пятница, 1 февраля 2008 г.

СЕЌАВАЊЕ – ЈУДОРА ВЕЛТИ

Едно летно претпладне, бев дете, лежев на песокот по пливањето во езерцето во паркот. Беше пладне. Сонцето печеше, а водата беше како челик, сосема неподвижна, ако не се земе предвид мрешкањето што настануваше околу телата на пливачите во далечината.
Беше распуст и единствените што можеа да безделничат во паркот беа децата кои немаа што да прават или старци кои се свесни дека повеќе за ништо не ги бива: така барем јас мислев во тоа време. Бев на тие години кога имав сопствено мислење за секого и за сé она пред кое ќе се најдев, иако беше доволна некоја ситница за да се исплаШам. Кога ќе се случеше некој или нешто да го оправда моето мислење или да ги изневери моите очекувања, ме фаќаше паника од чувството на напуштеност и загрозеност која како остра болка ме погодуваше в срце.
Мојата состојба на постојана возбуденост беше посилна, а можеби и предизвикана, од фактот дека се вљубив за првпат. Одненадеж ја запознав љубовта. Чудно е како понекогаш, дури и сега, мошне силно се сеќавам на тоа утро кога ја допрев дланката на мојот избраник (тоа се случи сосема случајно, а тој се правеше дека не забележал) во моментот кога се сретнавме на училишните скали. Треба да додадам, а на тоа не треба да се чудите, дека момчето воопшто не ми ни беше другар. Не прозборевме ни збор, ниту пак со нешто си покажавме дека се познаваме; сепак, цела година без објаснување му се препуштав на сеќавањето на тој момент, на таа кратка средба на скалите.
Љубовта уште повеќе ја изостри мојата потреба да посматрам сé што се случува околу мене. Благодарение на постојаната напнатост речиси успевав да водам двоен живот, да бидам набљудувач и да бидам некој што сонува. Сакав моите претстави да се поклопат во целост со настаните на кои бев сведок. Така на училиште цел ден бев во состојба на возбуденост, страв дека ќе се случи нешто непријатно. Здодевноста и точниот распоред на часовите за мене претставуваа некаква заштита, но сепак сосема јасно се сеќавам на денот кога на часот по латински момчето во кое бев вљубена ( и кое постојано го набљудував) нагло го принесе шамивчето кон лицето.
Од носот му потече крв, а јас видов како таа, со црвена боја, капнува на шамивчето и на неговата отворена дланка. Таа мала незгода што му се случи на мојот другар за мене беше стравичен шок; дојде неочекувано, а беше застрашувачка. Можеби сто тоа може да се објасни фактот што до денес не можам да гледам крв.
Никогаш не донзав каде живее тоа момче, ниту кои се неговите родители и поради тоа сета година на мојата вљубеност ја чувствував како некаква нелагодност. Ми беше неподнослива мислата дека неговата куќа е можеби неуредна, со излупени ѕидови, дека татко му и мајка му се запуштени, нечесни, парализирани, мртви. Постојано ми се чинеше дека над неговата куќа виси некоја опасност: се случуваше да замислувам како се запалила насреде ноќ и како тој страда. Кога следното утро ќе се појавеше на училиште, еден негов поглед, случаен, можеби и несвесен, беше доволен да ги растера моите фантазии. Но, наместо моите стравови да станат помали поради тоа што тој не знаеше за нив, тие стануваа уште поголеми. Будно го следев секое негово движење, обидувајќи се да го научам, да го имитирам, да го проверам. Се сеќавам дека имаше обичај да седи во клупата и да ја клати ногата, сосема полека, речиси не допирајќи го подот.
Тоа сончево претпладне, додека лежев на плажата, мислев на мојот избраник и во еден момент, сосема спор, вонвременски, повторно го доживеав она кога со раката ја допрев неговата дланка. Од тоа може да се испреде долга приказна. Но, како игла, низ потокот од моите мисли влегуваа и излегуваа деца кои трчаа по песокот, дабови кои со своите крошни го наткрилуваа покривот на ве белиот павилјон, спори движења и смеата на возрасните кои, бегајќи од градот, лежеа на брегот. Ни сега не знам што беше повистинито, сонот кој самата го поттикнав или гледката со капачите.
Не забележав кога капачите се сместија токму тука, сосема близу до мене. Можеби и сум задремала, а тие токму тогаш дошле. Во секој случај, покрај мене се наоѓаше група луѓе кои изгледаа како да се преокупирани со некоаква чудна случка. Тоа беа еден маж, две жени и две деца.
Очигледно беше дека момчињата се браќа зашто и двајцата имаа измазнета светла коса што блескаше на жешкото сонце. Образите на поголемото момче беа толку буцкасти што очите одвај му се гледаа, но јас сепак лесно забележав како гледа со пакост додека трчаше трапаво наоколу. Помалото момче беше слабо и немирно, со едно посветло перче од косата која беше залепена на челото од постојаното нуркање во езерото каде панично се фрлаше кога неговиот брат ќе почнеше да го закача.
Тука, покрај нив, лежеа возрасните, маж и две жени. Изгледаше како мажот да е отепан од жештината и блескањето на сонцето. Лежеше настрана и напати со раката земаше песок и ја тураше врз купот што се беше направил помеѓу нозете на постарата жена.
Неподвижна, не мрдајќи ниту еден мускул, таа ги следеше сите негови спори и расеани движења. Беше во костим за капење кој воопшто не му одговараше на обликот на нејзиното тело. Мускулите и беа како перничиња, крушковидните гради ѕиркаа од костимот и ми се чинеше дека и при најмало движење тие ќе се претворат во безлична, застрашувачка маса.
Помладата жена лежеше покрај нозете на мажот, намуртена и склупчена. Носеше светлозелен костим и ми се жинеше дека во секој момент може да излезе од него како дух од шише. Можев да замислам каков бес врие во тој мал злодух, макар што и таа лежеше не мрдајќи се и гледаше како мажот тура песок помеѓу дебелите нозе на постарата жена која безпрестан се смееше со некаков едноличен тажен тон.
Потоа видов како мажот подига цела рака полна со песок и, додека жената продолжуваше да се смее, и ја тури во костимот, помеѓу крупните и млитави гради што предизвика општа радост. Се насмеа и немтурката и, како да добила напад на веселост, стана и почна да потскокнува и да мафта со нозете што и беа вкочанети од неприродната положжба. Мажот се насмевна, ги погледна сите расеано, а потоа го усмери погледот некаде во далечината, кон езерото.
Тогаш девојката во зелено почна да трча наоколу како вртимушка. Со подадени раце тргна кон момчињата што врескаа и им се приклучи во бесмислената игра. Помалото момче исчезна во водатата, а поголемото се качи на клупата што претходно не сум ја видела. Сите се смееја кога тој, онака тежок и смешен, скокна на потпората од клупата за потоа да се стркала во песокта. Дебелата жена се наведна кон мажот насмевнувајќи се задоволно, а момчето почна да вика нешто покажувајќи со прстот во нејзин правец. Тогаш и девојката во зелено затрча кон клупата како да сака да ја уништи и, со сила од која ми запре здивот, скокна и се најде врз неа. Но, тоа не го забележа никој, со исклучок на помалото момче кое истрча од водата и почна да ја удира со прстите по боковите; можеби сакаше да и честита, а можеби само да ја закача; таа со лутина го турна во песокот.
Замижах сакајќи да се оттргнам од нив и нивните шеги, но и понатаму ги гледав. И понатаму ги слушав нивните гласови.
Се обидував да најдам прибежиште во своите најскриени сни, во сеќавањето на допирот на дланката на момчето што го сакав, на скалите. Си лежев така, гледав и мижев. Заслепувачката светлина, а потоа темнината беа како промената на денот и ноќта. Сласта на мојата прва љубов како да сакаше да ме одведе во мрак, нишајќи ме полека со ветрецот. Им се препуштив на тие чувства што ми беа блиски, но приказната за мојата љубов, особено оној дел за средбата на скалите, одеднаш исчезна. Повеќе не можев да сфатам зошто сум среќна: мојата среќа не можеше да се објасни.
Во еден момент ја кренав главата и видов дека дебелата жена стои пред мажот кој се смееше. Се наведна и го соблече горниот дел од костимот, а потоа се растресе така што од него почнаа да излегуваат грутки песок.
Кога конечно испловив од убавината на сонот, мојот поглед се сретна со пустата плажа. Сите заминале.
Тоа беше моето последно претпладне на плажата. Се сеќавам дека долго лежев обидувајќи се да го замислам моментот на повторно враќање во училиште. Јасно можев да видам како момчето во кое бев вљубена влегува во училницата. Ќе го набљудувам со искуството од плажата, со искуството што се спои со мојот сон и ја збогати мојата љубов. Успевав да замислам и како тој мене ќе ме погледне, без зборови, тоа момче, ни високо ни ниско, осамено и беспомошно, со руса коса, безгрижен поглед кој ќе биде насочен некаде над мене, низ прозорецот.

Превод од англиски: Емил Ниами

Комментариев нет: