во својата соба.
Кога повторно излезе од собата обајцата појадуваа. Мајка и ги отвораше писмата.
- Кафето ти е на шпоретот, душо - и рече.
Потоа го отвори писмото од директорката и почна да го чита. Во првиот момент беше збунета, а потоа почна да се смее.
- Не ми се верува! Клара, не ми се верува! Стен, знаеш што... Неверојатна девојка! Замисли што направила. Се соблекла пред цело училиште.
Му го подаде писмото и тој почна да го чита.
- Браво, Клара, фантастично! – извика задоволно. – Тоа е вистински предизвик! Браво!
Во мигот на воодушевување ја удри по рамото и девојката се вкочани. Мајка и престана да се смее.
- Ова е последно нешто што го очекував од тебе! – продолжи замислено. – Отсекогаш беше мошне срамежлива. Навистина. Стен, ми текнува како седи на плажа завиткана во пешкир и постојано се грижи да не ја види некој додека се преоблекува. Имаше десет години. А, кога почнаа да и растат градите цело време се завиткуваше. Ни денес не можам да ја натерам да го соблече оној едноделен костум за капење, а баш има убава фигура.
- Извонредна! – одговори Стен додека замислено го пиеше кафето.
- ...и затоа таа приказна ми звучи неверојатно. Стварно, душо, тоа е неверојатно!
Мајка и изгледаше многу расположено и гледаше преку масата.
- Добро е што директорката не направи скандал од тоа. Мисли дека само требала да ме извести. Сака ли некој уште кафе? Еј, ептен се задржавме! Ветив дека денес ќе дојдам порано... Одиме. Остави ги шолјите, душо. Ќе ги измијам кога ќе се вратам. Ајде. Одиме, Стен.
Клара продолжи да седи на маса. Изеде еден тост и го испи кафето. Мајка и и Стен се брзаа, таа ја бараше чантата, а тој винтјакната, а потоа истрчаа извикувајќи “чао”. Дури откако се слушна трескањето на вратите од колата Клара почна да плаче. Солзите и го облија лицето кое се грчеше како на исплашено дете, и и ги воденеше рацете кои беа прекрстени на масата.
Превод од англиски: Емил Ниами

Комментариев нет: